Press "Enter" to skip to content

Проф. д-р Ило Трајковски за книгата на “Структурата на моќта во Битола“ или за за моќта и моќните во Битола на д-р Пеце Цветановски

Синоќа во Офицерски дом во Битола беше промовирана книгата “Структурата на моќта во Битола“ на нашиот сограѓанин, авторот Пеце Цветановски, која е посветена на моќта како општествена појава, а тоа е истоимената докторска теза која Цветановски ја одбрани на Институтот за социологија, при Филозовскиот факултет во Скопје во 2016 година.

Промотор и рецензент на книгата беше прод. д-р Ило Трајковски кој на промоцијата рече:

-Искрено се радувам што сум вечерава овде со вас, во овој објект и по овој повод. Објектот и поводот споделуваат еден заеднички содржател. Тој и по број и по дефиниција е мал, но моќен симболички и стварно. Тоа е зборот и симболот елита. И самиот објект – Офицерскиот дом на Битола и книгата на г-дин Цветановски се создадени на една иста или за една иста тема – елитата!

Офицерскиот дом е оригинално замислен и почнат да се гради за време на Османлиското царство како палата и како тврдина на војничката елита. Подоцна за време на војните служел за забава на елитата на повеќе војски. Во мирно време воената елита се отворала кон другите елитите на граѓанството. Во еден периодот кога и јас го паметам беше „демократизиран“ до таа мерка што можеше во него да се влезе и со фармерки!

Денес, овде ја промовираме книгата Структурата на моќта во Битола, книга која со научни концепти и тези зборува за битолската елита. Но, таа сега веќе не е војничка. Цветановски со емпириска студија покажува дека денешната битолската елита или тоа што локално се смета за елита е, пред се, стопанска, помалку политичка, а воопшто не војничка, ниту културна и уметничка или образовна. Ќе видиме кои се аргументите за тоа.

Пред тоа сакам да кажам дека со оваа студија на Пеце Цветановски, Битола покрај архитектонскиот портрет на својата елита, доби и еден социолошки и политиколошки портрет. Со тоа Битола застана рамо до рамо со неколкуте градови во светот кои на еден или друг начин станале свесни за местото и улогата на моќта и на нејзините носители во организацијата на животот во локалната заедница. Со оваа студија Пеце Цветановски за Битола го направи она што Флојд Ханер во 1953 година го направи за американскиот град Атланта во Џорџија. Со студијата

Структурата на моќта во локалната заедница, Хантер ја стави Атланта на светска социолошка и политиколошка мапа. Од тогаш до денес нема истражување за моќта и елитата не само во САД туку во целиот свет кое не упатува на студијата на Хантер. Убеден сум дека по објавувањето на оваа студија нема да може да има говор за моќта и за елитата не само во Битола, туку и во Македонија без повикување на користените методи и изведените заклучоци од страна на Пеце Цветановски.

Овде сакам да нагласам уште една сличност меѓу двајцата истражувачи на моќта и моќните луѓе во своите градови. За мене е интересен и еден детал кој го наоѓам споредувајќи ги личносните карактеристики на Флојд Хантер и Пеце Цветановски. Оние кои го познавале Хантер го опишуваат како кроток и благ човек, како доброто момче од градот. Ќе речам со доза на лична оценка дека тоа важи и за Пеце Цветановски. И сега се прашувам, зошто токму луѓе со вакви карактерни особини се амбицираат да се зафатат со проучување на моќта и односите на моќ. Моќта како надмоќ и моќните како надмоќни се толку различни од карактерните црти со кои се опишува Хантер, а јас мислам и Цветановски. Тие двајцата кротки и умрени, а моќта и надмоќните конфликтни па дури и гладијаторски. Што е тајната токму тие да постигнат завидни резултати во проучувањето и анализата на структурата на моќта во локалната заедница.

Оти проучувањето на структурата на моќта во градот не значи само да се откријат влијателните и највлијателните луѓе во градот во кој истражуваат туку и да ги анализираат начините на кои тие ја стекнале и ја одржуваат нивната моќ, всушност нивната надмоќ над другите и нивните меѓусебни односи. Оти како што ќе рече Макијавели, најважното прашање во врска со моќта е како да се стане надмоќен и како да се одржи надмоќта над другите и покрај отпорите?

