Press "Enter" to skip to content

Билјана Дамјановска Јанчевска: “Еј гулаби, гулаби бели“ пола век носи пораки за мир во светот актуелни и денес, многу генерации пораснаа со неа…

Жанета Ристевска

“Еј Гулаби, гулаби бели

Птици во сончев лет, носете пораки врели

МИР да е низ цел свет…“

Бевременски детски евергрин, моќна песничка која до ден денес носи пораки за мир во светот. Тие пораки ги испрати низ распеан рефрен 10 годишното девојче од Битола, Билјана Дамјановска далечната 1972 година на фестивалот “Златно славејче 72“. Постигна голем успех и на еден начин песната беше почетокот на нејзината музичка кариера која продолжи подоцна и посериозно. Таа препознатлива по својот мелодичен глас- алт.

-Напишана во период на актуелната војна која таа година се водеше против Виетнам. Со силни пораки за мир во светот, текстот напишан од писателот Глигор Поповски, музика и аранжман маестро Џамбазов. Песничката е певлива, полна со енергија,  моќна, но и нежна, за да можеш да ја пееш и како приспивна. Барем јас така ја доживувам започна Билјана во нашиот разговор…-Интересно е што по среќна околност дојде кај мене песната. Имено првобитно јас добив  друга песничка, но бидејќи девојчето кое требаше да ја пее се разболе, јас ја отпеав и таа ми донесе популарност. Најпрво во моето училиште и во мојот град Битола. Но и насекаде каде се ширеше и слушаше во тој период. Еве помина скоро пола век однсосно минатата година прослави 50 години, сега точно 51 година од нејзиното создавање. Таа се уште се слуша и ќе се слуша.

Разговорот ни започна спонатано се разбира за песната која направи популарна од мала, но да ја препознаваат по неа и долги години потоа. Овие беа само почетоците на музичката  кариера која  посериозно започна во 1979 година со настап на Младинскиот  фестивал во Суботица каде настапуваа пејачи од цела СФРЈ. Тука веќе е откритие на музичката сцена на ЈУ просторите. Во истата година на Скопскиот фестивалот таа година под името  „Вечер на забавна музика“ 17 годишната Билјана Дамјановска  настапува со песната „Добриот стар блуз“ со која остава силен впечаток на публика и жири.  Освојува награда за откритие на фестивалот и дебитант. Подоцна учествува на многу фестивали низ Македонија, но и СФРЈ. Најпрво се занимава со забавна музика, но потоа и со народна песна која има страоградска нишка. Учесник на првите фестивали на „Макфест“ во Штип во 1987 и 1988 година, потоа „Валандово“ во 1988, 1990 и 1991 год. Потоа следуваа „Серенада фест“ во Битола, „Интерфест“ во Битола; „Охридски Трубадури“, „Струмичка пролет“, „Евро Фест“, „Филиграни“, а до распадот на бившата држава  учесник на „Војничкиот фестивал“ по повод Денот на Армијата. Настапила и во „Сава центар“ во Белград. Препознатлива по својот глас.Во тој период  мелодиите и песните што се изведуваа беа со висок музички квалитет (музика, аранжман, текст), а беа изведувани од најпознатите интерпретатори од југословенската и македонската сцена. Во нејзината музичка кариера настапувала  покрај : Киќо Слабинац, Зорица Конџа, Кемал Монтено, Маја Оџаклиевска, Ана Бекута, Мерима Његомир, Виолета Томовска, Пепи Бафтировски, Блага Петреска, Петранка Костадинова и уште многу други легенди.  Напоредно со музиката таа студира право и последните 25 години е во нотарството. Долги години активен член на хорот „Стив Наумов“ во Битола. најпрво во Младинскиот уште во 8 одделение до средна школа. После пауза,23 години член во мешаниот хор. Почесен конзул на Босна и Херцеговина, која на еден начин е нејзина татаковина, за која ја врзуваат најубавите спомени од животот и детството како ни кажа започнувајќи…За себе…

