Press "Enter" to skip to content

Промовирана докторска дисертација на д-р Пеце Шеровски, асистент на Институт за хемија (фотогалерија)

Д-р Пеце Шеровски, асистент на Институт за хемија при Природно-математички факултет во областа хемија – Добиените резултати од мојата дисертација имаат можност за клиничка и апликативна примена при третманот на тироидните заболувања со селен како суплемент кај македонската полулација.На настанот кој се случи деновиве во Офицерски дом Битола Д-р Пеце Шеровски ја промовира својата докторска дисертација. Токму на својот 30 роденден меѓу своите најблиски, колеги, соработници, пријатели тој го претстави својот научен труд од област хемија кој како нагласи ќе има широка примена. Истражувањата за  влијанието на суплементацијата на селен кај испитаници со тироидни заболувања, претставува широка тема за внесот на селен кај македонската популација  истакна на настанот.Д-р Пеце Шеровски  е ангажиран како демонстратор и асистент на Институтот за хемија,  при Природно-математички факултет во областа хемија. Досега има објавено 7 научни труда од кои 2 научни труда во научни списанија со импакт-фактор, 5 трудови, во меѓународни научни списанија и 11 трудови во зборници од научни собири. Два пати бил вклучен во организација на студентски конгреси и како уредник на зборниците на трудови од овие научни собири. Учествувал како член во 5 (пет) научно-истражувачки проекта и има остварено стручно усовршување во странство со три студиски престои во Бугарија, Хрватска и Австрија.Вклучен е во стручно-апликативната работа на Лабораторијата за хроматографски анализи на Институтот за хемија при ПМФ. Исто така е активно е вклучен во работата на Државната комисија за организација на натпревари по хемија за учениците од основното и средното образование, при Сојузот на хемичари и технолози на Македонија, како координатор за реализација на натпреварите на општинско,регионално и државно ниво.На промоцијата на неговата докторска дисертација Шеровски изјави:-Ова е мала промоција на мојата докторска дисертација во Битола, чија одбрана беше на 22 ноември на Природно математички факултет во Скопје. Денес тука се оние кои не можеа да присуствуваат на одбраната, но и сите мои најблиски кои ме поддржуваа и се заслужни за ова што сум го постигнал досега. Модератори на промоцијата вечерва со мене се и м-р Бојана Димовска Гоновска магистер по хемија, сега на трет циклус докторски студии, од Универзиететот „Св. Климент Охридски“ и Сара Глигоровска моја најблиска колешка од студентските денови.На промоцијата М-р Бојана Димовска Гоновска кажа  дека зад научниот труд на д-р Пеце Шеровски стојат исцрпни, макотрпни истражувања и анализи од област  на аналитичка хемија поточно  биохемија.Сара Глигоровска додаде само дека Д-р Пеце Шеровски го познава скоро 11 години и сето ова што го има постигнато досега е резулатат на неговата голема трудољубивост, упорност и доследност.Потоа  Д-р Пеце Шеровски имаше излагање  за темата на својата докторска дисертација.-Оваа докторска дисертација со наслов „Евалуација на ефикасноста на суплементација со селенометионин во корелација со концентрацијата на селен во плазма кај пациенти со “Хашимото тиреоидитис“ е работена во тесна област, добиените резултати имаат можноста за клиничка и апликативна примена при третманот на тироидните заболувања со селен како суплемент и даваат широка слика за важноста на селенот и неговиот внес кај македонската полулација. Сите ние, изминатиов период сме сведоци на потребата од одржување на силен имунолошки систем, па суплементација со најразлични антиоксиданти, витамини и минерали, вклучувајќи и селен, е значително изразена.Сепак, треба да се внимава при нивното внесување, бидејќи високите дози може да предизвикаат несакани ефекти и да бидат токсични. Селенот е микронутриент кој во склоп на селенопротеините има улога во имунолошкиот одговор на организмите, претставува силен антиоксидант, има клучна улога во метаболизмот на тироидните хормони и одржување на нормална фукнција на тироидната жлезда. Извор на селен за организмите е храната. Добиените резултати при анализата на примероците од храна покажаа дека највисока концентрација на селен содржи храната богата со протеини како што се рибата и месото; пониски вредности беа најдени кај јаткастите плодови, гравот, млекото и млечните производи, додека примероците од житарки, овошјето и зеленчукот имаат најниска концентрација на селен. При тоа, содржина на селен во македонските производи е помала во споредба со другите балкански држави, веројатно поради многу ниската концентрација на Se во почвата на Балканскиот полуостров. Концентрацијата на селен во крвна плазма кај здрави испитаници е во опсег од 31,40-47,01 µg/L. Нивото на селен во крвна плазма кај здрави индивидуи во Македонија е меѓу најниските во Европа.Резултатите од оваа докторска дисертација покажаа дека суплементацијата со селен има позитивно влијание кај лицата со тироидни заболувања особено кај оние со Хашимото тиреоидитис. При што се препорачува, покрај редовната терапија и суплементација со селенометионин. Подобрување на клиничката слика беше забележана кај 35 % од испитаниците по три месеци суплементација. Позначително подобрување беше забележан по 6 месеци суплементација при што позитивен ефект имаше кај половина од испитаниците.На крај  Д-р Пеце Шеровски им се заблагодари на сите кои присуствуваа и искрено кажа  дека пред се најважно е да си човек, без оглед на сите титули кои ги добиваш низ животот. Со свои 30 години тој е на почетокот на својата академска и научна кариера. Пред него стојат предизвици за уште голем број истражувања и научни трудови.

Жанета Ристевска

Фото: Дамијана Ристевска