Општеството не промовира здрава стратегија која ќе се осврне на бесот, лутината и конфликтот. Свесни сме, а и истражувањата покажуваат дека младите луѓе се под влијание на прикажување насилство во медиумите, насилство на интернет, сајбер насилството на социјалните мрежи и насилството што тие го гледаат секој ден во општеството.
Практиката покажува дека конфликтите и насилството во училиште се јавуваат поради провокација од соучениците, потоа за да се импресионираат другите (да се биде “важен“, “ главен“ а не “кукавица“), потоа момчињата многу повеќе стапуваат во конфликти во училиште одколку девојчињата. Во последно време многу честа е појавата на т.н. банди- групи на ученици со еден водач) кои постојано се во конфликтни ситуации и тие ги решаваат со тепачки и насилно однесување во училиштето, а и надвор од него.
Ние мораме да им помогнеме на младите луѓе да научат дека има и позитивни начини да се решат проблемите. За да се справат со предизвиците на растење во овој комплексен свет, младите луѓе мораат да научат определени есенцијални животни вештини за справување со конфликтите. Ефективниот одговор на конфликтот вклучува разрешување на проблемите и одбегнување на опасни конфронтации и учење на техники на позитивни стратегии за справување со лутината, бесот и гневот уште од најмала возрст. Но за да се стане свесен за лутината и бесот најпрво мора да се научи дека-
Конфлктот е дел од животот и составен дел на секој однос.
Лутината е природно и интензивно чувство на фрустрација која е придружена со физичка реакција.
Лутината може да биде конструктивна и да произведе здрави решенија.
Лутината е моќна емоција која ако не е контролирана мошне брзо може да доведе до насилство.
Насилството е неприфатлива форма на лутината и конфликтот.
Почитта и толеранцијата за расните, етничките, половите, хендикепирани и лица со посебни потреби се неопходни за мирно разрешување на конфликтите.
Со анонимната поговорка која ќе не води низ активностите “Лутината е една буква далеку од опасноста“ мора да се разбере дека луѓето одговараат различно „кога ќе се прелие чашата. Лутината е еден природен одговор кога:
-нашите потреби не се задоволени,
-кога нашето мислење се разликува од нечие,
-кога сме навредени,
-омаловажени, или засрамени и.т.н.
Еден од најдобрите начини да се разреши конфликтот по мирен пат е да се справиме со нашата лутина на позитивен начин. Тоа можеме да го направиме преку препознавање на тоа што не прави лути, и како лутината влијае врз нас физички. Лутината може да биде поттикната од надворешни настани или со наши сопствени внатрешни мисли. Адреналинот предизвикува побрзо дишење, побрзо чукање на срцето, напнати мускули. Луѓето кога се лути и напнати, кажуваат работи за кои покасно жалат, повредуваат нечии чувства, кршат работи, влегуваат во конфликти и физички пресметки. Можеме да ги избегнеме овие негативни последици ако знаеме како да одржиме самоконтрола и да се справиме со нашата лутина на позитивен начин. Што значи да се има самоконтрола. Се кажува дека на луѓето им е потребна самоконтрола и справување со нивната лутина.
Губењето самоконтрола е овозможување на другите да имаат контрола над Вас. Ние имаме потреба да се справиме со лутината која ја доживуваме, за да одговорме позитивно во конфликт и да го решиме полесно. Лут, агресивен одговор може да води до насилство. Но потребно е да се справуваме со лутината на правилен начин. Постојат повеќе начини и техники за да се справимер со лутината на правилен начин. Една од нив е техника “ПИН пристап“. секоја буква означува посебен дел и тоа:
П- Препознај ги своите сигнали на лутина (Сознај, на пример дека мускулите ти се напнати или лицето ти е црвено, се препотуваш, крцкање на забите, тресење на рацете, чувство на нестрпливост).
И- Идентификувај позитивен начин за размислување за настанот.
-Можеш да си кажеш дека забелешката не е вредна за да се вознемириш. –Ова некогаш ме возбудува но денес ќе се справам со тоа.
-Нема да го сфатам ова сериозно.
-Тоа што ќе се налутам нема да ми помогне да ја решам оваа ситуација.
-Го поседувам тоа што ми е потребно за да останам смирен во оваа ситуација.
Н- Направи нешто конструктивно за да се смириш.
На лице место
-Изброј до 10
-Вдиши длабоко.
-Прашај за време да се смириш.
-Напушти ја ситуацијата
Кога имаш време
-Разговарај за твоите чувства со некого кој не е инволвиран (во расправијата или конфликтот)
-Слушај музика.
-Прошетај.
-Напиши писмо до некого објаснувајќи колку си лут и потоа поништи го.
-Излези за да помогнеш некому
-Читај книги (смешни, забавни, поучни, научни)
– Направи нешто што е слично со твоето омилено хоби.
ПИН пристапот функционира бидејќи ни дозволува да се справиме со нашата лутина и да имаме повеќе контрола врз она што се случува во нашите животи.Учењето на оваа техникаи може да се применува уште кај децата во училишна возраст така да тие учат како да станат свесни за лутината како чувство и како на правилен начин да се справуваат со него. При тоа да станат свесни дека не можеме да ги стопираме случувањата на конфликтите и не можеме да контролираме што прават другите луѓе, но можеме да избереме како да одговориме на нашата лутина за да ги избегниме и да управуваме со конфликтите на позитивен начин.