Родена сум  во Мостар тогашна Република Босна и Херцеговина во СФРЈугославија  каде мојот татко со чин во ЈНА беше на служба. Најубавите години од животот, моето детство ги поминав таму. Прекрасни спомени од период кога владееше духот на братство и единство. Учев во т.н Десетта основна  школа „Иво Лола Рибар“. Таму се описменив, првите другарувања ми беа таму. Имав другарака Селма босанка, Гордана хрватица…Од најмала возраст во училиште бев прознаена како талент за музика, пеење. Пеев на сите училишни приредби. Интересно е што на истите пеев македонски  песни кои емотивно и најдобро ги пеев. Тие наидуваа на голем интерес, особено омилена беше „Македонско девојче“. Во август, 1972 година, со моето семејство се преселивме од  Мостар во Битола. Тука продолжив  во четврто одделение во ОУ „Коле Канински“.  Наставниците  по музичко образование Никола и Љубо (денес диригент на хор „Стив Наумов“) го преопзнаа мојот талент за музика.„Еј гулаби гулави бели“ и настап на „Златно славејче -1972

-Во ноември 1972 година се организираше Фестивал на детски песни „Златно славејче“ во тој период  многу популарен. Мојот наставник по музичко сметаше дека би можела да настапам на фестивалот. Конкуриравме и ми беше дадена песничката „Првото ѕвонче ѕвони“. Неа ја научив и ја спремив за настап на фестивалот, но непосредно пред фестивалот се јави маестро Џамбазов, кој ни соопшти дека ќе ја пеам песничката „Еј гулаби, гулаби бели“, бидејќи девојчето што треба да ја пее, нема да може да настапи. И така се случи тоа. Ја испеав и таа освои најмногу гласови од публиката, а жирито и додели и награда за најдобар текст. Пред сѐ, морам да кажам дека имав многу малку време да ја спремам песничката, која беше певлива, но бараше голем напор за едно дете да ја спреми и испее. Со помош на мојот наставник, диригентот Љубомир Трифуновски успеав во тоа. Работевме секојдневно, а отидов и во Скопје, каде што се сретнав со маестро Џамбазов и заедно ја доработивме песничката. Морам да кажам дека „Еј гулаби, гулаби бели“ не е ни малку лесна песна. Има долг текст, во кој освен рефренот, ништо друго не се повторува. Текстот  на писателот Глигор Поповски е со прекрасна порака, а музиката и аранжманот на Александар Џамбазов се прилично тешки и бараат висока музикалност и талент, што јас ги наследив од мојата мајка, па имав чест да го испеам овој безвременски детски евергрин. Исто така, сакам да нагласам дека настапот беше во живо со голем ревиски оркестар и немаше место за грешка. Соработката со маестро Џамбазов за мене беше голема чест, но и одговорност, зашто тој во тоа време беше најплодниот и најпопуларен автор на детски песни, а соработката со него продолжи и понатаму, во периодот кога започнав да ја градам мојата музичка кариера.Настап  на Младинскиот фестивал во Суботица во 1979 година

-Како претставник на Македонија, на 17-годишна возраст, средношколка, настапив на Младинскиот фестивал „Суботица ’79“, на кој настапија многу имиња и групи од бившите ЈУ простори, кои потоа станаа многу популарни. Бев забележана од страна на музичката критика, посебно со бојата на мојот глас (алт), кој беше многу карактеристичен и редок вокал. Со тоа започна мојата кариера и настапи на фестивали, „Макфест“ во Штип во 1987 и 1988 година, потоа „Валандово“ во 1988, 1990 и 1991 год. Потоа следуваа „Серенада фест“ во Битола, „Интерфест“ во Битола; „Охридски Трубадури“, „Струмичка пролет“, „Евро Фест“, „Филиграни“, музички настани, телевизиски емисии и снимање на нови песни за продукцијата на тогашна Радио телевизија Скопје. На почетокот на мојата кариера тука беа Драган Мијалковски, Верица Ристевска, Даниела Панчетовиќ и Сашка Петковска, со која бевме многу блиски, пред сѐ како битолчанки, и која ми беше пример на однесување на сцена и надвор од неа.Оваа година повторно на фестивалот на серенадата и  учесник на „Ех таа серенада 2023“

-Настапував на сите фестивали на Серенада на Широк Сокак. Се сеќавам  првиот се одржуваше  во Домот на култура под покровителсто на „Везилка“. Потоа и на сите други се одржуваа  во Офицерскиот дом Битола. На мојот глас ми лежеа песни  кои ја имаат таа препознатлива  староградска нишка. Оваа година настапувам со песна на Кирил Стојчевски и текст Валентин Соклевски. Песната ми е подготвена, пробавме и со камерниот оркестар. Сите кои ќе присуствуваат вечерта на фестивалот на 24 август ќе можат да ја слушнат. Слушнав дека постои голем интерес за фестивалот оваа година.

