Press "Enter" to skip to content

Со одржување на свечена седница одбележан Патронатот на УКЛО Битола (фотогалерија)

По повод Патрониот ден на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, во свечената сала на Офицерски дом во Битола се одржа свечена седница на Универзитетскиот сенат и Ректорската управа.На свеченоста, од името на Универзитетот, поздравна реч одржа ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски. Тој меѓу другото истакна дека:-УКЛО е универзитет кој во домашниот и европскиот едукативен простор не настапува повеќе сам, туку е дел од европска универзитетска алијанса. Во 2023 УКЛО стана првиот и засега единствен македонски универзитет кој стана член на Европска универзитетска алијанса. УКЛО заедно со уште осум други универзитети од Германија, Франција, Шведска, Шпанија, Италија, Полска, Литванија и Хрватска се здружија во универзитетската алијанса КОЛОРС.Најавуваме дека УКЛО од 01 јануари 2024 веќе не е регионален македонски универзитет туку европски универзитет кој на европско ниво ќе делува заедно со своите партнери. УКЛО во минатата академска година стана и еден од ретките универзитети кои во своите редови имаат нобеловци.Ректорот Неделковски во своето обраќање се осврна и на домашното вреднување на УКЛО, при што рече:-Успесите на меѓународната сцена се рефлектираа и на домашната. Со големи напори по повеќе годишна пауза успеавме УКЛО да го „подмладиме. Оваа година славиме што изминатата година имаме 30 нови вработувања, од кои 25 се на наставен и соработнички кадар. Се надеваме оваа пракса ќе продолжи и во наредната година.   Горди сме што полека но сигурно успеваме да го подигнеме рејтингот на меѓународните универзитетски ранг листи на кои е рангиран УКЛО. Формиравме и клуб на талентирани и надарени студенти со кои посебно се работи со цел да вљубат во науката. Го промовиравме проектот УКЛО Мрежа во кој веќе ги опфативме првите научници и организации кои сакаат да се здружат со УКЛО да соработуваа и заедно настапуваат.  Со овој потег се отвораме максимално кон заедницата кон сите организации и поединци кои имаат капацитет и желба за заедничка работа на научни истражувања и развојни проекти.За соработката со локалните самоуправи од регионот каде се наоѓаат високообразовните иснтитуции Неделковски додаде:-Тука сакам да ја истакнам и одличната соработка со дел од општините во кои делува Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, а преди се со Општина Битола, Општина Прилеп и Општина Новаци. Квалитетот на нашиот УКЛО го препознаа доста бизниси кои традиционално понудија значителен број на стипендии за нашите студенти. Но нашата цел е многу поголема од само обезбедување на стипендии. Дозволете на крај да ја најавам следната јубилејна година, славиме 45 години од основањето на Универзитетот, но славиме и 100 од почетоците на УКЛО односно од почетокот со работа на најстарата единица на УКЛО, Научниот институт во Прилеп. Но славиме и 90 години од првото студентско организирање на овие простори – формирањето на Битолското студентско здружение во 1934 година. Чин што укажува дека студентот одамна бил стожер на економскиот и општествениот развој на овој регион. Императив тоа така и да продолжи. Благодарам, слава на св. Климент, да живее УКЛО“.Одбележувањето опфати неколку важни случувања: прогласување на најдобри научници на УКЛО и доделување награди за постигнат најдобар успех на дипломирани студенти за академската 2022/23 г. прогласени се најдобрите и најистакнати научници. Најдобар научник на УКЛО е професорката Анка Трајковска Петкоска од Технолошко – техничкиот факултет – Велес. Титулата најплоден научник е доделена на проф. д-р Рената Петревска Нечкоска од Економскиот факултет – Прилеп. Меѓу најдобрите и најактивни научници промовирани се и академски кадри кои покажаа високи резултати и за нивниот научен ангажман наградени се професорите: д-р Весна Антовска Книгхтс од ТТФ – Велес, д-р Билјана Трајковска од ФБТН – Битола, д-р Иванка Нестороска од ФТУ – Охрид, д-р Ангелина Станојоска од Правниот факултет – Кичево, д-р Дијана Блажековиќ – Димовска од ФБТН-Битола и пред. м-р Денис Арсовски од ВМШ – Битола. Од име на добитниците се обрати професорката Анка Трајковска Петкоска. Таа се заблагодари на иницијативата за евалуација на квалитетот и достигнувањата во научно- истражувачката работа во академската  УКЛО заедница.  -Почитуван Ректор, Вам и на Вашиот тим, Благодарам, излеговте надвор од рамките на алумни заедницата со препознавање на кадри кои не завршиле на овој Универзитет (како што е случајот со мене), а сепак направиле импакт и за пошироката заедница, но и за наобразбата на младите генерации. Моето излагање, ќе го започнам со изреката на Вилиам Полард: Ароганцијата на успехот е да мислиш дека она што си го сработил вчера ќе е доволно за утре. Искрено јас не сонував да добијам награда, но работев со посветеност и истрајност секој нареден ден да бидам подобра од мојата вчерашна верзија, не да се покажам и да ги победам другите, туку да бидам подобра самата јас. Во оваа прилика сакам накратко да ги споменам и моментите кои ми ја означија годинава која изминува: пред се круна на сето академско творење не само за мене, сметам и за целата академска заедница на УКЛО беше посетата на нобеловецот д-р Дан Шехтман, најнапред сум благодарна што професорот се одзва на мојата покана и нè почести со неговата посета, а потоа неизоставен дел е и улогата на Ректорот и неговиот тим што сестрано ја подржаа оваа инцијатива“.На свеченоста доделени се награди за најдобро дипломираните студенти. Станува збор за  манифестација за вреднување на вложениот труд на студентите, посебно на оние кои покажуваат високи резултати.Пофалници и парични награди од УКЛО за најдобро дипломирани студенти во академската 2022/2023 година добија: Економски факултет-Прилеп Кристина Димитриеска, 10,00 и Христина Нунеска, 10,00, Педагошки факултет-Битола Јасна Талевска, 9,96, Правен факултет-Кичево Наташа Присаѓанец, 9,95, Технички факултет-Битола Елена Стефаноска, 9,85, Факултет за информатички и комуникациски технологии -Битола Теодора Силјаноска, 9,80, Факултет за туризам и угостителство- Охрид Јована Јоноска, 9,60, Ветеринарен факултет – Битола Ана Талевска, 9,57, Технолошко-технички факултет-Велес Јасмина Маниќ –Кузманоска, 9,41 и од Факултет за безбедност-Скопје Ивана Мукоска, 9,38 .Од име на најдобрите студенти говореше Христина Нунеска која рече:-Тешко е да се сокрие возбудата и радоста н овој ден, чест и задоволство ми е да Ви се обратам на оваа свечена седница во мое лично име и во име на најдобро дипломираните студенти. Признанието за најдобар студент за нас претставува потврда за нашиот досегашен труд, но и мотив за уште поголеми цели и достигнувања.Среќни сме што испишавме една успешна приказна која веруваме дека ќе биде мотив за идните генерации. На моменти тешко, на моменто лесно, сепак ние успеавме и денес стоиме гордо исполнети со радост и задоволство за нашиот успех. Ви благодариме што верувате во нас, Ви благодариме за развиената мрежа со бизнис заедницата благодарение на која многумина од нас се дел од големи компании, Ви благодариме што го цените нашиот квалитет и ни овозможивте да преминеме од другата страна на катедрата започнувајќи со позиција на демонстратори. Во име на сите студенти, Ви благодариме што го слушате нашиот глас. Упатуваме голема благодарност и до нашите семјства кои секогаш се нашата неизмерна поддршка. Благодарение на нив ние сме денес тоа што сме“.Инаку, одбележувањето на Патрониот ден на УКЛО се одржа во Офицерскиот дом во Битола на 7.12.2023 г. институција со која УКЛО потпиша Меморандум за соработка. Потписниците, д-р Лили Бошевска и ректорот Игор Неделковски ја официјализираа добрата соработка.На свеченоста покрај комплетното раководство на УКЛО, присуствуваа високи претставници од државни универзитети,  меѓу кои и ректорот на ДУТ, Јусуф Зејнели, членовите и претседателот на Универзитетскиот сенат Николче Јанкуловски, декани и директори на единиците на УКЛО, студенти и вработени на УКЛО и претставници од општествениот и политичкиот живот, меѓу кои и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски. Претходно, во чест на Патронот, повеќе делегации  положија букети цвеќиња пред споменикот на Св. Климент, во дворот на Ректоратот.Во кабинетот на ректорот се одржа средба на сегашниот ректор со поранешните ректори проф. д-р Димко Кокаровски, проф. д-р Софроние Миладиновски и прод. д-р Златко Жоглев.

Е.Атанасоска

Фото: С. Ристевски

More from ВестиMore posts in Вести »