Press "Enter" to skip to content

Отворена изложбата “Мазал Тов“ – Еврејските свадби во Македонија меѓу двете светски војни (фотогалерија)

Вечерва во Битола, во свечената сала на Офицерски дом беше отворена изложбата “Мазал Тов“ – Еврејските свадби во Македонија меѓу двете светски војни низ фотографии, документи и предмети, а дел од изложените предмети биле на Евреите од Битола.За изложбата која се состои од фотографии, оригинални документи и предмети кои биле составен дел од свадбената церемонија на Евреите од Македонија, зборуваше директорката на КИЦ Битола, Лили Бошевска.-Битолските Евреи на свој начин согласно традицијата ја искажуваа својата намера да градат семејство, да подигаат поколенија, да градат своја заедница која што ќе се развива низ поколенијата. Тоа беше дел од животот на Евреите се до моментот кога беа депортитани од Битола. Токму оваа изложба “Мазал Тов“, преку една “замрзната“ историја која што зборува за нечии животи, нечии бракови, нечие заедништво. За наша среќа сеќавањето никој не може да го избрише, а токму сеќавањето треба да ги држи “живи“ работите на генерациите кои ова го негувале, но се прекинало, рече Бошевска. Треба да се спомене и тоа што наменски за изложбата е дизајниран и невестински фустан. Моделот на фустанот го дизајнираше проф. д-р Јана Манева-Чупоска, уметница и модна дизајнерка.

Автор на изложбата, м-р Жаклина Мучева – раководител на сектор за едукација во Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, која ја отвори изложбата рече:-Ви благодарам на сите присутни што одвоивте време да дојдете на овој, за нас многу значаен момент, отворање на изложбата “Мазал Тов“ – Еврејските свадби во Македонија меѓу двете светски војни низ фотографии, документи и предмети, а дел од изложените предмети биле на Евреите од Битола. Премиерно беше отворена во Скопје, на 18 мај, на меѓународниот ден на музеите и морам да кажам дека интересот как публиката беше голем, а многу луѓе се интересираа да чујат и да научат нешто што е поврзано во оние убави моменти во животот на Евреите. Нагласувам убави бидејќи за жал нас, Евреите, не поврзуваа само со 11 март 1943 година кога се собрани од нивните домови и депортирани, а по сето тоа само 2 проценти се останати живи. Затоа ги споменуваме, ја чуваме историјата за нив токму преку вакви изложби како што ја отвораме оваа вечерва. Изложбата се состои од 14 паноа на кои се поместени фотографии и документи поврзани со животот на Евреите, плус Кетубата.Како еден од поважните изложени предмети го имаме брачниот договор – Кетуба, нешто што и ден денес се практикува кај брачните парови од еврејската вероисповед. За жал некои од обичаите се губат поради тоа што кај нас нема “чисти“ бракови, а оние кои се од иста еврејска вероисповед се трудат тоа да го задржат.  Тука се претставени и старите ковчези и куфери со чеизот и миразот што го носеле невестите, а вклучени се и еврејските, сефардски поговорки за бракот како мал прозен жанр кој ја искажува традиционалната мудрост.Изложбата е приказ на некогашната свадбена церемонија која во современиот живот е напуштена и сосема изменета, а како рече м-р Жаклина Мучева, таа во Битола е поставена најмногу со заслуга на д-р Ирена Ружин, која беше иницијатор и ги направи сите потребни контакти за реализација.Сопственик на изложбата Фонд на холокаустот на Евреите од Македонија. Изложбата финансиски е поддржана од Министерство за култура на РСМ, а како организатори се јавуваат КИЦ Битола и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.

Текст и фото: С. Ристевски
More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »