Press "Enter" to skip to content

Маестро Сашо Татарчевски од Битола, оркестарски и хорски диригент, професор на Факултетот за музичка уметност – Скопје: моето мото е, квалитет пред сè и за сè! (фотогалерија)

Жанета Ристевска

Чест ми беше ова прво, божиќно интервју во новата 2024 година да го направам со наш уметник од светски ранг, со богата биографија. Маестро Сашо Татарчевски, роден во Битола, професор на ФМУ-Скопје, по група предмети од областа на диригирањето и е диригент на камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ и мешаниот хор „Драган Шуплевски“. Основач е и уметнички раководител на професионалниот хор “Про Арс“, а долги години го работи и со Женскиот младински хор при МКЦ во Скопје.Во неговата кариера настапувал со различни ансамбли вклучувајќи ги Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, Симфонискиот оркестар на Ермитаж од Санкт Петерсбург, Битолскиот камерен оркестар, Битолската опера, Симфонискиот оркестар на ФМУ, ансамблите за современа музика „Алеа“ и „КонТемпора“ и многу други ансамбли. Освен на сцените низ Македонија, вклучувајќи ги и најреномираните национални манифестации како Охридско лето, Скопско лето, Денови на македонска музика, Есенски музички свечености и други, има настапувано и освоено награди со различни ансамбли во Португалија, Словенија, Шкотска, Белгија, Грција, Швајцарија, Шпанија, Хрватска, Италија, Србија, Франција, Унгарија, Словачка, Бугарија, Чешка, Турција, Австрија, Романија, Полска и Русија. Татарчевски е редовен член на неколку жири комисии на интернационални музички натпревари како и раководител на меѓународниот хорски форум во Струга.Интервјуто го направивме токму пред неговото заминување во Берлин, Германија, каде маестро Татарчевски учествува во работата на Бордот на Светскиот младински хор, како и во жири комисијата за избор на пејачи за истиот. Неговиот престој во Битола за време на Божиќните празници го искористивме за да го направиме овој мошне инспиративен разговор.За себе и своето потекло…

Роден сум во Битола. Мајка ми е битолчанка, а татко ми беше по потекло од Ресен. Всушност, фамилијата Татарчевци потекнува од Ресен иако сега не има во повеќе градови низ Македонија, како и во неколку европски држави. Интересен момент кој се раскажува во фамилијата од колено на колено е дека голем дел од членовите на фамилијата, која била доста имотна во минатото, се образувале на познати европски универзитети. Сите студирале “од Загреб нагоре“. Од оваа фамилија произлегле голем број интелектуалци, како лекари, судии, трговци, но и музичари. Еден од најпознатите Татарчевци секако е д-р Христо Татарчев, прв македонски лекар со диплома од два европски универзитети, еден од основачите на Македонската револуционерна организација и прв претседател на Централниот комитет на МРО. Најстариот гроб, кој до пред извесно време стоеше во Ресен, беше на Андрија Татарче. Тоа е всушност оригиналната форма на презимето, а со менувањето на разни цркви и администрации во историјата на нашата земја, тоа се менувало во Татарчев, Татарчевиќ, Татарчевски… Мојот татко Панде Татарчевски беше исто така музичар, кларинетист, професор во Државното музичко училиште во Битола и член на ансамблот “Битолски конзули“. Мајка ми Маргарита Јосифовска Татарчевска до нејзиното пензионирање беше најуспешниот наставник по пијано во битолското музичко училиште. Од ова може да заклучите дека не е случајно што и јас сум музичар.

Мојот прв диригентски настап беше на 5 години, кога учителката во забавиште го препозна мојот талент и ми додели улога на диригент на хорчето од моето одделение на една приредба во училиштето.

Основно учев во ОУ „Коле Канински“, од забавиште до 4 одделение. Од тој период најмногу се сеќавам на случката кога учителката во забавиште во една прилика ми даде линијар во рака и ми кажа да диригирам со хорот на одделението на училишна приредба. Подоцна од 5 – 8 одделение учев во ОУ „Елпида Караманди“, каде наставник по музичко образование беше Нико Наумов кој е заслужен за поттикнување на многу музички талентирани ученици да продолжат да учат музика. Со својот ентузијазам знаеше да ни всади желба да продолжиме по трнливиот пат на музичарите. Паралелно го посетував и основното музичко училиште каде свирев пијано. Секако, надвор од музичкото свирев и повеќе други инструменти.Тинејџерските години ги помнам како убав период од животот во кој главна тема беа настапите со бендови. Активно свирев во рок бендовите: „БТ Рок“, и „Премиер“ со кој постигнавме најголем успех…

На инсистирање на родителите (кои искрено не сакаа да бидам музичар), се запишав во средно техничко училиште. „Пазарот“ беше паралелно да одам и во музичко, но, после две години сам си ги подигнав документите од техничкото и продолжив само во музичкото училиште. Во тинејџерските години бев гитарист најпрво на бендот „БТ Рок“, а подоцна и во бендот „Премиер“ во кој членови беа уште: Перо Зајчето, Сашо Ружино, Љупче Кломпата, Јово Буштуро и Златко Тонтата. Со овој состав на групата освоивме прво место на “Рок фест“ во Скопје и бевме прилично популарни во периодот од 1988-1990 година. Имавме доста фанови кои не следеа на концертите, а освен на Рок-фестот во Скопје и на неколку поголеми настани во Битола, свиревме и на „Ју рок- хепенинг“ концерт заедно со бендови како „Зана“ и „Леб и сол“. На репертоар имавме и свиревме наши композиции кои беа доста напредни за тоа време, не само како идеја, туку и оркестрациски и метроритмички.После тоа, како што кај нас често се случува, наместо победникот на македонскиот рок-фест (Премиер од Битола), на ЈУ рок фестивалот во Суботица беше испратен сосем друг бенд од Скопје, што беше големо разочарување за нас и крај на тој дел од мојата прикаска која од денешен аспект ми изгледа како некој друг живот.По завршување на средното образование, заминав на ФМУ во Скопје и целосно ми се смени перспективата за многу работи…

Дипломирав и магистрирав на катедрите за оркестарско и хорско диригирање при Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класите на професорите Фимчо Муратовски, Драган Шуплевски и Саша Николовски-Ѓумар. Посетував мастер класи и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Санкт Петерсбург, Сартеано и Фиренца и соработував со познати светски диригенти, како: Хелмут Рилинг, Франческо Каротенуто, Марк Горенштајн, Михаил Јуровски, Сајмон Керингтон и други. На почетокот на мојата кариера, веднаш по завршување на факултетот, 2 години работев како професор во ДМУ Битола каде формирав детски хор во основното и гудачки оркестар во средното училиште.Редовен професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето…

Од 1999 година живеам во Скопје и денес сум редовен професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето. Имам преполн фонд часови на додипломски студии, а класите за хорски и оркестарски диригенти на магистерски и докторски студии ми се комплетно пополнети во моментов, во главно со странски студенти.

Професионални ангажмани. Почнав како оркестарски диригент, но условите ме натераа повеќе да работам со хорови.

Често соработувам со Македонската филхармонија каде што со задоволство настапувам. Таму веќе голем дел од оркестарот е составен од мои поранешни ученици и студенти и пријатно се чувствувам кога соработувам со нив. Уште почесто работам со оркестарот на студиото FAME`S со кој редовно снимаме музика, претежно филмска. Во неколку наврати раководев и со Битолскиот камерен оркестар, а сум соработувал и со Македонската опера и балет.За професионалниот хор “Про Арс“

