Press "Enter" to skip to content

Осум жени од Битола, Анета, две Елени, Жанета, Јасмина, Моника, Марија и Рената за 8. Март

Жанета Ристевска

Празникот 8 ми Март  треба да служи за потсетување за  положбата на жените во минатото и колку успеале до денес. Еден од главните предизвици на жената денес е да се направи баланс меѓу приватниот и професионалниот живот. Кај нас се уште постои стереотип дали жената може да се носи со улогата да врши значајна функција во општествено- политичкиот живот? Стереотипите кои постојат за улогата на жената и постигнување равноправност на половите, се уште постојат. Голема улога во однос на ова игра воспитувањето на машките и женски деца која е во однос на културата кон која припаѓаме. Наследни биолошки фактори го одредува полот на детето, но родниот идентитет се врзува за културно-психолошки идентитет и оттука кај родителите постои свесна или несвесна разлика во воспитувањето на машките и женските деца.

Пораките кои родителите им ги упатуваат на своите деца низ воспитување се различни во однос на полот на детето. Така од машките деца се очекува да бидат силни, упорни, да се посвети на постигнувања… Од друга страна пак на девојчињата им е дозволено да бидат емотивни, нежни, топли… Ако гледаме со очите на модерниот свет, девојчето/ката треба да биде убава, мила, послушна, а момчето  силно и способно. Девојчињата од мали се учат на емпатија, така што се грижат кога си играат со кукли, им се купуваат сетови со кујна… Потоа да се грижат за помалиот брат или сестра и на тој начин се подготвуваат за улогата на мајка. Од друга страна момчињата се учат на спротивни работи, да се заштитнички настроени кон семејството, и „не смеат“ да покажуваат слабост, (“Не плачи,не си женско“…) Но, жената на 21 век мора да е СИЛНА и ХРАБРА за да избори со предизвиците кои ги поставува современиот начин на живеење. Од неа се бара да биде успешна во кариера, но и мајка, сопруга.

Денес  Клара Цеткин би се гордеела со жените на денешницата, жените кои се справуваат со предизвици што ги постави времето во кое живееме Жените се лидери каде и да погледнете од високи менаџерски позиции, успешни во професии каде доминираат мажите или домаќинки кои ги одрастуваат и воспитуваат своите деца, често и глави во семејството. За што Клара Цеткин  денес би ни кажала благодарам?  Одговорот на ова прашање  низ споделени искуства за предизвиците со кои се соочува современата жена во 21 век и  силни пораки од 8 битолчанки Анета, две Елени, Жанета, Јасмина, Моника, Мимоза и Рената (редоследот е по азбучен ред на нивните имиња).

Анета Дојчиновска, рударски техничар во РЕК “Битола“-Јас сум Анета Дојчиновска, рударски техничар во РЕК “Битола“. Работам во ПЕ Рудници, во анализа на процес. Моите секојдневни обврски на работното место се поврзани со изготвување на извештаи за работата на рудниците на РЕК “Битола“ кои потоа се користат како податоци во планирањето на процесот на производство. За рударски техничар учев во СОУ “Таки Даскало“. Во тоа време, тоа беше една релативно нова струка во училиштето и ми изгледаше примамаливо. Никој од семејството не работеше во РЕК “Битола“ за да речам дека од таму дојде љубовта за струката. Во класот бевме повеќе женски од машки, а кога почнавме да доаѓаме во РЕК “Битола “на пракса, бев сигурна дека сум го направила вистинскиот избор. Од мојот прв работен ден во РЕК “Битола“, па до денес никогаш не сум имала проблем со било кого од колегите, без разлика дали се мажи или жени. Иако обично се мисли дека рударството е машка професија или дека во РЕК тешко е да работат жени, јас го велам спротивното. Никогаш немало дискриминација во однос на полот, ниту по било која друга основа. Затоа, сакам да им порачам на сите девојчиња и жени да си ги следат и да си ги остваруваат соништата. Нека им е среќен 8 март и се најдобро им посакувам!

Елена Матевска, менаџер на сектор администрација и наплата во “Минт кредити“-Осми март би станал ден на заблуди и лага, доколку веруваме дека со тој еден ден на посебно внимание – дали преку цвеќе или подарок – ќе заборавиме или простиме на секојдневните неправди коишто се случуваат  во смисла на дискриминацијата на жените Но, глобализацијата и современите пазарни текови преку блескави маркетинг кампањи и шопинг акции го искомерцијализираа Меѓународниот ден на жената и го претворија во ден за подарување подароци. Од друга страна, се бележат и тенденции за релативизација на празникот со негово чествување како „Ден на мајката“, што дел од застапниците за борбата за женски права го сметаат за обид за дефокусирање од изворните цели на одбележување на Денот на жената. Сето ова, заедно со подемот на социјалните медиуми, доведе до промовирање на некои недоволно јасни идеи за еднаквост, наместо првичните цели за социјални реформи и рамноправност.

Елена Трајчевска, маркетинг директор на Голд Фелициа, Евротип, Голд Слот и Премиум Сејфти Солушн-Не постои граница за она што ние, како жени, не можеме да го постигнеме!  Оваа мудра порака ме потсетува на секој еден предизвик кој се поставил на мојот пат кон успехот. Да се биде жена, значи да се биде истовремено мајка, сопруга, пријател, водич и деловна личност.  Меѓународниот ден на жената не е само 8-ми Март, туку тој е секој нареден ден во цела календарска година. Да се биде жена, значи да се биде борец. Предизвиците на новото време нас жените само не прават од ден на ден се посилни. Ви посакувам секој ден да бидете насмеани, храбри, да го издржите секој предизвик кој ви го носи животот. Ова е ден кога ја славиме нашата моќна женска енергија, затоа раздвижете се и остварете ги вашите соништа. Среќен 8-ми Март!

Жанета Трифуновска, раководител во НЛБ банка Битола
-Жената има важна улога во општеството како носителка на културни и социјални вредности, креаторка на односи и заеднички идеи, како и како активен учесник во економијата и политиката. Нејзината улога есенцијално ја дополнува и заеднички ја формира општествената динамика и идентитетот. Притоа, редовно се соочува со предизвици и неравенства кои треба да успешно да се надминуваат за да се постигне рамнопоставеност и инклузивност во општеството. Нејзината способност да се адаптира и да се приспособи на различни улоги (мајка, сопруга, професионален работник) често ја прави кључна фигура во своето општество и професионалниот живот.
 
Проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска, проректор на УКЛО Битола
-Колку и да зборуваме за современ свет во кој живееме, непрекриена вистина е дека традиционалните белези се се уште длабоко вкоренети во нашето општество и маскулинум принципот во најголем број на случаи преовладува, пред демократичноста и либерализмот. Затоа, организации во чиј центар е женскиот дискурс се чинат оправдани, иако реалноста покажува дека благодарение на досегашната борба и организираност многу жени станаа дел од значајни функции, од политичката елита, други станаа носителки на општествени функции, трети се влијателни и го конструираат јавното мислење. За мене најсилна жена е секоја која станува секогаш кога животот ќе и приреди удар и паѓање. Честит 8. март и посакувам да бидеме мудра, горда, достоинствена и силна во секоја прилика и ситуација. 
 
Проф. д-р Моника Марковска, претседател на Рортари клуб Битола
-8-ми март, е светски ден кога се слават социјалните, економските, културните и политичките достигнувања на жените насекаде. Денес, скоро и да нема позиција каде што не може да се најде жена. 8-ми март е ден кога ни дава можност да размислуваме што треба да се направи во нашата потрага и борба за родова еднаквост. Кога зборуваме за родова еднаквост, зборуваме за напредок на нашата заедница. Родовата еднаквост лежи во срцето на развојот и напредокот. Жените се тие што носат живот. И секоја жена е извонредна, без разлика дали е дома или работи. Жените имаат моќ да инспирираат, создаваат и трансформираат. Патот кон напредокот не е лесен. Но, вреди да се доживее. Тајната на постигнувањето резултати лежи во макотрпната работа. Никој не успеал без труд и напорна работа. Многу често се прашуваш себе си дали сонуваш со отворени очи, дали имаш доволно сила да истраеш но, сфаќаш дека и покрај сите препреки, непреспиени ноќи, подеми и падови, единствено се менуваш ти. Мојата цел како жена универзитетски професор и жена лидер во ротаријанството е да постигнувам резултати кои водат кон промени. Мојата професија игра клучна улога во обликувањето на мисловниот сет на идните генерации бидејќи наставата не е само професија, тоа е повик, страст да се инспирираат и насочуваат младите кон знаење и личен развој. А хуманоста ја отсликува големината на еден човек, таа е доблест, најчовечната особина. И таа комбинација ме прави особено горда и подготвена секојдневно да се соочувам со предизвиците. Искуството, научените лекции од многуте направени грешки се основата за личен развој. Тогаш учиш да ги прифатиш сите „НЕ“, на патот кон целта. Тогаш стануваш посилна и похрабра да продолжиш понатаму. Затоа, избери да бидеш своја, да бидеш храбра, да веруваш во себе си. Зошто само на таков начин сите ќе можат да ја видат твојата вредност. Нека ни е честит 8- ми март!
 
