Press "Enter" to skip to content

Богдан Радивојевиќ: напорно работиме и се надеваме на позитивен резултат

Екипата на Еурофарм Пелистер од Битола веќе е на пат за Унгарија каде ќе го игра натпреварот против екипата на ПИК Сегед во Лигата на ракометните шампиони.

Богдан Радивојевиќ, српското крило кое сега настапува за пелистерци го најави натпреварот и мечот кој ги очекува. Тој знае дека нема да биде лесно да се игра пред тамошната публика, но верува дека добрата работа на тимот ќе почне да се исплати.

-Драго ми е што ќе се вратам и ќе заиграм повторно во Сегедин. Едвај чекам да дојде натпреварот. Се спремаме, знаеме како игра ПИК Сегед, но нема да играат против нас како на останатите натпревари. Мораме добро да се спремиме, напорно работиме и се надеваме на позитивен резултат. Им остана шпанскиот систем кој го играат десетина години, но со новиот тренер и со некои нови играчи воведоа некои новини. Ги гледаме на натпреварите оваа сезона, се спремаме и мораме сите шеесет минути да играме добро, бидејќи ако малку се опуштиме, нема добро да поминеме. Мораме да ја спремиме главата да бидеме цел натпревар на ниво. Атмосферата кај нас е добра, играме добро и во Лигата на шампионите, и не дозволуваме убедливи порази како на почетокот. Но, тоа доаѓа и со искуството, имаме млади играчи кои не играле во ова натпреварување и мора максимално да се игра шеесет минути. Сега сме свесни за тоа, одигравме добро и во Париз, но недостига малку искуство да бидеме комплетни. Напредуваме од ден на ден и верувам дека тоа ќе се види на терен.

-Салата во Сегед е најубава ракометна сала во Европа. Тоа е само ракометна арена, таму не се игра ни кошарка, ни било кој друг спорт. Имаат и мала сала за тренинг покрај големата. Убаво е да се игра таму и среќен сум што нашите млади играчи ќе го искусат тој амбиент. Нам ни преостанува само да се надминеме и да се обидеме да победиме, додаде за крај од изјавата Радивојевиќ.

Натпреварот во Унгарија се игра утре, четврток, во терминот од 18:45 часот.

More from ВестиMore posts in Вести »