Кошаркарскиот клуб Пелистер од Битола синоќа ги започна тренинзите со новиот тренер, Дарко Радуловиќ, кој доаѓа на местото на Марјан Илиевски, кој останува во Битола и сега ќе има нова функција во клупската управа. Илиевски го претстави Радуловиќ и присуствуваше на тренингот. Новиот тренер го одржа првиот собир, ги свика кошаркарите и го продолжи тренажниот процес со “пелистерци“. Радуловиќ ги сподели првите импресии од Битола, за екипата и очекувањата.
-Мило ми е што сум во клуб кој расте во претходните години. Екипата на Пелистер е добро склопена и селектирана, со тоа што ќе видиме дали во следниот период треба да се прават ситни промени. Базата на македонски играчи ми се допаѓа, момците имаат одлична хемија и соработка, а тоа ме прави среќен. Никој не може да го бира распоредот, нам ни следува дуел со Работнички па стартот на АБА-2 и два меча со МЗТ Скопје. Пелистер работеше квалитетно со Илиевски, ги пореметија само повредите, па ќе треба воигрување и во од, а за очекувањата во Битола додаде:-Првите очекувања мои се, да видам фокусирана игра во одбрана, а другото ќе дојде. За овој тим на Пелистер, уште пред еден месец во разговор со еден од играчите, му кажав дека е еден од кандидатите за титулата и стојам позади тоа. Сакам кошарката да стане барем втор спорт во Битола, да биде посетена нешто слично како ракометот. Барам да имаат верба во нас, да ни дадат малку време, а ние ќе им оставиме добар впечаток, ни изјави Радуловиќ.
Пелистер веќе в сабота игра дома против Работнички, потоа следат два натпревари од АБА-2 лигата во Суботица, против Шенчур и МЗТ Скопје.