Press "Enter" to skip to content

Прес на Коњановски за состојбите во образованието: партизацијата мора да запре

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денес одржа пред конференција на која зборуваше за состојбите во образованието во Битола, при што рече:

-Пред 15-тина дена предупредив дека, поради политички интерес, централната власт е насочена кон деструкција на битолското образование, преку одземање на ингеренциите на локалната самоуправа и целосна партизација на училиштата. Ваквиот процес континуирано продолжува со засилен интензитет.

Веднаш после мојата прес конференција, во која побарав спречување на крах во битолските основни и средни училишта со нивно оставање без 301 наставник, одземени ми се ингеренциите само во делот на назначување на директори на 2 основни и едно средно училиште.

Како резултат на тоа, во основното училиште „Свети Климент Охридски“, МОН за директорка ја назначи генералната секретарка на општинската организација на СДСМ, што сметам дека претставува директно инволвирање на политиката во основното образование.

Во основното училиште „Александар Турунџев“, каде веќе трет ден имаше бојкот на наставата од страна на наставниците, а каде исто така одземени ми се ингеренциите, именувана е претходната директорка, за која до општината претходно беа доставени повеќе петиции од страна на вработените во училиштето. Според моите информации, бојкотот е ставен во мирување денес после третиот час, во исчекување на решението од државниот просветен инспекторат, кој на барање на наставниците, изврши инспекциски надзор во училиштето.

Најголемата загуба во ваквите ситуации за жал е кај учениците.

Иако досега не е до мене стигнато решение за новоназначен директор на техничкото училиште, дали ваквиот тек на настаните наговестува дека и таму ќе биде назначено лице против кое се водат повеќе постапки за незаконско постапување?

Ваквата партизација во образованието, со одземање на ингеренции само во делот на назначување на директори, јасно говори дека има тенденција на испуштање од работа на веќе ангажираните наставници и професори и вработување на партиски кадри, што најмногу се рефлектира врз воспитно – образовниот процес на учениците.

Денес, веќе имам јавувања и од родители кои реагираат на очекуваната промена на наставници, за што, реагирале и во училиштата, а најавуваат и протести, доколку се случи отпуштање и смена на наставници. Учениците градат поврзаност со наставниците, а секоја промена, особено кога е масовна, за личностите во развој, не е едноставна.

Морам да напоменам дека, никогаш не сум бил против конструктивно делување и ангажирање на професионалци во дејноста, кои ќе придонесат за квалитетно образование и високи резултати на учениците.

Но, примерот кој го даваме сите ние како раководни структури на локално и централно ниво, на некој начин е модел на однесување кој понатаму го следат учениците.

Токму затоа, во образованието, секогаш мора да биде приоритет квалитетот, а партиските интереси мора да останат надвор од училиштата. Кога моите ингеренции се веќе одземени во споменатите училишта, го повикувам Министерството за образование да ја запре партизацијата на образованието, да не ги остави наставниците на улица, а на учениците да им овозможи настава каква што заслужуваат.