Од таа страна, клучно прашање во истражувањето на моќта е како да им се приближиш, како да те прифатат да зборуваат за себеси и својата надмоќ над другите. Како да се отворат и да ги откријат своите тајни. Особено имајќи го предвид во јавноста силно утврдениот двосмислен став кон успешните – кај нас се ќе ти простат, но не и успехот. Како може да си успешен кога се околу е пепел! Цветановски, теориски и методолошки добро подготвен и опремен со споменатите карактерни црти, знаејќи каде лежат замките од преголемата блискост со срцевината на односите на моќ, односно информациите е истражувачки ригорозно внимателен. За тоа дознава преку исказите на некогаш моќните за тоа што ги правело да бидат моќни и што ги довело да ја изгубат таа позиција. Некогаш моќните послободно зборуваат за својата некогашна моќ отколку актуелните моќници.

Ваквата бихевиорална анализа на ставовите и вредносните на битолските моќници чии резултати се изложени во третиот дела и заклучните согледувања е издржана затоа што е претхдоно е втемелена врз солидна концептуално теориска анализа на моќта (прикажана во првиот дел) и структурална анализа на Битола како локална заедница (прикажана во вториот дел). Врз основа за педантно и детално изведените концептуални и структурални анализи се покажува дека битолските моќници не се просто кабадахии туку приземни и структурно втемелени претприемачи кои преземаат некое од бројните лица на моќта зададени со структурните белези на заедницата овој случај на Битола. Објективно постојната општествена структура на градот, во смисла на неговите економски, сопственички, пазарни, политички, образовни, културни и други институции како и неговите ресурсни и други географски белези ги одредуваат положбите кои номинално носат или даваат моќ за одлучување во градот. Но, за Цветановски, како и за другите упатени истражувачи на социологијата на односите на моќ не е најважен овој структурално функционален аспект на анализата. Односите на моќ се односи на стварна надмоќ. Тоа најдобро го искажува дон Мајлак Корлеоне во филмот Кум, при преземањето на факелот на мафијата од неговиот татко, кога вели вистинската моќ не се дава, не е добиена, туку таа се зема. Е! За да се дофати овој аспект на односите на моќ потребна е таа бихевиорална анализа, односно анализа на предиспозициите и ставовите на конкретните единки во однос на моќта. Токму во овој дел, кој се состои од конкретни анализи и заклучоци, но и вредни материјали кои и понатаму може да се анализираат, според мене се наоѓа највредниот придонес на Цветановски. Не само за разбирањето на односите на моќ на локално, ново во Битола како локална заедница туку и пошироко. Затоа што, ако заклучоците на Хантер за Атланта станаа релевантни за односите на моќ во цела Америка во тој период, заклучоците за Цветановски за Битола се релевантни за односите на моќ кај нас, но и во сите општества во транзиција. Што на таа тема кажува книгата на Цветановски за битолските моќници, за битолската елита? Книгата соопштува многу релевантни сознанија, многу и во смисла на број и во смисла на важност. Ќе посочам само на најзначајните сознанија кои, убеден сум се интересни и имаат значајна хеврситичка вредност – за понатамошни дискусии и истражувања.

Прво, според мене, како и Хантер и Цветановски констатира дека категоријата моќни, односно најмоќни битолчани е прилично хомогена. Имено врз основа на сложена методолошка постапка позната како репутациски метод, со помош на 14 добро упатени информатори изградил една поширока листа со 159 градски моќници која потоа ја стеснува на 40, односно на 44 најчесто посочувани моќници во градот. Токму оваа листа на најмоќни битолчани е прилично хомогена. Односно дури 33 (27 + 3 + 3) од нив се од приватниот, т.е. стопанскиот сектор додека само 7 (4+3) од јавниот сектор, а меѓу овие 7 тројца се вклучени во листата на најмоќни не толку поради нивните функции во јавниот сектор колку поради тоа што на својата глава носат истовремено и капа на приватни бизнисмени. Значи реално само четворица меѓу 40-те најмоќни битолчани се од јавниот сектор – конкретно политичкиот сектор. Во оваа категорија нема лица од областите образование, спорт, култура, уметност и естрада. Значи, битолската моќничка елита е составена од неколкумина политичари и многумина стопанственици и тоа главно од областите трговија, угостителството и градежништво.

