Press "Enter" to skip to content

Мултимедијална промоција на книгите на Љупчо Јолевски во рамките на “Џез фактори фестивало“ во Битола (фотогалерија)

Пред музичкиот дел на 7. издание на “Џез фактори фестивалот“ во Битола, се одржа промоција на книгите на новинарот и публицист  Љупчо Јолевски, “Радио“ и “Неправилен ритам- Приказни од современата македонска музичка сцена“, во Центарот за култура.Авторот заедно со повеќе уметници направија мултимедијална промоција. За музичкиот дел се погрижија Јордан Костов и Глигор Кондовски, а водител беше актерот Игор Трпчески.Дел од промоцијата беа и видео пораките на Крсте Роџевски, Бранко Николов (Фолтин), Сашо Поповски.На промоцијата говореше и рецензентот, Дејан Трајкоски.-Во нашиот медиумски контекст, Јолевски е УЧИТЕЛОТ. Се разбира, воопшто не е претерано да се каже така. Всушност, неправедно е да не се каже така. Затоа што на прстите од една рака се бројат луѓето со повеќедецениски стаж коишто со елан на младич пишуваат за состојбите во културата, а со таква силна наобразба. Доказ за тоа е тоа што, барем во музиката, нема новинар којшто подобро ја знае не само џез музиката, туку и музиката на светот, домашната андерграунд музика, и кој во исто време бил активен сведок на цела една повеќе од четири децениска музичка, но и културна историја, истакна Трајкоски.Присутните воодушевени, а авторот Јолевски истакна:-Многу ми е драго кога ќе слушнам дека некој си поминал добро на некоја промоција. Кога ги подготвував моите две книги сакав да направам нешто што ќе ги надмине рамките кои се веќе востановени, работејќи и во електронски медум, но и во печатен, решив да направам магазински тип на книга, каде подеднакво важна ќе биде и фотографијата, но и пишаниот збор. Да се сретнат двете работи, да се вкрстат и да се направи нешто ќе го испровоцира читателот и визуелно, меѓутоа она што ќе го прочита, барем малку да му отвори некоја нова страница, некој нов видик, некои нови авантури да му донесе. Треба да се излезе од постоечките рамки и на промовирање на едно дело, музика, настан и додаде:-“Радио“ е објавена пред пет години и е книга која се занимава не со радиото како медиум, туку со нешто друго, со сето она, што, како културна рубрика која Јолевски или како новинар, во културната рубрика на Радио Слободна Европа, успеа да го вообличи во радио прилог, во интервју, рецензија, во осврт, нешто што беше емитувано на програмата, нешто што, беше трка со времето, стигна на време, сето тоа, да излезе во час, час и половина, прво како текст, па како радио прилог, па потоа како, веб-сајт.

-“Неправилен ритам“ се занимава со современата музичка сцена, книга во која на 800 страници се поместени бројни интервјуа, со по авторот најзначајните ликови на она што претставува наша музика, македонска музика: Анастасија, Архангел, Влатко Стефаноски, Леб и сол, Симон Трпчески, Дарија Антовска итн.На самата промоција вниманието го привлече девојчето кое едноставно се качи на сцената и танцуваше додека одеше видео записот на Сашо Поповски.

-Иднината на македонската култура, танцот, македонскиот џез“ коментираа сите. “Неправилен ритам“ е посветена на трите внуци на Јолевски.-Книгата е посветена и на сите оние деца, идни генерации кои ќе имаат услови да направат нешто повеќе за нашата Македонија, ваква каква што ја знаеме, што би рекол Симон Трпчески центарот на светот и Македонија лулка на културата, додаде Јолевски на промоцијата.Љупчо Јолевски професионалната новинарска кариера ја започнал во почетокот на 1980-те во весникот на младите на Македонија – „Млад борец“. Безмалку едновремено со почетокот од Интердисциплинарните студии по новинарство на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Најнапред бил соработник, потем и новинар и уредник на културната рубрика во Редакцијата.Јолевски со свои текстови бил присутен во ревијата Екран, изданијата на Детска радост – посебно НАШ СВЕТ, во НОВА МАКЕДОНИЈА (соработник на Оливер Белопета во подготовката на саботната Музичката страница), магазините „Рок“, „Време – забаве“, „Македонско време“, „Град“… На почетокот на новиот милениум Јолевски од МРТВ заминува во Телевизија Скопје (подоцна Алфа) и неделникот „Старт“. Од таму, патот го води во ДНЕВНИК, каде скоро четири години бил новинар и уредник на Забавната рубрика. Паралелно, цели деценија и половина ја водел сопствената музичка авантура „Скопје, Париз – Тексас“ на РАДИО РАВЕЛ, бил уредник и на македонскиот месечник за култура LIFE MAGAZIN.

Речиси од самото основање на Радио Слободна Европа на македонски јазик и се до пензионирањето (октомври 2022 година), Љупчо Јолевски беше новинар и дописник на овој светски медиум. Инаку, Љупчо Јолевски има објавено две книги „Радио“ и „Неправилен ритам – Приказни од современата македонска музичка сцена“ и за својата долгогодишна работа во новинарството минатата година ја доби наградата „13 ноември“ што ја доделува Град Скопје.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »