Press "Enter" to skip to content

Боби Поповски, музичар, живеам во Бризбејн, Австралија, но Битола и Широк Сокак ми се во душата, во емоциите во песните е носталгијата за Битола (фотогалерија)

Жанета Ристевска

-Секоја вечер ја сонувам Битола, Широк Сокак… со мисли за Битола си легнувам, со Битола си станувам. Тоа е таа носталгија и цената која ја плаќам во туѓина за овие 30 години колку живеам во Австралија. Напишаниот стих “Тргнав млад по цел свет, останав тука цел век…“   автобиографски. 

-Доаѓам скоро секоја година, но кога сум во Битола, гледам што повеќе време да поминам на Широк Сокак од каде ја црпам цела инспирација за моите стихови и песни… Се што гледам таму има симболика. Гаргулите по фасадите на куќите стојат тука за да потсетат на некое старо време… Поставени за да штитат и да ја одбиваат негативната енергија. Најголема љубов – Битола, музиката, мојата мајка, секако најважно семејството, моја најголема поддршка за се во животот. Емотивен сум, романтичен знам и ружа да подарам на мојата сопруга и по долги години во брак…“Вака зборуваше за себе, со емоции за својата Битола, низ нашиот разговор, Боби Поповски, кој 30 години живее во Бризбејн (Квинсленд Австарлија). Боби е музичар, композитор и текстописец и творец на антологиската староградска песна “Пусти мерак Ратке“. Оваа година Боби Поповски повторно со песна на Фестивалот на староградска песна „Ех таа серенада – 2023“, што беше повод за нашиот разговор. Разговорот започна со тоа како се создаде „Пусти мерак Ратке“  напишана врз основа на вистинска случка.-Тоа е приказна за љубовта. За таа љубов слушав низ разговорите на мојата мајка Соња и тетка ми Ратка Поповска сестра на татко ми, една од првите пејачки во Радио Битола во 50-те години од минатиот век. Како млада била вљубена и во врска со момче, но се скарала со момчето  и во неколку недели заради некој инает се омажила со друг, мојот тетин… Но “момчето“ заради непрежалената љубов, се разболело, бил и во болница еден период. Подоцна создал своја фамилија, но до крајот на својот живот тагувал по Ратка неговата непрежалена љубов. ..„Години поминаа, коси побелеа, многу лета Ратке во солзи легнувам, не знам дали ќе се разбудам“.

Низ разговорот кој го водевме Боби рецитираше делови  од песната и не можеше да ги сокрие солзите. Заплакав и јас… Јас сум емотивец, но зарем треба и да се зборува повеќе за оваа песна која секогаш буди емоции и солзи“.Песната „Пусти мерак Ратке“е ваша прва песна, но  го одбележа вашето музичко творење. Ве препознаваат по неа… Остана рефренот„Пијан да бев ќе се отрезнев, болен да бев јас ќе оздравев, ама пусти мерак Ратке по тебе никако да помине“ да се пее…

-Приказната за изгубената љубов ја носев  во срцето. Интуитивно како дете на свои 11,12 години ми остана во сеќавање се…приказната за љубовта, меракот, но и инаетот заради кој не се остварила љубовта…  За да многу години подоцна кога се случи „Серенада на Широк Сокак и после настапот на Наум Петрески и победа со песната „Русе ле моме убаво“ 1999 година, поттикнат од желба и моментална инспирација ми дојде идејата за музика и текст за Ратка…. Песната која ја создадов дојде во раце на младиот пејач  Горан Тодоровски кој маестрално ја изведе  „Пусти мерак Ратке“ на фестивалот на староградска песна „Серенада на Широк Сокак“ во 2000 година. Во позадина изведувајќи ги долните тонови, го придружуваше мојот татко … кој го даде и оној шмек градски, беомски и емоцијата, можеби и заради тоа што  беше сведок на цела сторија за љубовта и се што се случувало тогаш. Песната ги собра сите можни награди : 1-во место од жири, 3-то место од публика и Гран-при од жирито на фестивалот. Останува како една од најдобрите ново создадени староградски песни и без која не може да се замисли секоја прослава или седенка…Прва песна која и го одбележува не еден начин стилот на музичко творење.За себе…