Ова е интересно ако се има предвид дека Цветановски на своите 14 информатори од кои е произлезена листата на моќни лица во градот им дал можност моќта да ја препознаат низ шест нејзини димензии: богатство, врски, влијание, авторитет, политика и способност. Од сите нив како најзначаен критериум за вклучување на некого или некоја во категоријата моќници се покажува богатството и до некаде политиката. Ова зборува за тоа колку е надмоќна моќта на економскиот капитал (парите) во споредба со моќта на социјалниот, образовниот, човечкиот или културниот капитал на локално ниво. Заклучоците на Цветановски во врска со ова прашање се совпаѓаат со сознанијата од анализите на дистрибуцијата и структурата на моќта во други пост-југословенски средини и земји.

Единствени професии надвор од економијата и политиката кои имаат некои допирни точки со моќта се лекарите и правниците. Но, и тогаш кога претставници од овие професии се вклучуваат во категоријата на најмоќни најчесто не е само поради нивните чисто стручни и професионални остварувања туку и поради нивната дополнителна економска моќ изразен како сопственост над приватни установи во соодветната област. Битолската како и другите транзициски елити не е составена, на пример, од најучените битолчани. Да, најголем број од нив имаат факултетско образование. Но бројот на моќници со средно образование е поголем од бројот на моќници со магистратура или докторат. Значи не е образованието само за себе тоа што носи надмоќ.

Покрај за профилот на битолската елита, книгата на Цветановски соопштува многу вредни сознанија за уште три други важни аспекти за битолските моќници: нивните односи со политичките институции и граѓанските организации, нивните меѓусебни односи и сликата на моќниците за самите себе како елита. Сознанијата за овие аспекти се многу важни, а да одговориме на прашањето дали оваа категорија битолчани е компактна со свој изградени интереси и идентитет и понатаму идеологија или пак е конгломерат без корен, без идентитет, со ризична иднина.

На првиот план студијата соопштува дека нешто повеќе од една третина од испитаниците остваруваат конкретни релации со локалните и централните власти и тоа најчесто во врска со некои нивни деловни проекти, најчесто од област ана урбанизмот. Скоро ист толкав дел од битолските моќници членуваат во некои невладини организации – и тоа скоро ексклузивно во некој од неколкуте Ротари или Лајонс клубови во градот.

Врз основа на ова може да се заклучи дека студијата не дава аргументи во прилог на тезата дека битолските моќници се изградени и структурирани и себеси се препознаваат ниту како формална ниту како неформална група на моќ. Но, овој заклучок треба да се земе со резерва особено ако се земе предвид сознанието дека прво скоро 38  од нив изјавуваат дека меѓусебно лично се познаваат и соработуваат, како и сознанието дека, скоро ист процент од нив (11 од вкупно 29-те моќни соговорници на Цветановски односно 38% биле (5) или се (6) директно вклучени во политика и/или ја наведуваат партијата. Тоа се солидни социолошки основи за градење чувство на засебен идентитет, барем до ниво на интересовн групација. Сепак, и покрај вака значајниот степен на лична поврзаност и политичка активност на битолските моќници, тие главно себеси сепак не се перцепираат како елита – само 20% од нив себеси се гледаат како елита.

Иако објективно, како стопанственици тие се економски најмоќните во градот, субјективно, т.е. во нивните очи елитноста не произлегува од економската моќ, односно богатството туку најмногу од образованието и авторитетиот и на трето место од богатството, а потоа од потоа културата и способноста.

И во врска со ова главната констатација мое да биде дека категоријата на најмоќни битолчани е хетерогена и е водена од противречни мотиви и тенденции. Имено, иако го посочуваат образованието и авторитетот како најзначајни критериуми за елитноста, прашани да издвојат пример за елитна личност како таква најчесто издвојуваат една најмалку образована личност, а најголемиот број примери за елитни личности се од областа на стопанството и политиката, а не од областа на образованието или културата! Книгата избило со вакви и слични сознанија и затоа ја препорачувам како интересно и четиво.

На крајот сакам да им честитам на издавачот и на авторот за ова издание и да се заблагодарам за укажаната чест со вас да ги споделам моите оценки и ставови за книгата.

Соработката со Пеце како негов ментор беше задоволство за мене. Тој покажа силна мотивација и спременост да совлада ридишта постојна литература (околу 150 библиографски единици, главно на англисики јазик).

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »