Press "Enter" to skip to content

Филип Ивановски, директор на КК Пелистер: се надеваме, прво дека ќе стигнеме до финалето, а таму се е можно

-Ова е спортска недела за нашиот град, имавме два ракометни спектакли и сега тридневна кошаркарска забава со завршницата од Купот, вели Филип Ивановски, директор на КК Пелистер.

Денес, по 17 години, кошаркарскиот Куп се враќа во Битола каде ќе играат осумте најдобри екипи во земјава. По 2007 година, од денеска Битола е одново во центарот на кошаркарските збиднувања поврзани со националниот Куп “Благоја георгиевски-Буштур“.

А како што вели спортскиот директор на клубот од Битола, Филип Ивановски, како одминуваат часовите до официјалниот почеток на турнирот, така расте и онаа возбуда, организациската.

-Среќни сме и возбудени што имаме чест и задоволство што годинава можеме да го организираме ова натпреварување и што по пет години тоа излегува надвор од Скопје и ќе се одржи во Битола. Се надеваме дека посетеноста ќе биде на високо ниво, ова е спортска недела за нашиот град бидејќи имаме два ракометни спектакли и сега тридневна кошаркарска забава со завршницата од Купот. Очекуваме голем број гости од странство, најавено е и присуството на директорот на АБА и тоа ќе биде една одлична можност за промоција и на градот и на клубот, потенцира Ивановски.

“Техникото“ на КК Пелистер зборува и за оној спортски сегмент од завршницата на Куп-натпреварувањето:

-Од спортски аспект, како организатори и домаќини, нормално е да се надеваме, прво дека ќе стигнеме до финалето, а таму се е можно. Јас како спортски директор, заедно со управата и стручниот штаб работевме макотрпно и овој настан е како јаготка на шлагот и се надеваме дека ќе ја оправдаме довербата која ни е укажана. Битола можеби важи за ракометен град, но нема да биде лошо ако во иднина биде и кошаркарски. Најважно е да ги научиме младите да го сакаат спортот и да ја продолжат традицијата, а што ќе сакаат повеќе, останува на нив“- се надева Ивановски на првиот трофеј во историјата на „зелено-белите“, вели Ивановски, а за цената на влезниците вели:

-Одлучивме цените да бидат популарни, дневен билет по 100 денари. Можеби мал проблем е тоа што Купот почнува в четврток што е работен ден, но нема пречки во попладневните термини, трибините да бидат исполнети и да се направи убава атмосфера. Од организацискиот дел, сакаме настанот да го направиме спектакуларен, ќе има танцови групи кои ќе ја забавуваат публиката, подготвуваме наградни игри на полувремето и се она што може да им биде забавно и интересно на посетителите“.

More from ВестиMore posts in Вести »