Идни планови 

-Во идни планови со гордост ќе го најавам мојот заеднички концерт со Сефејдин Бајрамов. За истиот ќе бидете посебно известени како портал.  Веќе е договорен и закажан на 26 октомври во Центар за култура. Со Сефејдин Бајрамов некако не врзуваат првите заеднички почетоци во кариерата. Започнавме заедно на музичката сцена, а и другаруваме и приватно Со овој концерт одбележуваме повеќе јубилеи и долгогодишна музичка кариера. Тоа беше во 1979 година кога  двајцата настапивме со свои настапи  на Фестивалот „Вечери на македонска музика“. И двајцата  бевме едно откритие на фестивалот со многу позитивни критики. Сметам дека им должиме еден ваков  концерт на нашите битолчани. Имаме слична публика и затоа сметавме дека е добро да настапиме заедно. На истиот ќе пееме најпрво  шлагерска музика и други наши мелодии и песни. За крај имаме и една зедничка песна за сите наши обожаватели.Семејство

-Ја започнав музичката кариера многу рано, посериозно на 17 години, како што кажав и претходно. Подоцна имаше голем број концерти, настапи, гостувања, турнеи. Но напоредно со тоа јас студирав, а потоа и се посветив на семејството. Семејствотo ми е најзначајно, можеби заради тоа и не се занимавав со музика професионално, да ми биде професија и живеам и заработувам од неа, односно таа да ми биде во прв план. Иако морам да кажам дека сум голем професионалец на музички план. Завршив правен факултет и последните 25 години работам како нотар,од каде и ќе заминам боже здравје за некоја година во пенизја. Ќе ме замени една од моите ќерки. Таа е постарата Сашка која заврши правен факултет и работи во мојата фирма. Помалата Јасмина заврши Филолошки факултет англиски јазик, таа работи заедно со мојот сопруг. Музички се надарени и како помали имаа настап  и песна која ја пееја со уште две девојчиња, се викаше „Дизниленд“. Денес тие имаат оформено свои семејства. Имам  три внучиња Лука, Клара и Илина сега за сега, но би сакала и повеќе. Со сопругот имаме долгогодишен среќен брак. Нашата прослава на 30 години од бракот беше интересна,  со екскурзија низ бившите простори на Југославија. При тоа  ги посетивме сите убавини и знаменитости на СФРЈ : Белград, Загреб, Златибор, Плитвички Езера, Дубровник…На 21 јуни денот на нашата годишнина го поминавме во  Мостар мојот роден град. Колку убаво беше, буквално се вратив во детството, еден од најубавите период во мојот живот. Улиците, солитерите, зградата во која живеев… Спомените од тој период ме израдуваа, но и растажија.  Духот на братство и единство беше разрушен со војните, на овие простори, чии последици се чувствуваат и до денес. Ќе кажам само дека  филмовите на теми за војната во бившите југословенски републики не можам да поднесам да ги гледам и не ги гледам. Зошто бев воспитувана да бидам скромна и во  дух да се почитуваат сите  луѓе, без оглед на раса, националност, боја… од каде потекнуваат, кои се, колку поседуваат…Пораките за мир кои ги пренесуваше девојчето со преубав глас и емоција низ песничката “Еј гулаби, гулаби бели“ се уште ги пренесува, но денес на еден поинаков начин достоинствено и скромно со својот космополитизам низ работата и активностите на почесен конзул на Босна и Херцеговина. Жена која може да се гордее со се она што го постигнала во својата кариера на музички и приватен план.

Фото: Дамијана Ристевска

More from ВестиMore posts in Вести »
More from ИнтервјуMore posts in Интервју »