Press "Enter" to skip to content

In memoriam: Дојчин Апчевски, најстариот партизан, 101 година, учесник во Втората светска војна

Вчера во Битола на 101 годишна возраст почина Дојчин Апчевски, учесник во народно ослободителната војна кој во два мандата бил претседател на организацијата на Сојуз на борци Битола. Апчевски беше најстариот жив борец – партизан, а повозрасните битолчани ќе го паметат и како голем општетвено-политички работник.

Дојчин Апчевски бил роден на 15 ноември 1923 година во село Долно Агларци, Битолско. Во редовите на југословенската комунистичка младина (СКОЈ) бил од пред Втората светска војна.  Со нападот и окупацијата на Македонија станал активен организатор на антиокупаторската борба и учествувал во акциите за прибирање оружје од распаднатата кралска армија. Бил активен во собирањето на „црвена помош“ и контакти и снабдување на политзатворениците во битолскиот затвор.

Во 1942 г. бугарската полиција два пати го апсеше заедно со други раководителите на СКОЈ во битолската гимназија, но поради недостаток на докази двата пати бил ослободен, но исклучен „од сите училишта во Царството“. Од 1943 година станал член на Комунистичката партија на Македонија. Од 1943 г. бил припадник на партизанските единици, каде нешто подоцна станал политички комесар на баталјон.

По ослободувањето на земјата од фашистичките окупатори бил мајор на ЈНА. Завршил Правен факултет, а бил и истакнат општествен и политички работник во Битола и пратеник во Републичкиот собор на Собранието на СРМ. Бил член-основач на Друштвото за наука и уметност во Битола и негов претседател во периодот 1963-1965 г.

Бил носител на поголем број ордени и признанија, меѓу кои и: Орден за храброст, Орден братство единство, Орден на Републиката и Орден заслуги за народ (трет ред).

Погребот беше извршен денес во Битола.

More from ВестиMore posts in Вести »