Press "Enter" to skip to content

Епска вечер и културна фузијa во Центарот за култура во Битола во рамки на “Олабај на Фестивал музика од светот“ (фотогалерија)

Синоќа, Малата сала во Центарот за култура во  Битола беше простор на мистичните ритми на првиот соло албум на Горан Таневски „Ascend“. Ова не беше само промоција на албум, туку и потсетник на богатото музичко наследство на Македонија, проникнато со тој прогонувачки шарм на готик рок.Настанот беше беспрекорен спој на уметничкиот израз на Горан Таневски, со хипнотизирачки видео клипови на Мијалче Ставрев и Светислав Подлешанов, како и вокални изведби на Таневски кои се толку посебни, што не можат со зборови соодветно да се објаснат. Со својот карактеристичен глас, Таневски не врати во корените на македонската алтернативна сцена, потсетувајќи не на неговата клучна улога во легендарниот бенд Мизар.На почетокот на промоцијата зборуваше директорката на Центар за култура од Битола, Маја Андоновска  – Илиевски која нагласи дека и е мило тоа што 15. јубилејно издание на фестивалот го имаат Горан Таневски, кој го промовира неговиот прв самостоен албум. Илија Талев од Метрополис, не водеше во текот на вечерта, истакнувајќи ја уникатната способност на Таневски да ги вткае византиската музика и православните пеења во модерен рок. Овој албум, прв од планираната трилогија, означува пресвртница во славната кариера на Таневски, прикажувајќи ја неговата еволуција од пионерските денови на Мизар до соло уметник кој ги поместува границите.Илија Талев за Горан Таневски и неговата уметност додаде:-Горан Таневски го промовираше неговиот, верувале или не, прв самостоен албум (прв од трите предвидени, со што како трилогија ќе се заокружи целиот процес). На него ќе има девет композиции: „Сонце“, „Среќен ден“, „Среќен сум дури и без себе“, „Перун“, „Ascend”, „Essence Voyage”, „My Way”, „Wicked Rain“ и „Wish A Man“. Албумот е во соработка со Агенцијата за мода, култура и уметност „Метрополис“ од Битола. Организацијата на самата промоција беше во организација на „АртАкт“ од Битола (главни виновници зад повеќето „off“ програми на различни културни настани под името „Олабај“), со посредство на Агенцијата за мода, култура и уметност „Метрополис“ од Битола. Презентацијата беше во форма на видео спотови, надополнета со вокална интерпретација во живо на одредени композиции. Сите видео спотови се дело на Мијалче Ставрев (Криминал Рекордс, Штип), освен видео спотот за песната „Асценд“, изработено од Светислав Подлешанов (Битола).Без сомнение Горан Таневски е една од најмаркантните личности на македонската музичка рок сцена. Неговата мистична појава и харизматичност, надополнета со неговиот изразито длабок вонземски вокал, придонесоа Горан Таневски да стане еден од стожерите на македонската модерна алтернативна музика. Во својата музика комбинира класичен готик-рок проткаен низ македонското музичко наследство, византиската музика и православно црковно пеење на уникатен начин, што го прави оригинален и препознатлив, додека литургиските вокални манири совршено се вклопуваат во неговото музичко изразување.Синоќешниот прв ден од Фестивалот на музика од светот, беше повеќе од прослава на еден албум. Тоа беше почит на македонската култура, јазик и моќта на музиката да го надмине времето и местото. Битола, родното место на Мизар и срцето на македонската алтернативна сцена, уште еднаш го докажа своето културно значење.Промоцијата беше дел од програмата на Олабај на Фестивал музика од светот во рамките на проектот „Олабај“, на АРТАКТ Битола, чија цел е надополнување на фестивалските програми на дел од меѓународните фестивали во Битола и е поддржан од Министерство за култура.После промоцијата на албумот во Битола, следат промоции во уште неколку градови во државата (на 1.12.2023 во Прилеп, потоа неколку промоции во Скопје итн.), Потоа следат промоции во Србија, Хрватска (14.12.2023) и Словенија (15.12.2023). Албумот ќе биде достапен на сите поголеми музички платформи за преслушување и симнување во издание на Менарт од Хрватска. Потоа ќе следи цд и винилно издание.“

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »