Press "Enter" to skip to content

“Визуелни приказни од Пелистер“ – изложба на фотографии

Изложбата на фотографии со наслов “Дали сте подготвени за Пелистер?” е резултат на работилницaта за фотографи со Љубомир Стефановски, која се реализираше во октомври минатата година во Битола.

Mенторот за оваа работилница, Љубомир Стефановски, ко-автор и режисер на македонскиот филм номиниран за Оскар „Медена земја“, го започна своето фотографско патување пред многу години, токму на Пелистер.  Страста на Љубомир за планинска фотографија е заразна и неговото менторирање отвори еден нов свет кон планината.

На оваа необична изложба на отворено, повеќе од 10 талентирани фотографи ги изложуваат своите визуелни приказни за Пелистер.

Овие настани се реализираат во склоп на проектот ДАЛИ СТЕ ПОДГОТВЕНИ ЗА ПЕЛИСТЕР? на ПРЕДА Плус Фондација се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Проектот ДАЛИ СТЕ ПОДГОТВЕНИ ЗА ПЕЛИСТЕР? е кофинансиран од Општина Битола

Ротинско Езеро, со својата уникатна природа и чист воздух, претставува вистински магичен бисер под Пелистер. Ова идилично место не само што нуди уникатно доживување за почитувачите на природата, туку идеално се вклопува како платформа за организирање на нашата изложба на фотографии.

Целото визуелно искуство на отворено, е  дополнето со магична атмосфера и топли напитоци од  мезе бар Јагода и  музика со DJ FICHI  што го заокружува целoто доживување.

-Работилницата  на Преда Плус со Љубомир Стефановски во октомври минатата година беше неверојатно искуство за сите учесници. Се гордееме што успеавме да ја организираме оваа работилница, пренесувајќи ги уметничките тајни и техники на еден толку искусен и талентиран фотограф како Љубомир. Повеќе од 10 талентирани фотографи кои учествуваа во обуката, ги прикажаа своите уметнички изрази за Пелистер преку фотографии што ги создадоа по завршувањето на обуката. Веруваме дека оваа иницијатива не само што ќе ги биде впечатлива за посетителите на изложбата, туку и ќе биде потсетник за потребата од подигнување свеста за уникатните туристички можности на Пелистер. Проектот “Дали сте подготвени за Пелистер?” не завршува со изложбата. Напротив, следуваат низа активности кои ќе поддржат подобрување и промовирање на туристичката понуда на Пелистер, истакнуваат од Преда Плус Фондација.

-Како млада фотографка сега започнувам да пливам во водите на фотографирањето па се трудам да учествувам на секоја работилница, проект или нешто поврзано со фотографијата. Сакам што повеќе да научам па работилницата со Љубомир беше вистинското нешто за тоа. Учеството во работилницата за фотографи со Љубомир Стефановски во октомври минатата година беше неверојатно искуство што го збогати моето знаење за фотографија и го поттикна уште повеќе моето креативно љубопитство. Љубомир не само што е извонреден фотограф, туку и искусен предавач кој на лесен и уникатен начин ја пренесува својата страст и техничко знаење. За фотографирање мене барем ми беше лесно бидејќи темата е Пелистер, а јас го сакам Пелистер и сметам дека што и да се фотографира на Пелистер ќе изгледа убаво. Со нетрпение чекам моите фотографии да ги претставам пред публиката. Се надевам дека моите фотографии комуницираат со посетителите на изложбата и ги предизвикуваат да го искусат Пелистер во сите негови облици, рече Дамјана Ристевка-учесничка на изложбата

More from КултураMore posts in Култура »