Спец. д-р Марија Христовска, специјалист гинеколог акушер во болница “Плодност“ Битола
8-ми Март, Меѓународниот ден на жената кога се одбележува борбата за економска, општествена и политичка рамноправност меѓу половите. Она што ми остава посебен впечаток е тоа што во нашиот историски контекст борбата за еднаквост меѓу половите е нераскинливо поврзана со борбата за работнички права, а со тоа и со можностите на жената да биде самостојна, да одлучува за себе и за своите деца, да има свој имот, и можеби најважно, професионално да се усовршува и надградува. Елипида, Ибе, Вера, Лена, не се бореле само за да докажат дека се еднакво способни како соборците, туку и за да остварат подобар живот на секој човек во идната држава и да ја искоренат секоја неправда. Жените во Македонија се столбот на државата – професионално го обелуваат образот во речиси сите сектори во приватниот и јавниот сектор, а истовремено херојски го поднесоа товарот на транзицијата и тешката економска состојба, успевајќи да ги одгледаат новите генерации. Она што би сакала да го видам во иднина е поголемо вреднување на трудот што традиционално се смета за „женски“, особено во областите на нега и грижа и би сакала сите воспитувачки, негувателки, учителки, медицински сестри (кои често ги земаме здраво за готово и ги потценуваме) да имаат можност за достоинствен живот и нивниот општествен придонес соодветно да се вреднува, како што тоа се прави во мојата работна средина. И секако сите останати жени на стручни позиции кои бараат големи лични жртви и откажувања, како оние што работат во здравството или судството да го добијат заслуженото признание и поддршка. Би сакала секоја мајка да добива соодветна психосоцијална, финансиска и семејна помош во одгледувањето на децата, а покрај тоа и време за рекреација за да може да се чувствува достоинствено. Се надевам дека како нови генерации на жени ќе успееме да изградиме системи кои ја вреднуваат негуваат грижата и негата кои иако не се традиционално „профитабилни“ гранки како Информациски технологии или бизнис, сепак се оние „кои го вртат светот“.
 
Рената Гошевска, маркетинг специјалист – IWConnect
-Во пресрет на денот на жената, важно е да размислиме за напредокот што сме го постигнале и предизвиците што сè уште нè очекуваат. Како жена, горда сум на чекорите што сме ги направиле кон еднаквост и независност. Гледаме повеќе жени од кога било порано на раководни позиции, водејќи компании и оставајќи вистински печат во светот. Сепак, не е сè толку розово. И покрај нашите успеси, жените сè уште се соочуваат со бројни пречки. Често се наоѓаме во ситуација да балансираме повеќе улоги – како професионалци, мајки, сопруги и домаќинки. Товарот на одгледување деца и управување со домаќинствата често паѓа непропорционално на наши плеќи, дури и додека ги следиме нашите кариери. Тоа е деликатен баланс и не е секогаш лесно. Но, едно е сигурно: жените се отпорни, силни и способни да постигнат неверојатни работи. Ние докажавме безброј пати дека можеме да се издигнеме над предизвиците и да излеземе уште посилни. Затоа, на овој Ден на жената, ајде да ги прославиме нашите достигнувања, но и да ја признаеме работата што сè уште треба да се направи. Ајде да се поддржуваме едни со други, да се креваме едни со други и да продолжиме да се бориме за вистинска еднаквост. Заедно можеме да создадеме свет каде секоја жена ќе има можност да напредува и да го достигне својот целосен потенцијал.
More from ВестиMore posts in Вести »