Press "Enter" to skip to content

Академик Глигор Каневче за почетоците на возобновениот Ротари клуб Битола: чартер документот за прием го добивме на 14 април 1998 после долготрајна и истрајна работа

Битола, најопеаниот град на Балканот, како средина со големи традиции и вредности во минатото е град и со богата ротаријанска традиција. Првиот Ротари клуб во Битола е основан на 17 јуни 1935 година во познатиот хотел „Јевтиќ. Клубот броел 18 членови, а прв претседател бил Таса Тасиќ. Клуб спонзор бил Ротари Клуб Скопје, а чартерувањето се одржало на 29 август 1935 година.

Во 1998 година со помош на проф. д-р Димитар Јуруковски, Чартер Претседател на РК од Скопје и еден од основоположниците на ротаријанството во Македонија и со менторство на Ротари клубот Скопје, возобновен е Ротари Клубот Битола.  По строгите правила на Ротари Интернационал потребна беше долготрајна и истрајна работа за повторно организирање на ротари клуб. На задоволство на ротаријанците во Битола, забележано е дека основач и носител на сите активности е Глигор Каневче, кој е првиот – чартер претседател на возобновениот Ротари Клуб Битола.

Академик Глигор Каневче за почетоците на возобновениот Ритари клуб Битола на свечениот собир на ротаријанците по повод 25 годишнината рече:

-Во опстојувањето на еден клуб, 25 годишно активно делување и не се чини особено долг период за клубот, меѓутоа, тоа е импозантен период во животот на една генерација ентузијасти кои го дадоа својот придонес во зачувувањето и понатамошниот развој на традицијата на Битола со враќање на ротаријанскиот живот во градот под Тумбе кафе. Ротари клубот Битола, формиран во јуни 1935 година и активен до почетокот на Втората светска војна, по 57-годишна пауза, повторно е примен во членство на Rotary International, во април 1998 година. Активностите за обновување на клубот започнаа во 1997 год. по иницијатива на Димитар Јуруковски, во тоа време Специјален претставник за Македонија на Претседателскиот администратор за проширување (PEA).Процесот на формирање на клубот се одвиваше во период од околу половина година, со сесрдна подршка и помош на, Митко и Питер (Димитар Јуруковски и Питер Гут), кои во меѓувреме станаа наши блиски и драги пријатели како и на претседателот, Ѓорѓе Ѓурковиќ, и членовите на нашиот спонзор клуб, Ротари клубот Скопје, и со големо ангажирање на Јован Пејчиновски од Битола.

До почетокот на 1998 годинасе формира едно јадро од 10 члена кои го регистрираа клубот во судот во Битола. Во овој период, се состанувавме во просториите на “Млекара“, Битола. Членството постепено растеше со нови ентузијасти. Откако се формира група од 24 основоположници, лидери во својата професија во локалната заедница, коишто, носени од возвишените идеали на ротаријанството одлучија да и служат на својата заедница за подобро утре и за добробит за сите, со негување на високи етички принципи во приватниот и деловниот живот, спонзор клубот РК Скопје го пријави РК Битола за членство во Ротари семејството.На 14 април 1998 година Ротари клубот Битола повторно е примен во Rotary International (РИ) и на 30 мај 1998 година, во хотелот “Молика“ на Пелистер, беше свечано одбележен и прославен званичниот прием на РК Битола во РИ и почетокот на неговото активното делување. На Чартер церемонијата, покрај сите членови на клубот, беа присутни и Питер и Митко, членовите на спонзор клубот, РК Скопје, Градоначалникот и други видни претставници на Битола, видни претставници на соседните градови, Прилеп и Ресен, министри во Владата на Република Македонија и други претставници на македонскиот естаблишмент, амбасадори (меѓу кои, еден до друг седеа и играа оро амбасадорите на Р. Турција и Р. Грција), претседатели и други претставници на голем број клубови од регионот и пошироко, претставници на медиумите, и други гости, поддржувачи на Ротари идејата. Согласно добрата пракса на РИ, присутните беа во придружба на своите брачни другари.

