Press "Enter" to skip to content

Општините од Југозападниот и Пелагонискиот регион чекор поблиску кон интегриран систем за управување со отпад

На 02 април 2024 година, во просториите на Општина Новаци се одржа регионален настан под име „Одржливи општински услуги во секторот отпад – Предизвици и патот напред“.

Целта на настанот беше да обезбеди поддршка на регионалниот систем за управување со отпад во Пелагонискиот и во Југозападниот плански регион преку презентација на резултатите од спроведените анализи, плановите за развој и креирање форум за соработка помеѓу општините во двата региона, во рамки на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“.

Настанот го отворија: Стевче Стевановски – Градоначалник на Општина Новаци,  Микаел Атерхог – Раководител за развојна соработка при Амбасадата на Шведска во Северна Македонија, Душица Перишиќ – извршен директор на ЗЕЛС и Пеле Халберг – меѓународен експерт од САЛАР Интернационал, а беа присутни 8 градоначалници и претставници од 15 општини од двата региона. Во своите обраќања говорниците ја истакнаа важноста на проектот кон воспоставување интегриран систем и одржливи практики за управување со отпад во двата региона.На настанот беа презентирани постигнатите резултати од проектот: усвоените локални акциски планови за управување со отпад во 14 општини како и извршената проценка на капацитетите на општините да испорачаат интегрирани и инклузивни комунални услуги.

Беа презентирани конкретни мерки за подобрување во општинските администрации, инфраструктурата, финансиската стабилност и подигнување на јавната свест за одржливо управување со отпадот, а беа споделени и резултатите од извршената анализа на ризиците од пожари на депониите и мерки за нивна превенција.На настанот беа споделени и практични примери од Шведска за подобро управување со отпадот преку меѓуопштинска соработка и зголемување на ефикасноста низ заедничко користење на достапните ресурси.

Настанот исто така се осврна и на претстојните чекори кои општините треба да ги преземат за воведување на регионалниот систем за управување со отпад, а особено на формирањето на регионалното комунално претпријатите и утврдување на локациите за изградба на претоварните станици.

***

Проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“ е финансиран од Сида (Шведската агенција за меѓународна развојна соработка), а имплементиран од Шведската асоцијација на локални власти и региони (САЛАР) и нејзината подружница САЛАР Интернационал.

More from ВестиMore posts in Вести »