Press "Enter" to skip to content

In memoriam: Александар Трајковски

Вчера во Битола, на возраст од 97 години почина Александар Трајковски почесен претседател на Општинскиот одбор на СБМ од НОАВМ 1941-1945 Битола.

Александат Трајковски  беше роден на 4 февруари 1927 година во работничко семејство во Битола, беше учесник во НОБ, а по ослободувањето познат општествен работник. 

Александар Трајковски во 1943 година бил примен во младинската комунистичка организација (СКОЈ) каде учествувал во акции на растурање на илегални летки и весници, како и во пренесување на илегална пошта. По ослободувањето на Македонија во 1946 година бил во првата класа на Школата за резервни офицери во Ниш, а бил демобилизиран од ЈНА со чин “капетан прва класа“. Од почетокот на 1948 година бил примен на работа во Управата за државна безбедност во Битола. Бил избран началник на Секретаријатот за внатрешни работи на Битола. Истовремено бил претседател на Југословенско-грчката гранична комисија за Третиот реон. Во месец април 1974 години станал заменик окружен јавен обвинител, на кое работно место останал до 1986 година, кога се пензионирал.

Трајковски бил претседател на Околиски стрелачки сојуз на Битола, претседател на Општинскиот одбор на СОФК-а Битола, член на претседателството на СОФК-а на Македонија, а бил во делегацијата на СФРЈ и СРМ на „Летната олимпијада“ во Москва.

Трајковски бил одлкуван со две медали “За заслуги“ и “За народ“ и со два “Ордени заслуги за народ“ од втор и трет ред, како и со „Орден на трудот“.

Во 2011 беше избран за претседател на ОО на  Сојузот на борци во Битола, а оваа функција ја извршуваше до 2022 година кога беше прогласен за почесен претседател на битолската  Боречката организација. 

Телото на покојниот Трајковски  ќе биде изложено во Градската капела на Новите гробишта утре, на 14.03.2024 (четврток) од 11 часот, а погребот ќе биде истиот ден во 13 часот на Буковските гробишта.

More from ВестиMore posts in Вести »