Чартер прославата ја отворив во својство на Чартер претседателот на РК Битола со пригодно поздравно обраќање. Следеше ротаријанската Песна на славење. Според протоколот се послужи вечерата и потоа беа претставени гостите на челната маса и гостите од другите Ротари клубови. Се продолжи со прикладна музика во изведба на афирмирани музичари од Битола. Во текот на изведбата, во кратки паузи, се обратија претседателот на спонзор клубот РК Скопје, Ѓорѓе Ѓурковиќ, Специјалниот претставник на ПЕА за Македонија, Димитар Јуруковски и ПЕА Питер Гут со прикладни кажувања за Ротаријанството. При тоа, Питер Гут ми го предаде, чартер документот со кој се потврдува приемот на РК Битола во РИ.Посебно доживување беше претставувањето на членовите на РК Битола и доделувањето на значки на РИ од страна на Питер Гут. Исто така за одбележување е и врачувањето и презентирање на подароците од присутните претставници на Ротари клубовите, гости на прославата. Клубот доби вредни уметнички дела и други прикладни подароци, меѓу кои  знаме на РК Битола, кое и ден денес се развива при одржување на состаноците и во други свечени прилики, ѕвоно со кое се одбележува започнување на состаноците и на другите настани организирани од страна на Клубот и претседателска инсигнија со златна плочка со името на Чартер претседателот, на која денес се нанижани имината на дваесет и петте досегашни претседатели на Клубот. Церемонијата заврши со изведба на ротаријанската Завршна песна. 

Основачи на Ротари клубот Битола се:  Глигор Каневче, Јанаки Папакоч, Јован Пејчиновски, Веселинка Деребанова Крстевска, Миле Босиљковски, Вангел Димовски, Јосиф Димитровски, Наум Симјановски, Кире Тромбев, Пеце Пановски, Петар Стефановски, Живко Апостоловски, Владимир Атанасов, Владе Јовановски, Нико Милоковски, Миле Дуковски, Марика Каранфиловска, Симон Наумовски, Томислав Новаковиќ, Константин Петковски, Ванѓел Торков, Живко Радевски, Јован Таневски и Раде Христовски.Во моментот на приемот на РК Битола во РИ, клубот беше организиран во рамките на Посебната зона на проширување со специјалниот претставник на РИ, Питер Гут. Во неа членуваа клубовите од Сојузна Република Југославија и Македонија. Од 1999 година, клубовите од Србија & Црна Гора, Македонија, Северна Грција и од Бугарија го формираа Дистриктот 2480. После званичниот прием на Клубот во РИ, истиот одржуваше редовни средби, секој понеделник, во просториите на Хотел Битола.

Гледајќи наназад во изминатите 25 години можам со задоволство да констатирам дека формирањето на РК Битола ги исполни очекувањата. Клубот активно и служеше  продолжува да и служи на својата заедница со истовремена соработка и другарување, проткаено со меѓусебно разбирање и толеранција, со членовите на Ротари клубовите од Македонија, од регионов како и со своите истомисленици од целиот свет.Членовите на Клубот учествуваа на сите поважни Ротари средби во регионов. Со тоа тие и клубот како целина стекнаа голем број лични пријатели кои се воедно и пријатели на Република Македонија. Во изминатите 25 години во активностите и развојот на Клубот несебичен придонес дадоа сите негови членови. При тоа, со своето дополнително ангажирање, ротарианските години ги одбележуваа претседателите и секретарите на Клубот. Во развојот на Клубот и во развојот на ротарианството во Македонија особен придонес, како поранешен Претседател на клубот, преку активноста на Координатор на Сојузот на Ротари клубовите во Македонија и Гувернер на Дистриктот 1912 за 2022-23 година, има дадено и дава Раде Христовски.

Во оваа свечана пригода, ми претставува особена чест и задоволство на сите нив да им се заблагодарам на несебичниот придонес во развојот на Клубот и во успешното делување на Клубот во својата заедница во рамките на Rotary International.“ Академик Каневче на прославата ја додели последната „Пол Харис“ значка, а досегашни членови на Ротари Клубот Битола кои добиле значка „Пол Харис“ се: Глигор Каневче, Раде Христовски (четирикратна), Владимир Атанасов, Константин Петковски, Драган Дамјановски, Владе Јовановски, Александру Мамакис, Јован Пејчиновски, Мирко Велковски, Драги Милошевски, Ратко Христов, Игор Неделковски, Борче Стојановски, Васко Талевски и Томе Тромбев.

Сашо Ристевски

More from ВестиMore posts in Вести »