… Потекнувам од стара битолска фамилија чии корени датираат  300 години наназад. Живеев на улица “Маркс и Енгелс“ на неколку метри од Широк Сокак, каде растев по улиците и сокаците битолски близу кафеана “Корзо“. Уште ги чувствувам тие мириси во сите годишни времиња, посебно мирисите на летните ноќи. Ми одзвонува музиката од терасата на кафената „Корзо“ каде Боцкинот со својата виолина свиреше… Многу ја сакав музиката. Таа ми е во гените, сите од мојата фамилија се музикални. Дома кај нас се слушаше шлагерска музика Тереза, Оливер Драгојевиќ, Мишо Ковач, Кемал Монтено. Со тие звуци и јас растев. Тоа останува во нас. Со музика се занимавам од кога паметам за себе, значи од најраните детски денови. На некои 5,6 години, Од мал на импровизирани инструменти свирев или фаќав ритам, се гледав во огледало. Не сум музички школуван, но по слух создавам песни. Мојата голема љубов кон музиката и талентот го направија своето и на свои 15-16 години моите ми купија гитара „Наклада“ Загреб, која ја чувам и ден денес. Некаде во тој период почнуваат и моите посериозни почетоци со музика. Мојата прва група беше група Медиум, формирана после моето враќање од војска во далечната 1989/90 година. Jас бев вокал и тапанар,  фолкерот Борче Наумовски, Александар Размовски гитара и Маријан Нечак (денес пишува театарска музика). Бевме доста активни за тоа време…Свиревме поп, рок, народна музика, но свиревме и свадби. Потоа  свирев и со маестро на виолина Борис Талевски Боцкинот во ресторант „Корзо“, каде исклучиво свиревме староградска музика. Ми се исполни желбата која ја имав уште како дете. Потоа  во 1994 заминав за Австралија, но музиката до денешен ден е мој составен дел од животот… Живот во Aвстралија од 1994 

-Живеам со семејството во населба меѓу Сити Бризбејн и Голд Коаст во Квинсланд Австралија. Заминав во 1994 година мислејќи за одреден период, но останав цели 30 години. Тоа е животот, не се планира и кога ќе навлезеш во „машинеријата“ таму, тешко се излегува така да кажам по свое. Но душата ме боли за Битола и Широк Сокак, тоа секогаш го кажувам. Моите емоции низ песните се одраз на носталгијата. Животот во Австралија е всушност многу различен свет од тука. Но јас се уште обидувам  и го живеам нашот менталитет со нашите обичаи таму. Работам во болница, одам само втора и трета смена на работа и тоа ми одговара, бидејќи по мојот биоритам спаѓам во личности т.н. „ноќни птици“. Со тоа секогаш претпладне сум слободен и еве секој ден  30 години одам во истото кафуле и пијам кафе,  најчесто сам. Но, со мене или пред мене е тефтерчето за песни и кога ми доаѓа инспирација, а тоа ќе го кажам како еден наплив во мене. Тешко може тоа да се опише. Но тогаш пишувам во тефтерчето, и ќе кажам дека голем дел од песните ги пишувам тука. Однсосно пола песни се пишувани тука постојат и датуми. Пишувам текст и музика по слух. Не сум школувам. Добро стојам хармонски, но не аранжирам музика. Песни пишувам и ќе пишувам понатаму, но чекам и некои подобри денови за македонската песна воопшто…Семејство

-Во семејството сите ми биле музикални. Тука се мојот татко Коле Поповски кој пее, вокал кој придружуваше и ги пееше долните тонови во песната за Ратка. Брат ми свири гитара. Потоа тетка ми Ратка Поповска (мажена Колевска) пееше во Радио Битола. Има интересна случка за тоа како таа ја пуштиле и започнала да пее. Стариот познта музичар Кочани од Битола кој ја напиша антологиската песна „Те видов и се заљубив“. Дошол специјално дома кај нас за да ја пуштат тетка ми Ратка, бидејќи  се кажува дека со свои 16 години, не ја пуштале да пее и заради патријархалната средина. Мојот син Мартин свири на гитара, вистински виртуоз е. Неретко ме придружува во песните затоа што навистина е несекојдневен талент за музика. Свири и тапани и се што ќе му дојди при рака. Но избра медицина и работи на одделение со мене во болницата каде работам. Ќерката Соња исто така убаво пее. Жената Елизабета постојано слуша се што правам и по слух ме „поправа“ за некои тонови. Особено за оние тонови кои смета дека се повторуваат и во други песни. Слушајќи одстрана таа забележува се и затоа е голем но конструктивен критичар. Затоа кажувам дека имам огромна поддршка од целото семејство, без кое сигурно не би бил тоа што сум.

