Press "Enter" to skip to content

Министерката за култура ги потпиша договорите за капитални инвестиции, Битола ќе добие 147.000 евра од потребните 801.000 евра за реконструкција на објектот “Парк“

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Владата ги потпиша договорите од Програмата за користење на капитални дотации за инвестициони проекти во единиците на локалната самоуправа во областа на културата за 2024, заедно со градоначалниците корисници на средствата од оваа програма. Во Програмата за капитални дотации во 2024 година поддржани се инфраструктурни проекти во 11 општини, кои треба да реализираат до крајот на годината, а меѓу нив и Битола со околу 147.000 евра од потребните 801.000 евра за реконструкција на објектот “Парк“.

-Владата и Министерството за култура потврдуваат дека ги препознаваат потребите на локалната култура, ги вреднуваат креативните напори за нејзин опстој и со конкретна поддршка придонесуваат кон квалитетот на локалниот развој и имплементацијата на културните политики подеднакво во целата држава. Суштината на капиталните дотации е во нивната крајна цел – поттикнување и охрабрување на културниот и на креативниот потенцијал, културната разноликост како оригиналност, оригиналноста како културна вредност. Помагајќи им на општините во постигнување на квалитетен локален културен живот, сакаме и да го предизвикаме потенцијалот кај младите и искуството на возрасните, рече Костадиновска-Стојчевска.Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски по потпишањето на договорот на својот ФБ профил објави:

-Поубав и поуреден град, нови проекти и отворена општина за сите граѓани, се моите главни заложби во изминатите две години, на чија реализација континуирано работиме заедно со општинската администрација. Изградбата на велосипедски патеки, е еден многу важен проект, кој е неопходен за Битола, за зголемена безбедност во сообраќајот, уреден град, со атрактивна туристичка понуда, приоритети кои низ годините ќе можат да се надградуваат и осовременуваат. Велопатеките беа, а верувам и остануваат неопходност и за сите политички партии, кои граѓанскиот интерес ќе го издигнат над партискиот и ќе дадат целосна поддршка за практична реализација на изготвената документација. Со поднесената апликација во Министерството за култура за реконструкција на објектот „Парк“ и денешното потпишување на договорот, потврдив дека, како градоначалник на сите граѓани, ги почитувам и желбите на локалните опозициони партии, кои како претставници на дел од граѓаните покажаа голем интерес за реализација на овој проект. За таа цел, благодарен сум што Министерството даде поддршка со околу 147.000 евра од потребните 801.000 евра, кои треба да ги обезбеди општината, односно колку што изнесува потребната сума за обновување на објектот, за кој верувам дека заеднички со граѓаните ќе ја одредиме функционалноста, откако ќе направиме целиот простор околу Офицерскиот дом да добие изглед, каков што и доликува на Битола.Мојата упорност, за уредена Битола, со соодветна велоинфраструктура и без руинирани објекти, продолжува со понатомошно посветено работење. Верувам дека, сите избраници од граѓаните ќе дадат поддршка во ваквата заложба, зошто тоа е за иднината на нашиот град и за генерациите кои сакаме да продолжат да го градат и разубавуваат. Секој чекор е важен, а нашите денешни постапки, значат многу за она што и претстои на Битола. Нашиот град не заслужува руинирани објекти, а европската велоинфраструктура е наша потреба, желба и иднина кон која треба да се стремиме. Во чесното и посветено работење, неоснованите кривични пријави ги разбирам како политика, но и демократска можност да се провери беспрекорното работење на локалната самоуправа, затоа што граѓанскиот интерес мора да донесе победа над политичкиот.

More from ВестиMore posts in Вести »