Press "Enter" to skip to content

Франкофонска пролет во Битола и низа настани по повод 20 март Меѓународен ден на Франкофонијата

Месец март е познат како месец на Франкофонијата кога со низа настани и активнoсти се одбележува и 20 Март – Меѓународен ден на Франкофонијата. За настаните и активностите кои ќе се случуваат во наредниот период поразговаравме со почесниот конзул на Франција г-ѓа Калиопа Станиновиќ од Битола.-Март е месец предвесник на пролетта, според мене и најубавото годишно време кога природата се буди. Во месец март се одбележуваат денови на Франкофонија. Во овој месец е и 20 Март Меѓународен ден на Франкофонијата. Програмата за одбележување на Франкофонијата во Битола е осмислена и ќе биде реализирана како дел од иницијативата и соработката помеѓу Француската Алијанса, основните училишта и гимназијата “Јосип Броз Тито“, Француското конзуларно претставништво и локалните партнерски институции, почесниот конзул на Франција г-ѓа Калиопа Станиновиќ од Битола и додава:

-Со тоа градот Битола којшто со причина се споменува и како најфранкофонски град во нашата држава, ќе даде соодветен придонес во одбележувањето на овој значен датум којшто паралелно се слави во 88 држави во целиот свет. Нашата земја е полноправна членка на ОИФ, Меѓународната франкофонска асоцијација којашто обединува над 321 милион говорители на францускиот јазик (петти најзборуван јазик во светот) распоредени на сите пет континенти.

За тоа што се ќе се случува во Битола за време на Франкофонијата во Битола, Калиопа Станиновиќ вели:

-Во соработка со Општината, на празникот, 20 Март, ќе има илуминација на Саат кулата- градскиот часовник во препознатливите бои на француското тробојно знаме: сино, бело, црвено. Во НУУБ „Св, Климент Охридки“  19 март, вторник во 19,00 часот ќе биде отворена Изложба на најдобрите ученички творби пристигнати на Ликовниот конкурс во организација на Француската Алијанса на тема Спорт, Олимписки игри кои оваа 2024 ќе се одржуваат во Париз Францијa, со наслов :„Здрав дух, здраво тело“. На конкурсот, од пријавените, уметницата Љубица Буба Солак како Претседател на жири комисија избра дела кои ќе бидат изложени во холот на градската библиотека. Самиот ден, 20 март Меѓународен ден на Франкофонијата, ќе се одбележи со прослави во сите основни и средни училишта каде што се изучува францускиот. Ќе има низа активности со ученици кои го изучуваат францускиот подготвени од нивните наставници. 23 март (сабота ) е ден кога активности на природа, ќе се изведуваат во Градскиот парк. Станува збор за отворен настан со меѓуученички натпревари во игри и спортски активности : трка на 200 метри, натпревар „Лов на скриено богатство“ и традиционален француски „петанк“ . Првата недела од април поточно на 4 април во Народен Театар Битола во рамки на „Џез фабрика Фестивалот“(Jazz factory festival) ќе има концерт на реномираното француско трио на Никола Гардел.

-Гостин ќе ни биде и францускиот амбасадор. Француската алијанса во континуитет придонесува за зајакнување на изучувањето на францускиот јазик. Со посебен акцент на проектот за сензибилизација којшто со поддршка на Францускиот Институт во Скопје веќе втора година се реализира проект во голем број основни училишта во државата, секако вклучително и во Битола. Завршницата на проектот ќе се случува на 17 април во Центарот за култура со завршна приредба со учество на учениците од основните училишта што беа дел од проектот за сензибилизација, вели Станиновиќ.

-Минатата година оваа приредба имаше голем одзив и големата сала на Центарот за култура беше исполнета до последното место. Очекуваме и оваа година голем интерес. Со овој настан ќе ги заокружиме активностите со кои ја одбележуваме франкофонската пролет во која се надеваме да прикажеме и француски филм за љубителите на француската филмска уметност.  На есен продолжуваме со нови активности продолжуваме со „Париски рефлексии 2“ изложба која ја органзираме во соработка со КИЦ Офицерски дом Битола. Тука е и „Малата школа на краток филм“ во соработка со Центарот за култура Значи, продолжуваме со настани со кои и докажуваме дека Битола заслужено го носи епитетот „најфранкофонски“ град, ни рече за крај почесниот конзул на Франција г-ѓа Калиопа Станиновиќ.

Жанета Ристевска

More from ВестиMore posts in Вести »