Press "Enter" to skip to content

Француска културна есен во Битола

Активностите во рамките на француската културна есен продолжуваат во нашиот град, во Битола. И тоа со несмалено темпо… Секако, со сеуште свежи сеќавања за успешно завршената Школа за краток филм и прекрасниот кореографски проект којшто сите, од најмлади до возрасни  не мотивираше за игра, танц и движење.

И само што ја испративме делегацијата од збратимениот град  Епинал со којшто го споделуваме, најдолгото 55 годишно пријателство во државата и  притоа градоначалникот и  неговата екипа ги пречекавме со интензивна културна агенда , а еве веќе сме на прагот на уште еден многу значаен настан  во нашата француска есен.

На 09 ноември, со почеток во 19,00 часот во галерискиот простор на Офицерскиот дом ќе се случи отворање на извонредната изложба  Париски Рефлексии каде низ 40 уметнички дела публиката ќе може да посведочи за непресушното влијане на градот на светлината врз творештвото на најреномираните македонски сликари.

Оваа изложба доаѓа како  плод на соработката  помеѓу Францускиот Институт и  Националната галерија, а во локално партнерство со КИЦ Битола и Францускиот конзулат односно Француската Алијанса. Избрани дела на големите мајстори и основачи на македонското современо сликарство скоро два месеци ќе бидат изложени за да може битолската публика, а особено младите да го откријат ова, често непознато, богато културно наследство.

Претходно, во попладневните часови,  во старата Битолска чаршија ќе биде претставен проектот  Сигналитика  –  како резултат на соработката  помеѓу Општината Битола и Француската  Национална асоцијација  Забележителни Места и градови  односно градови на уметноста и историјата  и градови со заштитени јадра. Станува збор за соработка  што трае скоро  20 години и досега резултираше со два проекти Сигналитика и Инвентаризација на старата битолска чаршија. Последниов проект со наслов Познавање, зачувување и вреднување на старите градски јадра се состоеше во тригодишна размена на искуства и добри практики, обуки и студиски патувања во рамките на една проектна мрежа од  16 македонски, албански и француски градови. Проектот опфаќа сет од 10 сигналитички, информативни, тријазични табли распоредени на интересни и специфични пунктови  во живописната битолска чаршија .

Најпосле, но  не помалку значајно. Со сите овие убави есенски културни активности во кои ги  славиме филмот, сликарството, танцот, се приближуваме до традиционалната комеморација.  Како и  секоја година, на Француските воени гробишта  ќе го одбележиме 11 Ноември   Денот на примирјето по Првата Светска војна како значаен  датум со кој се стави крај на еден од најкрвавите судири во историјата на  човештвото.

И сето ова не ќе беше можно без поддршката од Француската Амбасада и секако Амбасадорот  Сирил Бомгартнер, чест гостин и осведочен пријател на нашиот град,  Францускиот Институт од Скопје и Француската Алијанса во Битола и особено, особено нашите традиционални партнери: Центарот за култура, Културно информативниот центар и секако Општината, основните училишта и гимназијата  Јосип Броз Тито.

Француско Конзуларно Претставништво

Калиопа Стилиновиќ, Почесен конзул на Франција

 

More from ВестиMore posts in Вести »