Press "Enter" to skip to content

Во Битола отворена изложбата “Лица на револуцијата 1893-1934“ (фото)

Синоќа во Офицерски дом во Битола свечено беше отворена фотографската изложба “Лица на револуцијата“ (Внатрешната Македонска Револуционерна Организација 1893-1934) на досега невидени портрети на македонски револуционери од периодот 1893 до 1934, грижливо собирани од двајца колекционери Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски.На отворањето на изложбата беа присутни градоначалникот на Битола – Тони Коњановски, Митрополитот Петар, советници од Советот на Општина Битола, гости, пријатели на авторите…Денес, после 130 години од формирањето на Македонската револуционерна организација и 120 години од Смилевскиот конгрес и Илинденското востание, наша обврска е да го сочуваме богатството за кое се бореле нашите револуционери, да го сочуваме достоинството на секој Македонец. Вечерва, преку изложбата на Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски, преку фотографии ќе прошетаме низ периодот на делувањето на нашите „Лица на револуцијата“, кои оставиле длабок историски печат, а денес нивниот спомен е постојано присутен помеѓу секој од нас, кај секој Македонец кој се бори за добробит на својата земја, за зачувување на својот културно – историски идентитет, рече градоначалникот Коњановски во своето обраќање.Експертот за заштита на аудиовизуелното наследство, Мими Ѓоргоска Илиевска, нагласи дека изложбата „Лица на револуцијата“ е еден од начините на културен и уметнички план да оставиме уште еден творечки потпис врз делата и настаните кои ќе ја посочат и потврдат долгата и длабока линија на македонската комплексна и понекогаш контроверзна историја на народот кој постојано ја обновува својата татковина на оваа македонска почва:

-Токму културата и уметноста имаат огромна моќ во себе да го акумулираат многувековното паметење и преку своите изразни творечки форми во даден момент да ја водат битката за идентитетот. Токму паметењето го обезбедува континуитетот на културното и уметничкото опстојување на цел еден народ, а со тоа и ги потврдува идентитетските обележја на истиот. Едноставно, културата и уметноста го чуваат и потврдуваат идентитетот како одредена бесценета и бесконечна културолошка порака која се пренесува од генерација на генарација, и за која секоја сегашност е само кратка, моментна и минорна пречка, а целта е јасно лоцирана, во бескрајноста на иднината“, рече Ѓоргоска Илиевска, додавајќи дека изложбата ја нуди единствената можност за првпат во македонската современа историја да се погледнат и доживеат, индивидуални и групни портрети на оригинални фотографии, кои прикажуваат револуционери од различни, понекогаш и спротивставени струи во рамките на македонското револуционерно движење, а истовремено испраќа уште една исклучително значајна порака кон македонската и меѓународната јавност, воедно и кон научната фела, за значењето на потребата од постојаното историско истражување, проучување и утврдување на факти за револуционерните движења и борбата за слобода на македонскиот народ од крајот на XIX и првата половина на XX век. Изложбата“Лица на револуцијата“ опфаќа над 40 фотографии на македонски револуционери, дејци, интелектуалци во македонското револуционерни, комитски чети и семејства на македонски револуцинери од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Најголем дел од нив за прв пат се објавуваат пре очите на македонската културна, научна и општествена и се резултат на долгогодишни истражувања и макотрпна колекционерска работа на двајцата автори.-Историските изложби како настани секогаш се издвојуваат, нудејќи поглед во минатото кој не е само длабински просветлувачки, туку е  најчесто провокативен, возбудлив и ексклузивен. Внатрешната македонска револуционерна организација низ фотографии, 1893 – 1934 година е една таква предизвикувачка изложба чија вредност ја повикува публиката на една нова, восхитувачка и долго очекувана средба. Во нејзиното јадро лежи ризница од досега необјавени фотографии на македонски револуцинери, кои го чекаат својот момент да се разбудат од заспаноста на времето, ќе речат авторите на изложбата Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски.Примарната цел на оваа збирка е да се зачува еден дел од визуелната историја на македонската револуционерна борба. Овие оригинални фотографии нудат единствена опиплива врска со минатото на Македонецот, доловувајќи ги лицата, настаните и приказните на оние кои се бореле за слобода и државност. Со курирање на овие фотографии, како колекционери имаме за цел да се погрижиме жртвите и херојството на нашите предци да не бидат заборавени и нивното наследство да продолжи да ги инспирира идните генерации.Првиот краткотраен филм “Македонија во слики“ е снимен пред 100 години во 1923 година од страна на Арсени Јовков, а во оваа година одбележуваме и други многу значајни јубилеи 120 години од Илинденското востание и 130 години од основањето на ВМРО, датуми кои се втемелени во создавањето и историјатот на Република Македонија.

Изложбата“Лица на револуцијата“ ја имаше својата премиера во МАНУ, за оваа седмица да биде претставена и пред публиката во Битола.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »