Press "Enter" to skip to content

Денес е Св. Агатангел Битолски, родум од Лерин, пострадал млад како чевлар во Битола, примајќи небесен венец од Христа

-Денеска е 11 март или 27 февруари според стар стил и се слави Свети Агатангел Битолски.

Агатангел Битолски или Агатангел Лерински (Лерин 1700? – Битола 1727), македонски светец и маченик. Податоци за неговиот живот многу малку, а оние кои ги има ги наоѓаме на кивотот кивотот, во кој денес во Бигорскиот манастир, се чува неговата чесна глава.

Во овој напис се вели:

-Оваа света глава му припаѓа на новомаченикот Агатангел, којшто пострада маченички во 1727 година од следнава причина: Кога сите Агарјани имајќи си зол обичај во трите дена на бајрам да го потурчуваат секој христијанин што ќе го најдеа, тој не можеше да го поднесе тоа, па замина во царскиот сарај, притоа сочинувајќи и ферман и со Божјо содејство-тие попуштија. Оние, пак, кои не го поднесоа ова, го убија, а главата негова беше воскресната во дните на кир Григориј Пелагониски и од ереите кои беа тогаш: сакелариј поп Георгиј, како и сакелиите поп Георгиј, поп Христо, поп Трајан, поп Наум, поп Вангел, поп Васил, поп Георгиј. 1827, февруари 25.

Свети Агатангел пострадал откако дошол во судир со екстремните исповедници на исламот затоа што се спротивставил на присилното исламизирање на христијаните. Подоцна, врз основа на документи од тоа време, а можеби и преку усно предание, во 1827 година, бил составен натписот за причините за неговото погубување што се наоѓа на кивотот со неговите мошти.

Што се однесува на македонското потекло на свети Агатангел, податоци наоѓаме во неговата служба, составена од јеромонах Атанасиј Симоно-петријски. Во синаксарот пишува:

-Во дваесет и седмиот ден од месецот февруари, помен празнуваме на светиот и прославен новомаченик Агатангел, од меч пострадан во Битола Македонска, во летото Спасителово 1727.

Житие:

Овој македонски светител пострада од Агарјаните во 1727 година. Како што пишува на кивотот во кој денес во Бигорскиот манастир се чува неговата чесна глава, во тој период од нивното петвековно владеење со македонските краишта Агарјаните имале необичен и свиреп обичај за време на тридневното празнување на Бајрам насилно да го преведат во својата исламска вера секој христијанин што ќе го нашле. Во страв и трепет пред нивниот незадржлив гнев незаштитените и угнетени христијани се сокривале кој како умеел и можел. Раката на друговерните гонители пак, секогаш успевала да докачи по некоја нејака жртва и да го изврши злото над невиниот човек. Мнозина од уловените македонски христијани гонителите ги наоѓале неподготвени да појдат на маченички подвиг и исходот на спасението на оние што го примале исламот под тешка закана останувал неизвесен. Но Бог разгоре љубов кај Својот храбар следбеник Агатангел, кој реши да се дрзне, та со помош Божја да му стави крај на нечесното затирање на кревките и неопитни души. Поттикнат од благодатта Божја, свети Агатангел појде во царскиот сарај и со богомудри зборови пред турските големци се заложи тоа насилно исламизирање на невините христијани на Бајрам да запре. Со содејство Божјо светителот успеа да најде милост пред агарјанските првенци и тие, според ферманот приготвен за таа добра намера, го укинаа гонењето на христијаните на Бајрам. Но Бог, за да ја открие вистинската верност на Својот ревнител Агатангел им допушти на неколкумина Агарјани во Битола да му се нафрлат на светиот маж и да го погубат. А свети Агатангел чесно пострада од нив, простум примајќи го својот небесен венец од Христа, Кому Му поверува: „Секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Отец небесен. А кој се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен.” (Мат. 29 – 33 )

Тропар

Следејќи Го Христа на Голгота, благодатта го исполни срцето твое, и со ревност мажествена истапи пред дверите на беззаконието, за да се врати слободата на угнетените, о Агатангеле светол мачениче, награда не те одмина, главата твоја во слава овенчана Небесата ја прославија, и ние денес поклонение и чествување принесуваме, Бога Го прославуваме, Кој по твоите молитви свети, милост голема кон нас покажува.