МНД Битола ќе организира настан кој е дел од годишната програма на МНД за 2023 година, а е насловен “Тематска вечер: Интерфест- Тридецениски културен белег на Битола“. По тој повод во просториите на МНД Битола беше организирана прес конференција на која зборуваше претседателот д-р Невена Груевска, која рече:
-Тематската вечер е посветена на Интернационалниот фестивал на класична музика Интерфест кој претставува вистински културен белег на градот Битола, воедно и промотор на нашиот град и култура насекаде низ светот. МНД- Битола со организирање на оваа тематска вечер сака да им оддаде признание на брачниот пар Шперовиќ- Рибарски, кои се идејните творци и реализатори на овој реномиран фестивал повеќе од три децении.На тематската вечер, брачниот пар Шперовиќ-Рибарски ќе се осврнат околу тоа како никна фестивалот Интерфест, каков беше неговиот раст и развој и со кои предизвици се соочуваа во изминатите години. Една од темите ќе биде посветена и за соработката со г-дин Трифун Костовски, кој го донираше пијаното Безендорфер Гранд. За одржувањето и значењето на Мастеркласовите по пијано кои што се организираа во насока на едукација и усовршување на младите ученици, во разговорот покрај Шперовиќ-Рибарски, ќе се вклучи и г-дин Кире Стојчевски актуелен директор на ДМУ. Во текот на тематската вечер накратко ќе се осврнеме и на личниот професионален ангажман на брачниот пар Шперовиќ- Рибарски.
Неизбежен елемент за време на целиот настан, ќе бидат звуците на класичната музика, во која присустните ќе имаат можност да уживаат и преку одделни фрагменти на врвните уметници кои настапувале на овој фестивал низ годините наназад.
Истиот ќе се одржи на 09.10.2023 година (понеделник) во Свечената сала на Офицерски дом – Битола во 18 часот и е организиран во соработка со КИЦ Битола.