Press "Enter" to skip to content

Денес, стотици битолчани на слава на манастирот “Св. Атанасиј“ кај месноста Смолево над Битола (видео+фотогалерија)

За денешниот голем верски празник Св. Атанасиј неколку стотини верници од Битола и потпелистерските села, го посетија истоимениот манастирот кој се наоѓа на неколку километри од Битола, над населбата Стрчин, во горниот дел на Касарната, на местото на иселеното село Смолево.Овој празник Св. Атанасиј и го означува тоа како последен празник од зимските слави, а по повод празникот на Светецот, кој е заштитник на православието, синоќа вечерна и денес богослужба одржа Отец Никола. Домаќинките си “кренаа“ лепче за здравје, а останатите верници запалија свеќа, донесоа дарови и се помолија за здравје.-Свечена литургија се одржа вчера попладне и денес. Вчера имаше голем број на верници, но денес се во поголем број што може само да не радува. Помогна и убавото време кое го имаме денес, но овој манастир е секојдневно посетен. Им благодарам на кумовите за подржување на прославата на Светецот, ни рече отец Никола.

Убавиот сончев ден, иако со студено утро, како да е создаден за пешачење од Битола до манастирот така да, најголемиот дел од денешните посетители се упатија таму по убавото време. Денеска на ден Свети Атанасиј Велики голем број верници, православни христијани од Битола, како и блиските села Лавци, Брусница Буково и други околни населби.Околу манастирот имаше многу луѓе кои го славеа празникот, а неибежна денес беше и музиката, а верниците “завртеа“ и оро во дворот на манастирот.Една група верници, кои беа седнати на клупите во дворот на манастирот, беа расположени за разговор, а Светозар Атанасовски, адвокат во пензија ни кажа:-Скоро екој ден доаѓаме до манастирот со пешачење. Какви и да се временските прилики, а оваа зима беше и така и вака. Дојдовме денес да запалиме свеќи за наше и здравје на сите битолчани. Тоа ни е веќе во навика било да е зима или лето. Не радува дека има голем број на верници и не сме само неколкумине колку што сме зимава секој ден.Денес на половина од зимата, како што ни кажува овој голем празник, доаѓаат и многу други луѓе за да го прослават празникот.Дел од посетителите го искористија убавото време да се искачат и нагоре кон Баба планина, и да прошетаат како ни рекоа “по каналот“, а голем број уживаа седнати во помали друштва и уживаа во последниот јануарски ден, на средината на зимата, ден кога и завршуваат зимските празници, а сите се подготвуваат за пролетта која е на прагот.Сите како да се веселат дека на зимата и доаѓа крајот  и во денешното сонце препознаваат дека пролетта е близу. Можеби заради тоа и оптимизмот како да се чувствува насекаде околу нас.Инаку, манастирската црква посветена на свети Атанасиј Велики е единствената градба која е останата од некогашното село Смолево лоцирано над Битола, кое во виорот на Првата светска војна, во борбите на Македонскиот фронт во 1914 година било разурнатио и иселено од француската војска која се стационирана на овој стратешки пункт над Битола.

Текст и фото: Сашо Ристевски

More from ВестиMore posts in Вести »