Press "Enter" to skip to content

Месец на француската култура во Битола (фотогалерија)

-Или…..поточно кажано ФРАНЦУСКА КУЛТУРНА ЕСЕН ВО НАШИОТ ГРАД.

-А сè започна со Француската филмска вечер во рамките на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Пред проекцијата на Канскиот победник – Златната палма за 2023 година, со „ ѓаволски добро сценарио„“ – „Анатомија на еден пад“, францускиот Амбасадор, г-дин Сирил Бомгартнер приреди прием во Офицерскиот дом. Пред бројните присутни гости од  општествено-културното живеење на Битола, но и од фестивалското милје, сред звуците од француските шансони во изведба на Фолтин,  не пропушти да истакне дека најчесто  доаѓа во Битола и тоа го прави со  големо задоволство.. А потврда  дека Битола традиционално е во фокусот на француското делување, особено на културен и едукативен план, ќе имаме и во периодот што е пред нас.

После овој амбициозен вовед, следат инвентивно замислените настани и активности за различна публика и различни вкусови што ќе понудат прекрасни моменти за уживање  почнувајќи од танцови изведби, преку  школа за краток филм, извонредна ликовна изложба, промоција на сигналитички проект и др..И сето тоа благодарение на иницијативите на Француската Амбасада и Францускиот институт во Скопје, со поддршка на Француското конзуларно претставништво и Француската Алијанса и  во партнерство со институции и установи како Општината, Центарот за култура, КИЦ, гимназијата „Јосип Броз Тито“, основни училишта, НВО  Центар за културна деконтаминација.„Среќна претстава “ /Паралелни стапки е насловот на танцовиот хепенинг којшто во сабота 21 октомври со почеток во 13,00 и 15,00 часот, на отворено, во паркот кај Саат кулата ќе биде сублимат на наученото во рамките на проектот Учиме и создаваме поинаку. Станува збор за регионален проект поддржан од Министерството за надворешни работи којшто нуди иновативен пристап кон изучувањето на францускиот јазик на забавен и креативен начин, како и модернизација на сликата за Франција меѓу младите луѓе. Проектот ќе се одржи во три дела во различни уметнички домени (театар, танц, осмислување кореографија), а Центарот за културна деконтаминација и Француската алијанса во Битола, партнери на проектот, се воедно и домаќини на првиот дел од проектот на темата танц, придружен со доаѓањето на кореографот Давид Ролан. За време на неговата посета на Битола од 16 до 21 октомври 2023 година, тој ќе одржи обука за наставниците по француски јазик како и работилници за учениците кои ќе бидат дел и од завршната коореографска манифестација.Од танцот се префрламе на филмот и тоа краткиот филм наменет за младата популација. Брачниот пар Блондин и нашиот познат сограѓанин Тони Гламчевски, во соработка со Центарот за култура, општината, француското конзуларно претставништво,  за периодот од 30 октомври до 3 ноември го подготвуваат третото издание на Малата школа за краток филм. Овој интересн фестивал со бројни проекции на краткометражни филмови селектирани во  функција на нивниот  квалитет и секако возраста на младата популација за која се наменети, ќе им понуди на учениците  што го изучуваат францускиот јазик не само една извонредна селекција што обилува со актуелни теми  туку и вистинска мала школа во која што тие се сензибилизираат на сè она што значи седмата уметност, а особено  учат критички  да размислуваат за филмот и со филмот, како своевидна педагошко-социолошка алатка.Оваа година, кон празнувањето на 4 ноември, Денот на ослободувањето на Битола, ќе се придружи и делегација од збратимениот француски град Епинал, предводена од градоначалникот г-динот Патрик Нардин. Посетата ќе биде искористена за средби со претставниците на културните и образовните институции и установи,  но и за разговори за можностите за подготовка на заеднички проектни апликации во рамките на европските програми за соработка.И… доаѓаме до можеби еден од најзначајните настани  за време на Француската културна есен. Францускиот Институт во соработка со Националната галерија, а во локално партнерство со КИЦ Битола и Францускиот конзулат, за  битолската публика го подготвува отворањето на изложбата Париски рефлексии.

Во галериските простори на Офицерскиот дом, љубителите на уметноста, на сликарството, ќе имаат ретка можност низ четириесетина дела на големите имиња во македонското  сликарство да  откријат една прекрасна изложба замислена како своевидно сведоштво за континуираното  париско влијание врз македонските сликари.Во предвечерието на свеченото отворање што ќе се случи на 09 ноември со почеток во 19,00 часот, во старата Битолска чаршија ќе биде инаугуриран проектот  Сигналитика  –  како резултат на соработката  помеѓу Општината Битола и Француската  Национална асоцијација Места и градови на уметноста и историјата  и градови со заштитени јадра. Станува збор за соработка  што трае скоро  20 години и низ  обуки и студиски патувања,  размена на искуства и добри практики реализирани се  два  сигналитички проекти,а е  изработена  и Студија за инвентаризација на Битолската чаршија. Проектот опфаќа сет од 10 сигналитички, информативни, тријазични табли распоредени на оние клучни места во живописната битолска чаршија коишто претставуваат посебен интерес за туристите и бројните посетители.Оваа богата и разновидна агенда со која француската култура е и останува да  биде жива и присутна во нашиот град не е воопшто случајна. Долга традиција, но уште подолга историја стои зад неа. Во таа  чест, со традиционалната церемонија , француско-германска, на Француските воени гробишта, на 10 ноември, со почеток во 11,00 часот , со полагање свежо цвеќе и со бројни пораки за мир, за помирување како и секоја година ќе биде одбележан Денот на примирјето по Првата светска војна. Во име на секогаш повторуваната историска лекција сред гробовите на илјадниците кои никогаш не се вратија дома , во име на сеќавањето и нашата колективна меморија и особено  секогаш присутната надеж дека оружјето треба и мора да стивне, дека гласот на рaзумот е тој што мора и треба да се слуша.Се гледаме во месецот на Франкофонијата, се гледаме на активнностите што следат за Франкофонската пролет !!!

Калиопа Кривашија Стилиновиќ

Фото: Сашо Ристевски