Press "Enter" to skip to content

Донесен законот за основање Медицински факултет во состав на УКЛО Битола

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) во својот состав ќе вклучи Медицински факултет. Овој значаен момент за проширување и збогатување на наставно – образовната дејност на УКЛО поврзан е со донесениот Закон за основање Медицински факултет во состав на Универзитетот.

Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски и раководството на УКЛО со големо задоволство ја споделуваат новоста којашто се оценува како историска и  посебно важна не само за развојот на Универзитетот, туку и за општината и поширокиот регион.

Ректорот заедно со ракводството на УКЛО (проректорите и претседателот на Универзитетскиот сенат) изразуваат благодарност до Собранието на Република Северна Македонија и сите релевантни чинители што помогнаа да се реализира една одамнешна желба и остварување на еден повеќедецениски сон и заложба на многу здравствени и научни работници.

Медицински факултет во рамки на УКЛО се основа во духот на концептот за  едукација на медицински стручњаци на стручни и академски додипломски, постдипломски студии, специјализации и субспецијализации и докторски студии како и применувачка дејност од научните полиња на медицината.

Факултетот е правен наследник на Високата медицинска школа – Битола и планирано е да има четири отсеци: Општа медицина, Стоматологија, Фармација и Висока медицинска школа. Посебно не радува фактот што втората најстара високо-образовна установа од областа на медицинските науки во државата, Високата медицинска школа – Битола основана во 1988, продолжува да работи во постојниот состав во рамки на новоформираниот факултет што ќе овозможи континуитет и нови перспективи за академско образование на стручен медицински кадар (медицински сестри, лаборанти и сл.).

Во врска со законот за формирање Медицински факултет, менаџментот на УКЛО ја истакнува подготвеноста, веднаш штом Владата формира Матична комисија за основање на факултетот, законот да се операционализира, и во соработка со научно-стручната фела од областа на медицинските науки да се докаже дека овој Регион заслужува и може да има квалитетни академски студии од областа на медицинските науки.

More from ВестиMore posts in Вести »