Press "Enter" to skip to content

Финални преговори: Платформата за ракометна Битола пред продолжување?

Ракометната приказна во најракометниот град најверојатно и во иднина ќе ги радува битолчани. Имено, пред почетокот и на полувреме од натпреварот во Битола од Лигата на шампионите во ВИП-просторот меѓу Еурофарм Пелистер и Алборг, ги забележавме градоначалникот на Општина Битола, д-р Тони Коњановски и претседателот на клубот, проф. д-р Зоран Стерјев во пријатна и пријателска атмосфера како разговараат.

Според нашите сознанија темата на разговор била постигнување на финален договор за продолжување на соработката меѓу акционерите и продолжување на Платформата за ракометна Битола. Нашите информации се дека преговорите се започнати кон крајот на минатата година и сега се во фаза на финализирање.

Платформата за ракометна Битола беше потпишана пред неполни пет години и договорот е на истек на крајот од календарската година.  Во наредниот период ќе дојде до финални средби кои треба да резултираат со потпишување на договорот, но извесно е дека Еурофарм Пелистер и во иднина ќе биде клуб кој ќе ги обединува битолчани. Несомнени се високите амбиции кои ќе овозможат Еурофарм Пелистер веројатно и во годините кои доаѓаат ќе остане наш најмоќен и најрепрезентативен клуб.

Во тој правец оди и изјавата на тренерот Бранислав Ангеловски, кој најави можност клубот да аплицира за „вајлд карта“ во Лигата на шампионите, ако клубот ја освои титулата во Суперлигата. На враќањето на Лигата на шампионите во Битола клубот ги положи сите организациони тестови, а битолската публика уште еднаш ја покажа својата страст за оваа игра. 

Во платформата потпишана во декеммври 2019 година беше оформен развоен тим, Еурофарм Пелистер 2, кој и во иднина ќе ги собира најдобрите млади ракометари од Македонија и регионот и ќе претставува столб на Еурофарм Пелистер. Битолчани почнаа со нагодувања кои ракометари ќе го носат дресот на својот омилен клуб следната сезона, но од клубот се концентрирани на домашните натпреварувања и завршницата на Лигата на шампионите.

More from ВестиMore posts in Вести »