Press "Enter" to skip to content

Сефедин Бајрамов: на “Серенада“ ќе испеам преубава свечена песна, која може да биде ода за Битола

На само два дена до одржувањето на годинешното издание на фестивалот “Ех таа серенада“поразговаравме  со еден од изведувачите на фестивалот битолчанецот  Сефедин Бајрамов. Разговорот околу „Серенада“ го водевме каде ако не, на Широк Сокак, во кафе бар “Пајтон“ пиејќи го првото утринско кафе.

Како ни рече популарниот Сефко, со позитивна трема го очекува ова издание на “Ех таа Серенада“ на која  е  препознатлив глас и лице:

-Сум учествувал на сите изданија на “Серенада на Широк Сокак“ и затоа чувствувам голема одговорност и обврска плус. На два дена пред фестивалот се чуствувам одлично и сите подготовки се во завршна фаза, ќе кажам така иако не се работи за спортски натпревар. Песната „Граду мој“ музика и аранжман  Давор Нечак, а текст Марко Виденовиќ. На мое големо задоволство во оваа прилика имам соработка со двајца уметници.  Давор Нечак врвен уметник, момчето кое со гордост ја претставува Битола и Македонија насекаде, како солист на Хрватската опера. Да се пее песна од еден таков авторитет е големо задоволство и обврска истовремено.  Дотолку повеќе што ги “испеглавме“ сите детали на песната и дојдовме до саканиот резултат. Останува во четврток да се вклопим со оркестарот и песната добро да зазвучи на платото пред Офоцерски дом. 

Сефедин ја поздравува иницијативата за одржување на овој фестивал со овој жарн и вели:-Се работи за музичкиот жарн, серенада, која е препознатлива за Битола и има долга традиција, а публиката во четврток ќе каже дали овој фестивал треба да опстојува во градот. Јас мислам дека несомнено овој фестивал може да биде имиџот на градот во летниот период на музички план. Но, политиката да биде надвор од се, да нема препукувања. “Серенада“ да биде интерес на градот кој ќе сплотува, а не дополнително да раскарува.

Препознатливите песни на Сефедин Бајрамов се пеат веќе неколку децении, а дали оваа, годинашнава серенада ќе трае како и некои претходни и по 30-40 години и повеќе, тој додава:

-Да не бидам нескромен јас сум еден од ретките изведувачи кој настапувал на сите фестивали на серенадата одржани во Битола. Сум добил трета награда од публика, сум добил награда за интерпретација, но ќе додадам дека наградите не се меродавни иако ни значат. Најважно е песната де се прифати и заживее. Оваа година добив композиција која е надвор од некои рамки, таа е на некој начин свечена песна, мислам дека ќе биде од големо значење за Битола. Може и да се пресними со симфониски оркестар, бидејќи оваа песна има добра основа, и да биде како „Ода за Битола“.

Сефедин на крај ни кажа дека  летово го поминал на начин како и секогаш, кога плановите не се реализираат целосно.

-Настапував во ресторанот “Елисиум“ за кој можам да речам дека е хит на Битола во летниот период. Таму се сретнав со многу иселеници, стари пријатели. Паралелно се подготвувам за големиот концерт со Билјана Дамјановска, кој ќе се одржи во октомври, така што обврски имам премногу, а време за себе многу малку, да не речам ич. Се надевам дека ќе одморам надвор од Битола во септември, за да повторно се вратиме на есенските обврски, кога комплетно ќе реализирам она што го имам испланирано.

Ж.Ристевска

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »