Денес, сабота, рано наутро, традиционално пред “Лук Оил“ во Битола, како и пред секое големо ракометно натпреварување, љубители на ракометот од Битола и верни навивачи на македонската ракометна репрезенација, повторно традиционално заминаа да ја бодрат македонската ракометна репрезентација.
Овој пат, дестинација е Берлин, Европско ракометно првенство, кое се игра во Германија од 10 до 28 јануари, а пред заминувањето рекоа:
-Овој пат за разлика од останатите години кога патувавме по сувоземен пат, на Европското првенство патуваме авионски, поради обврски на поголем број на “екипата“ и немањето време да бидеме од почетокот. Ние сме неизоставен дел од сите големи ракометни настани од 2009 година од Загреб, од кога ја следиме и навиваме за македонските ракометна репрезентација. Патуваме во две “екипи“, една заминува денес, дванаест битолчани, а утре за Берлин патуваат уште шест. Се среќаваме и заедно ќе бидеме дел од македонската “Фаланга“ во Германија. Подготвени сме и овој пат да бидеме најголема група и повторно да оставиме трага на трибините во Берлин, а македонското знаме со Битола во средината повторно ќе биде на трибините и екраните.
Оваа битолска “екипа“ е речиси иста, со мали измени, кои секоја година, а и овој пат очекуваат добра игра на нашите, добро дружење во следните седум дена, а зошто да не и радост после победа.