Press "Enter" to skip to content

Мирче, Самоил и Ненад Еурофарм Пелистер 2  кадетски репрезентативци: чест и гордост да играме за Македонија и од срце да ја пееме химната на светското кадетство (фото)

На Светското кадетско првенство во ракомет кое се одржуваше во Хрватска тројцата ракометари од Еурофарм Пелистер 2 од Битола беа дел од македонската репрезентација. Македонската репрезентација го освои 9. место од 32 репрезентации. За подготовките, атмосферата, импресиите и впечатоците од Светското првенство зборуваа ракометарите Мирче Калајџиески, Самоил Ристевски и Ненад Белистојаноски кои играат во Битола, доаѓаат од различни градови, но тука покрај соиграчи се и добри другари.

Секој од нив зборуваше за себе како ја започна кариерата и како беа одбрани за репрезентацијата.Мирче Калајџиески за себе…

-Јас сум Мирче Калајџиески, имам 19 години, почнав да тренирам кога имав 8 години во Ракометниот клуб Струга. Пред да дојдам во Битола, играв во Словенија во клубот Слован Љубљана. Мојата позиција е среден бек. Екипата на Еурофарм Пелистер 2 е млада и очекувам што повеќе добри и борбени утакмици. Во следните 5 години сакам да добијам уште поголемо ракометно знаење и да  играм на уште повисоко ниво. Би сакал да играм Лига на шампиони.

Прв пат бев на собир за репрезентација повикан во јуни 2021 година, тоа време ги почнавме подготовките за шампионатите во Варна и Рига.Впечатоците после одиграното Светско Првенство се неописливи, го освоивме 9. место на првенството од вкупно 32 репрезентации. После тешките подготовки кои ги поминавме во Маврово и Скопје, на првенството одигравме натпревари само против европски репрезентации кои се ракометни велесили (Норвешка, Данска, Унгарија…). На првенството се квалификувавме после освоениот шампионат во Латвија, Рига.  Како и сите спортисти, и јас сонував да ја представувам мојата држава и да ја пеам македонската химна на големо натпреварување, емоциите беа многу силни и 12-те поминати дена во Хрватска ќе останат во моето срце засекогаш.  Со својата игра на првенството сум задоволен, но секогаш има место за напредок.

Атмосферата помеѓу нас играчите беше одлична, а тоа се пресликуваше и на терен кога игравме со срце и постојано си помагавме еден на друг. Тренерите не мотивираа и не спремаа феноменално за секој натпревар. После победата над Чешка, прославувавме со нашите фамилии кои не бодреа и беа со нас низ целото првенство. Со тренерите имаме одлични односи. Имаме голема среќа што ги имаме овие тренери бидејќи секој ден од нив добиваме огромно ракометно знаење и растиме како играчи.Самоил Ристевски за себе…

-Јас сум Самоил Ристевски имам 17 години. Веќе 4 години тренирам ракомет. Играм за Еурофарм Пелистер 2. Играм на позицијата пивот, иако првично играв на позицијата бек. Иако во Еурофарм Пелистер 2 има многу нови играчи наша цел за новата сезона е да играме борбено а борбеноста ке си го покаже своето. Јас имам високи очекувања за самиот себеси, моментално сакам да учам ракомет до перфекција а времето ке си го покаже своето.

Прв пат бев повикан за репрезентација во декември 2021 за турнир кој се одржуваше во Германија, но не успеав да бидам дел од екипата поради повреда.Да се биде дел од репрезентација е чест и задоволство за секој играч. За мене беше сон што можев да бидам дел од едно вакво големо натпреварување. Сите од прв ден си имавме поставено големи цели и поради тоа имавме голем успех.

Атмосферата во репрезентацијата беше одлична и таа хемија и другарството меѓу нас доведе до еден ваков одличен резултат. Финалната утакмица прославивме со нашите фамилии кои беа наши најголеми поддржувачи. Со тренерите Раде Стојановиќ, Бранче Ангелевски и Наум Танески бевме заедно од 24 јуни на подготовките кои ни беа во Маврово и Скопје. Со нив имавме одлични односи и многу научивме од нив. Подготовките беа многу тешки но цел тој труд се исплати.Ненад Белистојановски за себе…

-Јас  сум Ненад Белистојаноски доаѓам од Прилеп, имам 18 години. Во 2016 год се моите почетоци со ракомет во клубот Макалоски Прилеп со тренер Гоце Макалоски.  Играм десно крило во Еурофарм Пелистер 2. На секој натпревар ќе го дадеме максимумот и ќе одиме на победа. И ќе целиме плеј-оф. Долг период кој треба да го исполнам со многу работа и напорно вложување пред се здравје… Пред 4 години имаше собир за кадети, на кој бев повикан, на кој бевме повикани околу 60 деца генерација 2004/5. Напорната работа, упорноста, брзината и посветеносто придонесоа за тоа.Светско првенство е предизвик за секој играч на кој му се дава можност да го носи репрезентативниот дрес. Тренирав многу и посветено, тоа донесе и плод, секогаш може подобро но искрено мислам дека го дадов максимумот.

Атмосферата беше одлична, и тоа беше значајно за успехот. На секој натпревар се боревме на победа сите заедно. Имам добар однос со нашите тренери, тие секогаш се тука за нас. Најголем придонес за хемијата, атмосферста во соблекувална и на терен имаа тие. Со нивното вложување и верба во нас постигнавме успех.

Текст и фото: Дамијана Ристевска