Кире Циревски
Деновиве со пристигувањето на сиднејскиот аеродром црковната делегација, предводена од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Тимотеј, надлежн архиереј на Дебарско-кичевска, Плаошко-струшка и администратор на Австралиско-сиднејската епархија на МПЦ-ОА, ја посети црквата “Св. Петка“ во Рокдејл, и на 5 ноември 2023 година, во 22 Недела по Педесетница и на празникот на Св. Јаков брат Господов и на Св. Игнатиј Цариградски, најпрво беше осветен новиот престол.Потоа беше отслужена света Архиерејска Литургија, на која чиноначелствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки, Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Ѓуро од Српската православна црква и Љупчо Двојаковски од Руската задгранична црква, протоерејот Александар Ивановски, свештеникот Владо Недески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.
Митрополит Тимотеј во оваа прилика рече:-Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух! Драги браќа и сестри, Набљудувајќи го светот и сѐ што се случува во него, многумина заклучиле дека ништо на овој свет не е вечно. Сѐ е минливо како сон, сѐ е лажно како сенка. Сѐ, и луѓето и билките и самото небо и самата земја, и богатството и сиромаштвото, и славата и понижувањето, и ситоста и гладувањето. Сѐ! Затоа уште старите мудреци имаат кажано: сѐ тече како река, сѐ поминува како сенка. Сѐ поминува, сѐ се менува. Панта реи! Еве, и човекот се раѓа, живее и умира. Кога се раѓа ништо не донесува со себе, а кога умира ништо не однесува. Праведниот страдален Јов извикува: гол излегов од утробата на мајка ми, гол и ќе се вратам (Јов. 1, 21). Ако ништо нема вечно, тогаш дали има каква и да е смисла нашиот напатен живот? Дали има своја цел? Дали не е можеби нашиот живот една огромна безмислица во која сѐ е суета над суетите (Проп. 1, 2).Денешното свето Евангелие одговара на ова прашање. Некој човек бил богат, се облекувал во порфир и свила, живеел секој ден господски и се веселел. А имало и некој сиромав по име Лазар, кој лежел пред неговите врати во гној и смрдеа, и сакал да добие макар и од трошките што паѓале од трпезата на богатиот. Покрај тоа, доаѓале и кучињата и му ги лижеле неговите рани. Какви спротивставености! Еден богат, друг сиромав. Еден во порфир и свила, другиот во просјачка и искината облека. Еден со богати трпези преполни со јадења и пиења, другиот пред вратите, желен макар и за отпадоците што паѓаат од првиот. Првиот најаден до прејадување, другиот гладен до изнемоштување. Едниот здрав, другиот болен. Првиот во мириси, другиот целиот во смрдеа, рани и гној. Првиот богат без име, а другиот со име Лазар. Но, параболата не завршува тука туку продолжува. Умира сиромавиот Лазар и ангелите Божји го носат во прегратките на Авраама во рајот. Умира и богатиот и го погребуваат, и ангелите го носат во пеколот, и тој во мака ги подига очите и го гледа Лазара во рајот. Го моли Авраама да го испрати Лазара со натопен прст во вода за да му го разлади јазикот кој гори во оган. Но, добил одговор дека тој ги добил своите благодети во својот живот на земјата, а Лазар, пак, само зло. Затоа сега Лазар се теши, а тој се мачи. А, покрај тоа, тој му вели и дека помеѓу нив има простор и голема провалија и не може да се премине од една страна на другата. Се завршува една предвремена драма на еден живот. Умрел сиромавиот Лазар, неговата душа ја однеле во рајот, за да го продолжи животот како песна над песните, во друштво на праведници и безбројни хорови на ангелите, под Божја заштита за сета вечност. Привременото и кратко страдање за време на Лазаревиот живот се претворило во вечна радост. Св. ап. Павле вели: она што око не видело, уво не чуло, ниту на човек на ум му дошло, тоа Бог го приготвил за оние кои Го љубат (1Кор. 2, 9).
Умира и богатиот човек, а со тоа завршува едно привремено живеење на еден живот. Го погребале, но демоните неговата душа ја носат во пеколот, за да го продолжи животот како најцрна трагедија, таму каде што е плач и крцкање со заби, во друштво на грешници, и тоа за сета вечност. Привременото и временето ограничено богатство и уживање се претвориле во вечна трагедија без крај.Оваа вистина за рајот и пеколот дава смисла за нашиот овоземен живот. Без таа вистина, животот би бил безмислен, а крајот на човекот во гробот, во ништост, и тоа вечна. Со таа вистина, пак, се потврдува дека човекот е вечно битие, малку помало од ангелите. Сета радост и сета жалост во животот, сета слава и секое понижување, сето богатство и сиромаштво, сето тоа го осмислува целиот човечки живот. Да го погледнеме сиромавиот Лазар. Тој без роптање ја поднесува својата судбина. Молчи и трпеливо чека. Да не е вечниот живот во кој царува Божјата правда, дали тој живот Лазаров би имал своја смисла? Зошто му е таков живот на кој и да е човек, па макар и еден ден, ако нема рај и пекол, односно ако нема Бог, и ако нема душа, и ако нема вечен живот во кој треба да биде задоволена правдата? Животот без Бога, без душа, без вечност, без рај и пекол е бесмислен. Но, да не заборавиме дека има и Бог, и душа, и вечен живот. Има и Божја правда, и рај и пекол, како што има ден и ноќ, светлина и темнина. Човекот не е сламка помеѓу ветровите што се подигнуваат во овој свет туку е создание Божјо – малку помало од ангелите Божји (Пс. 8, 5), и создаден е за вечност. Од него, односно од човекот, зависи како ќе се подготви за таа вечност во овој привремен живот, во кој изгледа дека сѐ тече, сѐ се менува како матна река. Затоа ние христијаните непрестајно се молиме на Бога да нѐ поддржи во светлината на разумот, та нашиот век што ни е даден од Бога да го поминеме според Божјата волја, во вера и надеж, во љубов и почитување, во простување и во трпение. Па и нашите имиња да се најдат запишани во книгата на живите, како името на сиромавиот Лазар, и да го славиме и да го фалиме во сета вечност Неговото свето име, на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.