Press "Enter" to skip to content

Донација медицинска и немедицинска опрема за ЈЗУ Клиничка болница-Битола

Донација вредна 450.000 долари во медицинска и немедицинска опрема од страна на невладината организација 𝗪𝗢𝗥𝗟𝗗 𝗠𝗘𝗗𝗜𝗖𝗔𝗟 𝗥𝗘𝗟𝗘𝗜𝗙 со седиште во Америка и Обединета македонска дијаспора е доделена денес на Клиничката болница Битола.

На предавањето на опрената присуствуваа министерот за здравство Фатмир Меџити, министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска и претставникот на Обединета Македонска Дијаспора како посредник на оваа голема донација.

Во изјава за медиуми, министерот Меџити информираше дека станува збор за опрема која се состои од апарат за стерилизација, ортопедски помагала, болнички кревети, медицински столови, инхалатори, апарати за мерење притисок, како и разни инструменти и заштитна опрема.

-Зајакнувањето на јавните здравствени установи со нова медицинска и немедицинска опрема е еден од клучните приоритети на Министерството за здравство. Битолската болница е пример и за кадровско зајакнување, имајќи предвид дека до крајот на годинава се реализираат вкупно 34 нови вработувања на здравствени работници, администрација и помошно-технички персонал. Со тоа се зајакнува кадарот на болницата кој веќе се состои од 750 лица вработени на неопределено време. Упатувам искрена благодарност до невладината организација World Medical Relief и Обединетата македонска дијаспора за поддршката и значајниот придонес за унапредување на здравствениот систем во нашата држава, рече Меџити.

Јавна благодарност до донаторот упати директорката на ЈЗУ Клиничка болница-Битола, Елизабета Ивановска која рече дека опремата е од големо значење и оти со неа ќе се подигне степенот и квалитетот на здравствените услуги и здравствената нега на пациентите од целиот регион.

-Додека ја извршуваме нашата хумана мисија во помош на сите пациенти на кои им сме потребни, не би можеле да бидеме успешни без безрезервната помош и донации од ваков вид. Oваа донација е една од поголемите кои ЈЗУ Клиничка болница Битола ги има добиено во последните години, додаде директорката Ивановска.

Гордан Јорданов, од Обединета македонска дијаспора, пак, посочи дека за нив било предизвик да придонесат за подобрувањето и модернизирањето на здравствените установи. Нашата мисија, рече Јорданов е да ги оспособиме и осигураме медицинските установи за да може да ги услужат сите пациенти на кои им е потребна здравствена помош.

Од Министерството за здравство соопштија дека до крајот на годинава во ЈЗУ Клиничка болница-Битола ќе се реализираат 34 нови вработувања.

More from ВестиMore posts in Вести »