Press "Enter" to skip to content

Во Битола премиера на претставата “Куфер.МК“ (фотогалерија) 

-Ова е мојот куфер, мојот багаж на сеќавање и сегашност, мојата потреба да се сподели размисла, емоција, коментар на она што длабоко ме допира, животот, земјата, државата, промените, луѓето, иднината…, рече Соња Михајлова по премиерата во Битола.

Синоќа во преполната сала на киното “Манаки“ во Битола, во соработка со Културно информативниот центар и Општина Битола се случи премиерата на монодрамата “Куфер.МК“ во изведба на актерката Соња Михајлова, а во режија на Благој Мицевски. Претставата е дел од програмата на Општина Битола по повод празникот 4 ти Ноември, денот на ослободувањето на градот. Таа не поведе на едно емотивно патување почнувајки од детството на актерката фасцинирана од локалниот циркус, преку животот во државата Југославија чие распаѓање сеуште остава траги, мириси и сеќавања за едно време. На крај патот продолжува во новата држава Македонија се до Северна, време во кое актерката соочена со премрежјата на секојдневието се прашува: да ме има или да ме нема ? Сепак најважно е некаде да се припаѓа и лично да се знае каде на човекот му е дома, гласно и јасно ни порача актерката која во едночасовната брилијантна изведба ги покажа сите нијанси од својот раскошен актерски талент создаван низ годините во Народниот театар во Битола.Соња Михајловска за оваа монодрама рече:

-“Куфер.МК“ премиерата, е во рамките на програмата на Општина Битола за одбележување на 4ти Ноември, празникот на Битола. Претставата “Куфер.МК“, е мој личен влог и влог на екипата на претставата, Благој Мицевски, Миодраг Неќак и Марјан Ѓорѓиевски. Мојот предизвик за монодрамата всушност беше мојата потреба во овие ранливи времиња што ги живееме, време на секојдневни промени кои атакуваат врз нашите животи, и пукаат шавови во сопствениот, и поминат багаж и животот сега и овде. Ова е мојот куфер, мојот багаж на сеќавање и сегашност, мојата потреба да се сподели размисла, емоција, коментар на она што длабоко ме допира, животот, земјата, државата, промените, луѓето, иднината…Музиката која не поведе низ различните емотивни состојби на ликот низ познати теми од просторот и времето но и теми кои сугестивно ги надополнуваа видеата во претставата е дело на композиторот Миодраг Неќак.Неколкуте видеа, почнувајки од првото во кое ја гледаме актерката со својот точак низ улиците на Битола, толку препознатливо за неа, и другите повеќе артистични и визуелни интерпретации на нејзините размисли, се дело на актерот Маријан Ѓорѓиевски.Режисерот пак Благој Мицевски, често соработува со актерката Соња Михајлова и очигледно добро го познава нејзиниот актерски сензибилитет, но и личните дилеми и размисли на актерката, па сето тоа го преточи во претстава која покрај личниот момент успева да ги долови и општочовечките теми кои се занимаваат со барањето на смислата на животот и улогата на уметникот во него. Со идеална комбинација на текстуални и видео моменти тој создал претстава која го држи вниманието на публиката од првиот до последниот момент.Сигурни сме дека претставата ќе има долг живот не само кај нас туку и во регионот.
На претставата присуствуваа голем број битолчани, познати љубители на театарската уметност, многу колеги на авторите, како и градоначалникот на општина Битола.На крај после бурниот аплауз, актерката Соња Михајлова им се заблагодари на присутните и на сите им го честита празникот 4. Ноември.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »