Press "Enter" to skip to content

Прес-конференцијата на Коњановски за ОУ “Св. Климент Охридски“ по одземање на ингеренциите

Прес-конференција за состојбите и случувањата во образованието во Битола, поседно за ОУ “Св. Климент Охридски“ во Битола по одземањето на ингеренциите од страна на министерот за образовсние, одржа градоначалникот на Битола, Тони Коњановски ри што рече:

-Деновиве, се соочуваме со одредени ситуации на кои неодамна предупредив, а се однесуваат на партизацијата на образованието која ја врши централната власт, а за жал почнува да се рефлектира на најмладите. Како што знаете, одземени ми се ингеренциите во делот на назначување на директори во 3 училишта, меѓу кои и училиштето “Свети Климент Охридски“, каде централната власт за директор ја назначи генералната секретарка на локалната СДСМ. Директорката, како и што предупредив, веднаш започна со промени во наставниот кадар, при што испуштени се 5 наставници, меѓу кои има 3 одделенски наставници, од кои и такви со 8 годишен работен стаж во образование.

Од страна на родители, чии деца учат во училиштето, известен сум дека во текот на вчерашниот ден, бил организиран протест пред училиштето, а од денес засегнатите родители, поради промената на наставници најавија дека, децата нема да ги пуштат на училиште до крајот на првото полугодие, а ќе размислат кој чекор ќе го преземат во второто полугодие.

Ова дополнително потврдува, дека одземањето на ингеренциите на градоначалникот, истовремено со доставувањето на согласностите за вработување од страна на МОН, има единствена цел: вработување на партиски кадри, блиски до централната власт. Притоа не се зема предвид квалитетот, стручноста на наставниот кадар и воспоставената комуникација со учениците, кои училиштето го доживуваат како втор дом, а со наставниците воспоставуваат посебна блискост.

Покрај ваквите постапки, староновата директорка на основното училиште „Свети Климент Охридски“, го спречи и внатрешниот ревизор на Општина Битола, да продолжи да си ја врши својата работа, а ревизијата беше започната уште во време на претходниот директор Предраг Созовски. Иако според Законот за основно образование, директорот, како деловно способен е тој кој што го претставува и застапува училиштето, директорката Гордана Анастасова, ангажирала адвокат што значи и дополнително трошење на средства од буџетот на училиштето, за работа, која треба да ја врши таа, по закон и функција. Со својата постапка, директорката ги повредува правата на внатрешниот ревизор и обврските на раководителот на субјектот, што е јасно пропишано со Законот за јавна внатрешна финансиска контрола. Во врска со ова, бидејќи постапката треба да ја покрени Министерството за финансии, преку централната единица за хармонизација, денес доставена е потребната документација и закажана е работна средба за добивање дополнителни насоки за понатамошно постапување. Тука морам да напоменам дека, главната цел на внатрешната ревизија е да ги детектира недостатоците и да даде препораки за подобро работење. Зошто директорката не го прифаќа тоа, останува нејасно.

Најавениот бојкот на наставата во ОУ Свети Климент Охридски, претходниот бојкот во ОУ Александар Турунџев во Кукуречани, претставуваат само негативен пример, кој остава најголеми последици врз учениците и воспитно – образовниот процес. Затоа, апелирам, Министерството за образование, да преземе соодветни мерки и да ги тргне партиските влијанија врз образованието, кои очигледно со оваа динамика, во периодот што доаѓа, ќе стануваат се поинтензивни.