Press "Enter" to skip to content

Кошаркарите на Пелистер Таскфорс во Битола ги “запалија“ моторите, денес прес-конференција, прозивка и прв тренинг (фотогалерија)

-Компанијата “Таскфорс“ од Битола нов спонзор на клубот, Андреј Маслинко нов капитен, “Чкембарите“ искажаа поддршка на пресот и на првиот тренинг во “Боро Чурлевски“ во Битола.

-Подготовки на Пелистер Таскфорс на Златибор, Србија и Бугарија.

-Се очекуваат уште две странски засилувања.

Кошаркарите на Пелистер Таскфорс денес и официјално во Битола ја започнаа новата кошаркаркарска сезона во која влегуваат со нов спонзор и придавка на името компанијата “Таскфорс“ , а денот започна со прес конференција која се одржа во деловните простории на компанијата.На денешната прес конференција зборуваа спортскиот директор Филип Ивановски, тренерот Марјан Илиевски и новиот капитен на тимот Андреј Маслинко, а присутни беа и претставниците на компанијата “Таскфорс“.Младиот спортски директор,  Филип Ивановски, зад себе има успешна ракометна кариера но овој пат ќе ги менаџира клубот, а најави новини во организацијата на клубот и рече:

-При преземањето на клубот затекнавме хаотична ситуација. Не сакам да зборуваме на претходниците, но сакаме да ја запознаеме јавноста со деталите. Овој изминат период добиваме тужби за неисплатени долгови. Иако наша обврска е клубот да го преземем од први септември, спонзорот го реализира ваучерот и му помага на Општина Битола да ги покрие заостанатите долгови. Сите долгови треба да бидат подмирени до 31 август. Битола заслужува кошарка на високо ниво, а овој клуб покажа дека може тоа да им го даде на граѓаните. Под споменатите услови екипата играше две финалиња. Цел ни е организационо да се издигнеме, а стручниот штаб и играчите да продолжат нормално да работат. Сакаме да се разликуваме од сите кошаркарски клубови во Македонија, а во таа насока ние за првпат ќе добиеме своја просторија, а наскоро ќе пуштиме во продажба и сезонски билети и подготвуваме уште други изненадувања за нашите навивачи.На официјална прес-конференција, тренерот Марјан Илиевски, кој четврта година е во Битола, за тоа како за започнуваат сезоната и за очекувањата рече:

-За жал, како и во претходните сезони од кога сум во Битола и оваа, најновата, мораме да создадеме нов ростер. Ќе имаме десет нови кошаркари, од ростерот остануваат Андреј Маслинко, Иван Сапунџиев и Дарко Најдовски. Донесовме двајца американски кошаркари, Бернард и Банди, а ќе ангажираме уште двајца странски кошаркари. Нема да биде лесно да се воиграме, но верувам дека ќе направиме хемија во тимот. Ќе ги поканам сите љубители на кошарката да нè посетат во спортската сала „Боро Чурлевски“ и да ни дадат поддршка за тоа што претстои. Верувам дека обединети, со акционерот Општина Битола, спонзорот “Таскфорс“ нашите навивачи и овој спортски град, ќе можеме да ги исполнеме зацртаните цели“, а тоа секако борба за титула, која во изминатите три сезони не успеавме да ја донесеме во Битола. Но, тоа што се случуваше тука, во Битола на кошаркарски план според мене е неуспех. И оваа година Пелистер Таскфорс, трета сезона по ред ќе ја претставува Македонија во АБА2 лигата.За планот за подготовки Илиевски додаде:-Ги започнуваме денес официјално подготовките за наредната сезона, а неофицијално ние работиме од крајот на минатата седмица. Во Битола остнуваме до петти септември, а потоа екипата ќе замине на базични подготовки на Златибор. Таму  ќе играме контролни натпревари против Чачак 94 и Сутјеска. Поради зафатена сала од ракометарите од таму заминуваме во Самоков каде ќе играме двомеч со Рилски. “Пелистерци“ првпат во Битола ќе играат на 22 септември против првакот на Бугарија, Балкан. Нови имиња во зелениот дрес во новата сезона се Костоски, Хот, Стојановски и Американците Бернард и Банди, а нов капитен е Андреј Маслинко кој на денешниот прес рече:Посебна чест ми е што сум избран за капитен на овој клуб. Се пронајдов во Битола, убаво ми е во градот, во клубот и верувам дека со новиот спонзор и новиот проект ќе се бориме за големи работи. Верувам дека Пелистер Таскфорс ќе води битка со МЗТ Скопје и Работнички за титулите на домашна сцена.И “Чкембарите“ искажаа почит кон новиот капитен, тоа јавно и му го кажаа на првиот тренинг, но својата поддршка ја искажаа и на денешниот прес на кој присуствуваа.Новата сезона во македонскиот шампионат почнува на први октомври, а осум дена подоцна следи првиот „балон“ на АБА2 лигата.

Текст и фото: Сашо Ристевски

More from ВестиMore posts in Вести »