Press "Enter" to skip to content

Вечерва премиера на најгледаниот македонски филм “Te Dua, жими мене“ во 3Д Кино

„Te Dua, жими мене“ е независен филм работен во 2019 година и бргу по својата премиера го зазеде местото на најгледан Македонски филм. Во 3Д Кино Битола својата премиера ќе ја има на 02.11.2023 год. во 20:00 ч. Станува збор за комедија која граничи со сатира и раскажува приказна за тројца другари кои стануваат дел од криумчарење на дрога трудејќи се да ја вратат купената жена од Албанија назад. Филмот е во режија на Марјан Гавриловски, а сценариото го потпишува Никола Кузелов. Позади оригиналната музика стои Валентин Видовиќ, а зад камерата Александар Карпузовски.

Комедијата „Te Dua, жими мене“ ја доби награда за најдобар игран филм на фестивалот „SoundScreen“ во Равена, Италија. Ова е второ меѓународно признание откако летово доби награда од публиката на Филмски фестивал во Тирана, Албанија. Социјалната комедија обработува плејада тематики, од лажна љубов преку пријателство, религија, феминизам, криминал, па сé до вистинска љубов. Филмот на површина го извлекува заедничкото, човечката емоција. 

Главните ликови ги толкуваат: Никола Кузелов, Атанас Атанасовски, Ангела Стојановска и Валентин Видовиќ, а играат и: Тони Михајловски, Игор Џамбазов, Сенко Велинов, Мими Таневска, Владо Јовановски, Фирдаус Неби, Рујиш Беговска, Мирсад Абази, Талија Настова, Елдин Широки, Исмаил Касуми, Надица Петрова, Сара Спиркоска, Ангела Димитрова и Флакрон Алиу.