Професионалниот хор „Про Арс“ го формирав во 2011 година. Имено, после повеќегодишно делување во сферата на хорската уметност и анализа увидов дека има недостаток од еден ваков ансамбл, кој професионално и пред се квалитетно ќе одговори на потребите на музичката сцена во Македонија. Сме имале голем број самостојни концерти со уметничка хорска музика, концерти на „Денови на македонска музика“ со праизведби на композиции од македонски и странски автори, концерти на „Охридско лето“, соработка со разни фондации и здруженија во реализирање концертни програми со хетерогена жанровска определба. Од 2018 година хорот е редовен гостин на концертите со вокално- инструментална музика на Македонската Филхармонија. Хорот „Про Арс“ има реализирано огромен број студиски снимки за високо буџетни филмови на “Marvel“, “Disney“, “DC Comics“, “Netflix“, “Universal“, како и музика за реклами на светски брендови од рангот на “Fanta“, “Samsung“ и “Porche“ во студиото “FAME`S“ во Скопје. Од 2017 година хорот ја започна и својата меѓународна афирмација со настапите на престижни сцени во Солун, Софија и Виена.Членовите на професионалниот хор „Про Арс“ се млади, мотивирани, вокално образувани хорски уметници, комплетно подготвени за ефективна и професионална работа кои засега се ангажирани само од проект на проект. Во соработка со Македонската филхармонија направив напор овој професионален хор да се институционализира и голем број максимално подготвени млади хорски уметници да остане во Македонија, а не да си го бараат лебот во европските музички институции каде без проблем ги поминуваат аудициите.За жал, до сега не успеав во тие напори, иако нашата национална институција Македонска филхармонија е единствена таква институција во светот што се нарекува филхармонија, а нема свој институционализиран хорски ансамбл. Но, како и за сè друго, не се откажувам, иако често се чувствувам како да се борам со ветерници…Женскиот младински хор при МКЦ е најнаградуван ансамбл кај нас…

Женскиот младински хор при Младинскиот културен центар во Скопје, е формиран 1972 година и повеќе од 50 години претставува еден од најпрепознатливите културни брендови на Македонија. Изведувајќи огромен и разновиден репертоар, ансамблот покажа дека и пејачи аматери можат да постигнат врвни професионални резултати и да освојат многу награди и признанија на домашни и меѓународни натпревари и фестивали само со посветеност и љубов кон работата. Бројот на настапи варира во зависност од условите во дадена година, но Женскиот Младински Хор има најмногу активности од било кој друг хорски ансамбл кај нас. Секако, квалитетот на тие настапи е поважен од квантитетот. Тој квалитет не се однесува само на нивото на изведба, кое се подразбира, туку и на обмисленоста и издржаноста на програмата, како и начинот на интерпретација. Репертоарот е многу богат и разновиден и дијапазонот на музика што ја изведуваме е огромен и опфаќа акапела хорски композиции од сите музички епохи на класичната музика, духовна музика, фолклорни обработки, џез и поп аранжмани, обработка на филмска музика итн. Освен акапела, често на репертоарот ставам и вокално-инструментални дела, кои ги изведуваме во соработка со разни стандардни и нестандардни инструментални формации.Награди и признанија…

Преголем би бил списокот на освоени први, специјални и Гран при награди за да го ставиме во ова интервју.

Верувам дека наградите претставуваат потврда за добрата работа која е нужно потребна да се остварат таквите успеси и меѓународна промоција на нашата земја и култура. Секој година се обидувам некои од ансамблите со кои раководам да излезат на меѓународната сцена. Едно за да си ја претставиме сопствената култура и традиција, а друго за да видиме до каде сме, споредувајќи се со други слични ансамбли од цел свет. Тоа е многу важно за нашата професија, во спротивно ќе се задоволуваме со многу малку и ќе си се лажеме по дома дека сме „најдобри“. Сите мои студенти ги учам дека треба да имаат самодоверба и дека можат да бидат подеднакво добри (или и подобри) во споредба со било кој, од било каде од светот. Големо е задоволството кога ќе ги видиме зачудените погледи на многу странски колеги после нашите настапи. Зачуденоста доаѓа од таму што не се навикнати во нивната свест Македонија да ја спојуваат со уметнички квалитет на високо ниво. Преголем би бил списокот на освоени први, специјални и Гран при награди за да го ставиме во ова интервју…Можам, ете, да спомнам некој настан кој ми е драг од друг аспект. На пример учеството со симфонискиот оркестар и хорот на ФМУ на најголемиот студентски фестивал во светот во Белфор, Франција. Освен што за првпат настапувал некој од Македонија, организаторите ме информираа дека тоа е најголемата формација која некогаш ја поканиле на нивниот фестивал. На сцена имавме 130 изведувачи, а интересот на публиката беше толкав што и на двата концерти големата сала не успеваше да прими ни половина од луѓето кои сакаа да присуствуваат.  Поради многубројните ангажмани досега сум немал време и простор да се занимавам со медиуската презентација на својaта работа и достигнувања, затоа Ви благодарам на вашиот интерес кој го пројавивте и ме поканивте да бидам гостин на „Битола њуз“ кој е еден од најчитаните портали во Македонија. Морам да признаам дека кога настапуваме надвор се враќаме со извонредни критики и коментари, а кај нас не дочекува молк, едноставно нема кој да напише нешто. Без оглед на успесите кои ги остваруваме, или колку далеку сме ја претставиле Република Македонија во светот, едноставно отсуствуваат редакции и медиуми кои ќе посветат посериозно внимание на уметноста. Кога нема стручна критика во одредена област, многу лесно во преден план доаѓаат луѓе кои сфатиле дека „обландата“ им носи повеќе популарност отколку вистински квалитет. Кај нас, за жал, во медиумскиот простор преовладуваат „обландите“.Во моментов повеќе од потребно ни се квалитет, образовни и културни програми кои ќе понудат разнообразност, оригиналност, нови простори за одвивање на концерти…

Како професор не смеам и не можам да го премолчам ова и сметам дека во моментов повеќе од потребно ни се: квалитет, стратешки осмислени не само образовни туку и културни програми кои ќе понудат разнообразност, оригиналност, нови простори за одвивање на концерти. Потребна е широчина и давање простор на инвентивни, вредни и креативни луѓе кои имаат енергија и интелектуален капацитет да ги придвижат работите кон подобро. Ни треба професионална етика во работата и секако чесна и ненарачана музичка критика. Ја немаме веќе долго време, откако ги згаснаа редакциите за култура во медиумите, а без тоа нема напредок во ниедна сфера од културата. Кога зборувам за квалитет, мислам на квалитет на живот. Значи квалитет на живеење од аспект на урбанизам, од аспект на животна средина, од аспект на добивање услуги од државата, здравство, секако и од аспект на култура и.т.н.За членство во моите ансамбли потребно е да се исполнуваат само два услови извонредни музички способности и квалитетни човечки карактерни особини. Тоа е се, без оглед на било каква друга припадност која не ме интересира освен карактеристиките кои ги нагласив.

Маестро Сашо Татарчевски денес е семеен човек во брак безмалку 30 години со етнокореологот Ивона Опетческа, стружанка со која имаат не само сродни професии кои се надополнуват, туку и 3 прекрасни деца. Најстариот син Андреј има 28 години и е антрополог по професија, кој успешно се занимава и со музика. Близнаците Мила и Марко се одлични ученици во шесто оделение и секако дека одат во музичко училиште и свират флејта и саксофон. Признат како уметник и педагог на меѓународно ниво, професор и диригент кој со својата работа придонел за развој на музичката сцена во Македонија, како и во меѓународната промоција на македонската култура, ќе заклучи дека “таков му бил полазот“, да создава од ново, да пробива граници, едноставно со сета своја животна енергија да создава музика и тоа онаа уметничката. Секако дека зад секој успех стои напорна работа, етика и посветеност кон истата и пред сè несебична широчина на духот и отвореност на умот. Ја продолжува и надоградува семејната традицијата на личности кои поттикнуваат нови дела.Чест ми беше да биде првиот соговорник во интервјуата на успешни личности од Битола во Новата 2024 година.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from ИнтервјуMore posts in Интервју »