Press "Enter" to skip to content

Во Битола отворена традиционалната ноемвриска изложба на ДЛУБ (фотогалерија)

Вчера во Офицерски дом во Битола свечено беше отворена традиционалната ноемвриска изложба на Друштвото на ликовни уметници на Битола (ДЛУБ) на која беа поставени уметнички дела на 39 битолски уметници и десетина гости на ДЛУБ.За изложбата која е изложбата е финансирана од општина Битола и е дел од програмата по повод 4 Ноември, Денот на ослободувањето на градот Битола зборуваа претседателот на ДЛУБ – Васко Ѓоргиев, директорката на КИЦ Битола – Лили Бошевска, а изложбата ја отвори градоначалникот на Битола – Тони Коњановски. Награден автор на годинашната традиционалната ноемвриска изложба на ДЛУБ е Филип Јовски за делото “Замка“  кое е (рефлексија на „сјајната/светкава“ состојба на урбанизмот во нашите црни градови (градови без зеленило и со загаден воздух) и „богатството“ да се поседува стан во истите.Филип Иванишевиќ, историчар на уметност за оваа изложба ќе рече:-По шеесетти пат слободата е обединувачкиот повод за ноемвриската изложба на ДЛУБ. На овој нескромен јубилеј на славењето на уметноста во нашиот град тешко е да се замисли поподобен повод за изложба од слободата. Ако се согласиме со ставот дека уметноста е вотварување на нашите визии за вистината, редно е да ги доближиме поимите за вистина и слобода, односно да погледнеме на уметноста како на скоро апсолутна артикулација на слободата. Слободата која иманентно исходи однатре ги раскрилува визурите кои ги чинат уметничките дела, а го читаат светот надворешен преку понор во светот внатрешен. Творечките искачувања под знакот на слободата во слободниот град, уште еднаш допираат до церебрално недостижните ноумени во кои созерцува уметноста и го поставуваат емпириското „изгледа“ наспроти цврстата органска увереност во мистичното „е“. На оваа ревијална изложба, уметниците во изобилие ги изложуваат своите изобразби во различни техники и уште поразлични теми, но изложуваат под обединувачкиот покров на патосот за утврдување на реалноста во себе и вон себе. Делата се различни, смели и покрај неселективниот карактер на изложување градат многу солидна изложба, достојна за поводот. Како таков, овој збир дела, покрај изложбената, одлично извршува уште една функција – функцијата на наѕирање не само во уметничкиот ракурс на едно место во одреден период, туку и нотирање на метафизичките грижи и ужаси на жителите во времето. Гледајќи ја изложбата од разни агли, промислувајќи ја од повеќе стојалишта, неизбежно е да посочиме на нејзината целовита зрелоста и на поединечните уметнички постапки со кои изложувачите заграбуваат да го „заробат“ во твар подобието на реалноста.Миле и Христина Брзовски се дел од ликовните уметници кои имаат изложено свое дело на оваа годишна изложба. Не криејќи го задоволството од тоа што се дел од изложбата ни рекоа:-Чест и задоволство ни беше да учествуваме на нормвриската изложба заедно со уште триесетина други уметници која се одржа во кристалната сала на Офицерскиот дом по повод 4. Ноември, Денот на одлободувањето на Битола. Голема благодарност за поддршката до нашиот ментор Дејан Макаријоски и ДЛУБ.Учесниците на изложбата беа АНДРЕЈ МАРЈАНОВИЌ, АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ, БОЈАНА ТОШЕВСКА, БОЈАНА АРТИНОВСКА, ВАНГЕЛ КРСТИНОВСКИ, ВАНЕ КОСТУРАНОВ, ВИКТОР ЛОЗАНОВ, ДЕЈАН МАКАРИЈОВСКИ, ДИМИТРИЈЕ КАЦУЈАНИ, ДИМИТАР ДИМИТРОВ, ДИНКО НЕНОВ (Бугарија), ДУШАН ШЕШИЌ, ЕЛИЗАБЕТА КОСТОВА, ЗЛАТКО КРСТЕВСКИ, ЃОРЃИ ЗАЈАКОВСКИ, ЛАРА ТАШКОВСКА, СЛОБОДАН РАЈЧЕВСКИ, ПЕТАР КИРАНОВСКИ, ОЛИВЕРА ЛАЗАРЕВСКА-ОЉА, ВЛАДИМИР МЛАДЕНОВСКИ, МАРИЈАН КОТЕВСКИ, ПАНДЕ ПЕТРОВСКИ, САНДРА КОТЕВСКА, СТЕФАН АНЧЕВСКИ, ТОНИ ПОПОВ, ФИЛИП ЈОВЕСКИ, ПЕРО КОВАНЦАЛИЕВ, МАЈА ТАНЕВА, СТЕФАН МАЛБАШИЌ, ВАЛЕНТИНА ИЛИЈЕВСКА.Како гости се појавија ГОРАН БОЕВ, ХРИСТИНА БРЗОВСКА, СИМОНА МИРЧЕВСКА, ЗЛАТКО ЛЕЧКОВСКИ, ЈАНА НИКОЛОВСКА, БИЛЈАНА ТОЛЕВСКА НАУМОВСКА, ВАНГЕЛ СРНАКОВ, МАРТИН ЈАКИМОВСКИ, ОМБРЕТА ДОЉОТИ (Италија).

Фото: Дејан Кузмановски

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »