Press "Enter" to skip to content

Христо Василевски, шампион на Македонија во “американски пул“ билијард, планот е повторно да бидам шампион, но и да настапам на најпрестижните турнири (фотогалерија)

Ако пред некое време пишувавме дека Битола има одлични млади билјард играчи и дека од нив се очекува да бидат доминантни во “А“ дивизијата, тоа се потврди оваа година. Имено, нашиот сограѓанин, Христо Василевски, е апсолутен шампион на Македонија во “американски пул“ билјард во “А“ дивизијата и втор на Балканското првенство и настапува за клубот Лонгони од Битола. Оваа сезона Василевски ги оправда очекувањата и вложувањата и сосема заслужено е на врвот на македонскиот билјард.Како стигна до оваа титула, апсолутен шампион во генерален пласман, Василевски вели:

-Оваа година се одиграа седум турнири, а на секој турнир се играат по пет-шест натпревар, а за да стигнам до титулата одиграв четитиесетина натпревари. Секој турнир има засебен пласман, на три бев првопласиран, на два второпласиран и на останатите два третопласиран. Според бодувањето на пласманите јас имам 3.300 бодови, а второпласираниот имаше 2.800 бодови. Ако го споредуваме по “наш јазик“ тоа е цел турнир, според тоа дека за прво место се добиваат 550 бодови.За тоа како се одвиваше првенството тој додава:

-Првенството беше долго, но и многу добро. Ако на почетокот бев добар, кон средината малку стагнирав, за на крајот, повторно се вратив во форма и се изборив за шампионската титула. Конкуренцијата е добра во “А“ дивизијата, има неколку добри играчи, но потешко е да се најде квалитетен спаринг партнер за тренинг. Јас лично тренирам секој ден, мора да се одржува постојана форма. Самиот тренинг трае по три-четири часа, се тренираат различни елементи од играта, од различни позиции. Ако не сум расположен може да прекинам по два часа, а не ретко се случува да тренирам и по пет часа.

Василевски комплетните тренинзи ги одржува во просториите на билјард клубот Лонгони во Битола, а посетува тренинзи и на Билјардската академија во Србија, кај професионалниот билјард играч, сега тренер, Шандор.-На билјардската академија во Србија, оваа сезона, го имав теоретскиот дел и подготовката за практичните тренинзи кои ги изведувам во Битола. Тренирам во Битола со тренерот Горан Думевски – Панчо, кој посебно ме следи и ми дава насоки за одредени удари, а посебно ми укажува на тоа како да работам кога концентрацијата е намалена, што често се случува и на турнирските натпревари, но за среќа оваа година се помина во најдобар ред.

По освоената титула, Христо Василевски продолжува и на меѓународни натпревари, но самата титула не му “носи“ некој пласман, туку тоа тој го прави индивудуално.-Имаме некој помош од билјард федерација, но самата титула не придонесува за тие настапи како во другите спортови. На балканските и европските првенства сам се пријавувам. Кога сме кај овие натпревари кои ги споменавме мора да кажам и тоа дека учествував во Балканската лига, на која имаше четири турнири. Се одржаа во Скопје – Македонија, потоа во Приштина – Косово, Солун – Грција и последниот во Петрич – Бугарија. Во Скопје бев лошо пласиран, во Приштина бев третопласиран, во Солун бев петти, а во Петрич бев првопласиран. Сите беа посебно бодирани, а во генералната листа бев втор. Двајцата финалисти добиваат ваучер за настап на Европското првенство на “Евро тур“. Оваа сезона настапував и “Евро тур“ во Словенија, а со последниот пласман добив ваучер за Тревизо, Италија. На жалост од седум турнир на “Евро тур“ настапив само на два, што е малку за некој посериозен пласман. На овие турнир има многу светски добри играчи, и на некој начин е престиж таму да се настапува. Тоа е важно за мене да видам колку сум подготвен и конкурентен во споредба со нив.

На Василевски и на играчите од Лонгони им остануваат уште малку натпревари во оваа година, а како во идната тој вели:-Во 2024 година има големи очекувања, а со турнири ќе започниме во јануари, бидејќи кај нас нема пауза, се игра континуирано. Ќе играм на сите државни турнири со една цел, да ја задржам титулата, која ќе биде потешко да се задржи, но психички сум подготвен. Сакам да настапам на сите седум “Евро тур“ натпревари и на отворените турнири кои не се преклопуваат со турнирите. Би сакам да  настапам и на некој од најпрестижните турнири, како “Европа Опен“, “Америка Опен“, “Англија Опен“ кој ги организира најпрестижната светска билјард организација.

И како апсолутен шампион Василевски, за разлика од шампионите од Европските земји, има проблеми со финансиите, за набавка на опрема, патувања, подготовки…-Имам некои компании кои ми помагаат, имам финанскиска помош од клубот, а се останата е мое вложување, од приватен џеб. Сепак не се предавам и се надевам дека Битола и идната година ќе има апсолутен шампион во билјард, со што ќе ја продолжам традицијата на билјардот во нашиот град, а може да изненадам со некој престижна титула, ни рече за крај Христо Василевски.

Текст и фото: Сашо Ристевски

More from ВестиMore posts in Вести »