Press "Enter" to skip to content

Денес е Свети Климент, патрон на македонската православна црква

-Со зборови си ги упатил народите во верата Божја; со делата си се издигнал, преблажене, кон божествен и блажен живот. Со чудеса си ги просветил оние што пристапуваат верно кон Тебе, преславно осветлувајќи ја темнината со знаменија. Поради тоа го славиме Твојот божествен спомен, Клименте. Битола на своојот уноверзитет им ги даде неговото име.

Од тропарот посветен на Свети Климент Охридски.

Денеска Македонската православна црква го празнува споменот на својот патрон Свети Климент Охридски – Чудотворец, најпознатиот меѓу повеќето ученици на светите браќа Кирил и Методиј.

Македонската православна црква со посебно внимание но и со гордост го празнува споменот на својот патрон Свети Климент Охридски – Чудотворец. Првиот македонски архиепископ во исто време и творец на далеку познатата Охридска книжевна школа е најзначајниот македонски средновековен писател и педагог.

Гробот на Свети Климент на Плаошник, Охрид

Свети Климент е роден околу 830 година и потекнува од територијата на Македонија. Од млади години ги придружувал Светите браќа и учествувал во нивната прва мисија по долината на реката Брегалница. По завршувањето на  оваа мисија, во 855 година со свети Методиј заминал во манастирот Полихром на Олимп. Вложувал голем труд и внимание во преведувањето на богослужбените книги од старогрчки на словенски јазик под раководство на својот учител. Најверојатно, во 860 година ги придружувал Светите браќа во мисијата кај Хазарите во Херсон.

Пролетта 864 година, заедно со своите учители, заминал во Велика Моравија. Се истакнал со неуморен труд и залагања за ширење на словенската писменост и култура и не подлегнал под притисоците на тријазичниците. Верен на своите учители, во 867 година заминал во Рим подготвен да ја одбрани службата на словенскиот јазик. По смртта на свети Методиј во 885 година, свети Климент, заедно со свети Наум, Сава, Горазд и Ангелариј, бил принуден да избега на југ од Дунав, каде што го продолжил делото на своите учители.

По Белград, оди во бугарската престолнина Плиска, каде светите Климент и Наум веднаш влегле во судир со грчкото свештенство, кое ја ширело грчката пропаганда меѓу словенските племиња. Под наговор на византискиот император Михаил, кнезот Борис го испратил свети Климент во словенска мисионерска работа во областа Кутмичевица, заедно со Наум, Сава, Горазд и Ангелариј, да ја упростат словенската азбука – глаголицата и да направат азбука слична на грчката алфавита. Светите Климент и Наум не се согласиле со ваквите настојувања на кнезот. 

Црквата “Св. Климент Охридски“ во Охрид

Откако свети Климент дошол во Кутмичевица, како учител тој се однесувал многу љубезно со сите, како вистински сенароден пастир. И затоа црковните писатели, кога ја пишувале и составувале службата на свети Климент, го одбрале евангелскиот текст за Добриот Пастир.

Кога се исполнил потребниот број на ученици и доволно науки за изучување, се формирала т.н.Охридска книжевна школа или Светиклиментовиот универзитет.

Напишал и поуки за големите христијански празници (Рождество Христово, за Велигден, за Зачатието на Пресвета Богородица, за Благовештението на Пресвета Богородица итн), пофални слова за други празници на апостоли и маченици (за блажениот пророк Захарија и за раѓањето на свети Јован Крстител, за светите четириесет маченици, за свети Лазар, свети Димитрија, за бестелесните Михаил и Гаврил, за свети Јован Златоуст, за свети Климент патријарх Римски и многу други дела. 

По смртта Господ го прославил со многу чуда.

Но бидејќи свети Климент уште за време на животот бил многу популарен меѓу народот, веднаш по неговата смрт неговиот култ уште повеќе се раширил. Се создале многу преданија во кои се среќава неговиот лик. Едни од нив содржат биографски податоци за светителот, други содржат мотиви со исцелителна содржина и раскажуваат за неговата моќ да лекува со допир, со лековити води или со лековити билки.

Мотив од црквата посветена на Св. Климент

Извесен број преданија зборуваат и за неговата просветителска дејност, за тоа како го описменувал населението, како го почувал да ја обработува земјата, да одгледува овошни дрвја и како да гради поубави куќи да живеење.

Во преданијата свети Климент најчесто се среќава со свети Наум Охридски, со кого најчесто се претставени како браќа. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на браќа во духовна смисла – собраќа, но повеќемина се склони да тврдат дека свети Климент и свети Наум навистина биле родени браќа.

Имајќи го предвид сето ова, гледаме за каква личност станува збор, личност која е образ на светлината, која е како светилник запален и ставен на свеќник, за да им свети на сите в куќи, чиј живот свети и ден денес, и  нас словенските народи не осветлува. 

Нека ни е честит празникот “Св. Климент Охридски“.

Фото: Сашо Ристевски