Press "Enter" to skip to content

СВР Битола: две сообраќајки, едната со починато лице, три лица тешко повредени

На 19.12.2023 во 18.53 часот во СВР Битола било пријавено дека на регионалниот пат Битола – Маково се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „сеат”со битолски регистарски ознаки, управувано од С.Н. (41) од с.Долно Агларци, општина Новаци, патничко возило „бмв” со ресенски регистарски ознаки, управувано од Ј.В. (29) од Ресен, патничко возило „рено”со битолски регистарски ознаки, управувано од Ј.О. (48) од Битола и товарно моторно возило „даф” со полуприколка со албански национални ознаки, управувано од В.К.(38) од Република Албанија. Во несреќата, од здобиените повреди на местото починал возачот С.Н.(41), а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт. Со тешки телесни повреди се здобиле двајца малолетни сопатници во возилото „сеат“ и Д.В.(64) од Ресен, сопатничка во возилото „бмв“, додека со телесни повреди се здобиле возачите Ј.О. и Ј.В. и М.С.Н.(36) од с.Долно Агларци, сопатничка во возилото „сеат“, констатирани во Клиничка болница Битола. Увид на местото на несреќата извршиле јавен обвинител и увидна екипа на СВР Битола.

На 19.12.2023 во 19.45 часот во СВР Битола било пријавено дека на крстосница од ул.„Васко Карангелевски“ и ул.„Игњат Атанасовски“ во Битола, патничко моторно возило „мазда” со струмички регистарски ознаки, управувано од  И.Н. (22) од Струмица, удрило во пешакот Д.Н. (29) од Битола. Во несреќата, пешакот се здобил со тешки телесни повреди констатирани во Клиничка болница Битола. Увидот го извршила увидна екипа на СВР Битола.

More from ВестиMore posts in Вести »