Учество на овогодинешниот фестивал „Ех таа серенада 2023“

-Мило ми е што оваа година учествувам на фестивалот „Ех таа серенада 2023“ со песна која мислам дека е добра. Од две песни кои им ги предложив и пратив на група „Боеми“, „Ќе те чекам кај сатот… да ми дојдиш на осум часот“ и „Марика од Гени Мале“ ја избраа „Марика“ име старо битолско. Во староградски манир и мој препознатлив стил. Жал ми само што нема да бидам тука за фестивалот, бидејќи заминувам на 23 август, само еден ден пред одржувањето. Но само ќе кажам дека така е кога си обврзан со патување кое е закажано од поодамна.

Инаку, последните години објавував песни под псевдонимот “битолска серенада”  исвирени и испеани од мене на популарниот канал YouTube.  Песните беа  одлично прифатени не само од Македонија туку и од цела бивша ЈУ. Во послeдните години објавувам песни и видеа на мојот ФБ под име Bobi Muzicki Profil и имаат голем број прегледи.Марика од Гени Мале“ и уште многу други добри староградски песни на Фестивалот ќе заживеат, покрај многу други стихови од неговите песни. Непрежалената љубов останува да живее низ рефренот „Пијан да бев ќе се отрезнев, болен да бев јас ќе оздравев, ама пусти мерак Ратке по тебе никако да помине“…Емоциите кои провејуваат низ неговите  песни, одраз на носталгијата за Битола… се автентични и не ги крие исто како и солзите. Тие емоции Боби Поповски ги пренесува на еден посебен начин. Ќе кажам само дека ова беше едно емотивно интервју. Но емоциите тешко се опишуваат со зборови, тие можат само да се доживеат, или се проживуваат преку стиховите и звуците на неговите стихови кои ќе останат засекогаш.Музички опус

Со компонирање, почнав да се занимавам уште во средно училиште, пишејќи текстови , а потоа за нив создавајќи музика… Пред успехот на „Пусти мерак Ратке“ имав напишано 20 песни кои стојат и до ден денес. Со неа се случи мојот прв и голем успех. Но после Ратка имаше уште многи и тоа 16 песни. Малку ми е криво бидејќи тие како да се во сенка. Воглавном сум скромен, но ќе кажам дека скоро сите добиле награди и се пеат и изведуваат насекаде во Македонија и надвор од неа. 

Тука се песните: „Брате врати се“ автобиографска песна во изведеба на Горан Тодоровски –  2001 година на Охрид фест, „Градот на боемите“ Миле Кузмановски 1 награда од изведувачите во 2002 година Серенада на Широк Сокак, „Плачам и пеам“  група „Деспина“  4 место 2003 Серенада на Широк Сокак , „Отвори ми срце“ Душко Георгиевски  2004 година Серенада на Широк Сокак,  „Само една дума имам“ За 20 години јубилеј на група Боеми, „Марија“ Борче Наумовски 3 место на Валандово Фест, Соработка со Милован Секуловски и 3 награди на Охрид Фест и песните : „Птицо бела“ ,   „Кога ќе ти дадам ишарет“ и „Песна стара Охридска“, Последната песна „Ќе те шеатм по Широк Сокак“  на група „Милениум“ има доста забележителен успех и заживеа. За неа минатата година излезе и видео спот. Песната „Туѓина“ ја пее  Борче Наумовски и со истата направи голем успех на своите турнеи со Сузана Гавазова во Австралија. 

More from ВестиMore posts in Вести »
More from ИнтервјуMore posts in Интервју »