Екипата на Еурофарм Пелистер од Битола денес ја затвора годинашната Лига на Шампиони, која ја започна во септемви во Битола против екипата на Колштад, со која денес и ја затвораат, со натпреварот во Норвешка.
“Пелистерци“ се во Норвешка, а тренерот на Еурофарм Пелистер, Бранислав Ангеловски, на средбата со новинарите потенцираше дека секој натпревар во Лигата на шампионите е важен.
-Нема неважен натпревар во Лигата на шампионите. Ние треба да славиме што бевме дел од ова натпреварување, да играме со такви европски велесили. Со овие натпревари ќе извлечеме поука и ќе видиме уште колку работа нè чека во иднина за да бидеме во егал со овие екипи. Одиме да се надигруваме со норвешкиот шампион и да извлечеме позитивен резултат. Пред управата ветивме дека ние како тим на секој натпревар ќе одиме на победа и ќе се спремаме за да славиме. Како ќе биде овој пат ќе знаеме по завршувањето на натпреварот. Треба да сфатиме дека овој натпревар го играме првенствено за нас, како индивидуи, а потоа и за клубот, градот и државата, бидејќи ние ги претставуваме Битола и Македонија. Сакаме да ја завршиме оваа авантура со добар натпревар и потоа сите да се насочиме кон првенството и Купот на Македонија.