Press "Enter" to skip to content

Одблиску со д-р Петар Аврамовски, член на “УКЛО Мрежата“ на универзитетот “Св. Климент Охридски“ од Битола

По повод Светскиот ден на науката Универзитетот “Св. Климент Охридски“ од Битола ја прошири научната орбита на дејствување, со нов формат, динамизирана афирмацијата на науката и со целосно отворање на Универзитетот кон поединци и организации кои се занимават со наука и истражување. Меѓу активностите на овој план посебно место има УКЛО Мрежата како платформа за поврзување со научни дејци и институции кои делуваат надвор од Универзитетот.

Најнови членови во УКЛО Мрежата со кои се потпишани меморандуми за соработка се: д-р Горан Петровски, д-р Јован Стефановски и  д-р Петар Аврамовски како и Здружението на граѓани за унапредување на развојните процеси – ПроЛокал, Центарот за научно истражување и промоција на културата – ХАЕМУС и ЗГ Медицинскиот истражувачки центар.  Станува збор за поединци и организации активни во заедницата, науката и истражувањата кои може да бидат носители или партнери во проекти. 

“Биотолањуз“ низ серијал ги претставува поединечно новите членови во научното семејство на УКЛО.

Како гледате на иницијативата за формирање на УКЛО Мрежа?

-Одлична иницијатива, формирањето на УКЛО Мрежа е врвна и уникатна идеја чие спроведување ќе им овозможи афирмација на новите членови и достапност на нивните трудови на страната на репозиториумот на УКЛО, како и збогатување на научниот потенцијал и капацитет на претходните негови достигнувања. Вмрежувањето на членовите кои не сме актуелни предавачи на УКЛО ни овозможи нам, рамноправно учество во сите настани и научни збиднувања, за кои досега не успевавме да ги дознаваме. Заедно сме појаки, а секако и попаметни. Вмрежувањето ни овозможи да ги дознаемe научните вредности на одредени научници, кои досега не сме ги знаеле, а секако и тие да ги дознаат нашите научни вредности и достигнувања. Само пофални зборови за иницијативата, од мене и од сите мои колеги, кои се или не се приклучени, а развија амбиција да го реализираат тој сон, за кој за нас приклучените е реалност.

Вашата стручна биографија заслужува почит и внимание, може ли да посочите во која област е Вашето најголемо достигнување?

-Моите најголеми достигнувања се од областа на медицината, интерната медицина и нефрологијата, во полето на Doppler ехотомографијата при процена и мерење на артериската крутост како важен фактор за долговечност. Мое најголемо авторско достигнување е публицирањето на глава (chapter) во книга од 2 тома, насловена како “Biomarker in Kidney disease” во издание на Springer, King’s College London UK, под наслов „Aortic Pulse Wave Velocity as a biomarker in Chronic Dialysis Patients“. Покрај ова, со гордост би го истакнал објавениот коавторски научен труд во “The Lancet (eBiomedicine)” кое е рангирано со 93-та перцентила, односно се наоѓа во врвот на првите 7% научни списанија во цел Свет (или импакт фактор 168.9) именувано како Global distributions of age- and sex-related arterial stiffness: systematic review and meta-analysis of 167 studies with 509,743 participants”. И не само на научен план, мојот ангажман не заостанува околу грижата кон пациентите и воведувањето на нови дијагностички методи: Колор Допплер ехотомографија (2000 г), мерење на артериската крутост (stiffness, 2014 г), како и честите едукативни предавања пред колегиумот за нови лекови, протоколи и доктрини околу лекувањето. Честите награди од МОН на Северна Македонија за моите научни трудови но и добиената благодарница од моите студенти на кои им држам практична настава, се само уште еден поттик за мои идни заложби за научна работа.

Каков е Вашиот план за соработка со УКЛО? Дали веќе започнавте да го афирмирате Универзитетот со планирани активности?

-Афирмирањето на Универзитетот го започнав активно после вмрежувањето. Настаните од денот на Науката ги постирав на Linkedin, Youtube и Facebook, како и на сајтот на Клиничка Болница – Битола. За самиот настан и за предностите кои ги добивме со вмрежувањето зборував со мои колеги кои се докторанти, коавтори во мои трудови и потенцијално научни работници, кои се мотивираа наредната година да аплицираат за вмрежување.

УКЛО мрежата треба да овозможи поголем процес на творечко, апликативно и креативно поврзување. Како би го препорачале на Вашите соработници/пријатели и на студентите – која е пораката?

-Секојдневно, во мојата медицинска пракса сум ја истакнувал важноста на креативноста, научното творештво и нивната заедничка примена. Со секојдневните дискусии на состаноците на стручен колегиум сум ги презентирал интересните и несојдневни случаи кои сме ги објавиле како case report во повеќе научни списанија. Со некои од студентите сме објавиле научни трудови, исто така. Моите колеги и студентите ги мотивирам со објаснувањето дека со научното истражување ќе им се промени начинот на размислување (mindset) при читањето и разбирањето на научните трудови. Мојата порака е, читајте и пишувајте, пренесувајте го несебично своето знаење. Многу сум научил читајќи, уште повеќе пишувајќи, а најповеќе при предавањето на своето знаење. Би завршил со една мудра мисла од Васил Кључевски: „Науката често се поистоветува со знаењето. Ова е големо недоразбирање. Науката не е само знаење, туку и свест, односно способност за правилно користење на знаењето“.

Дали на Вашиот професионален и стручен успех сила му дава некое посебно мото?

-Моето мото е: „Учи, пишувај, биди радознал и создавај научни дела за сегашните и идните генерации. Сподели ги и размножи ги своите искуства, знаењето и вештините. Тоа не ја намалува твојата вредност“.

More from ВестиMore posts in Вести »