Press "Enter" to skip to content

Свето Благовештение-Благоец, празник на радостната вест и на пролетната убавина, прв Велигден

-Празникот Свето Благовештение, меѓу народот познат како Благовец, Благоец, Блошчојне и сл. се смета за тежок празник, а некои го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благовец, прв Велигден”.

-Се празнува точно девет месеци пред Божик, во чест на таа блага вест што ангелот, архангел Гаврил, и ја пренесол на Света Дева Марија.

Празникот Свето Благовештение се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април според новиот, или на 25 март според стариот календар. Меѓу народот повеќе е познат како Благовец, Благоец, Блошчојне и сл. и се смета за тежок празник поради што тогаш не се работи. Тогаш се оди на именден кај оние што имаат име Благоја, Блаже, Благојка, Благица  итн.

Свето Благовештение е Богородичен празник, односно еден од празниците посветени на Пресвета Богородица. Тие се поврзани со животот на Божјата Мајка, но и со самиот Исус Христос и затоа се семта за двоен празник: Господов и Богородичен. Господов, бидејќи на овој ден Господ Исус Христос се воплотил – зачнал, а Богородичен, бидејќи Богородица постанала Божја мајка. Овој ден се смета и за ден на мајките, затоа што Богомајката Богородица е заштитничка на сите мајки кои зачнале и станале мајки. Тоа е ден на мајката која дала нов живот. Тогаш децата и благодарат на мајката, ја гушкаат и и даваат дарови во знак на љубов, почит и внимание. Мајките, пак, ги благословуваат децата и тие да имаат свои рожби и радости.

Светото предание раскажува дека еднаш кога покрај прозорецот Света Дева Марија го читала Светото писмо, во книгата на пророк Исаија прочитала дека „Девица ќе зачне и ќе роди син и ќе му го дадат името Емануел”, возбудена помислила дека кога би знаела која е таа девојка би и служела до крајот на животот. Во тој момент до неа долетал архангел Гаврил кој и соопштил дека таа е девојката одредена од Бога што ќе го роди Спасителот. „Радувај се благодетна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените”.

А кога Света Дева Марија помислила: „Каков ќе биде овој поздрав?”, ангелот и рекол: „Не бој се Марија, зашто си нашла милост пред Бога; и ете ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш син и ќе го крстиш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече син на севишниот и ќе му го даде Господ Бог престолот од неговиот татко Давида и ќе царува над домот Јаковов секогаш и царството негово нема да има крај”.

На тоа Марија зачудено прашала: „Како ќе биде тоа кога јас не знам за маж?”, на што ангелот и одговорил: „Светиот дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече син Божји”. (Лука 1/27-35).

Во чест на таа блага вест што ангелот и ја пренесол на Света Дева Марија црквата го востановила празникот Свето Благовештение или Благовест што се празнува точно девет месеци пред Божик.

Во Назарет, точно на местото на кое Архангел Гаврил и ја пренел на Богородица радосната вест била подигната црква во спомен на тој настан. А ако имаме цркви посветени на овој настан зошто да не претпоставиме дека имало и празник посветен на светото Благовештение, уште повеќе што овој настан отсекогаш имал значајно место во животот на христијаните. Почетоците на овој празник датираат од крајот на 4 или почетокот на 5 век, а  сигурни податоци за неговото празнување имаме од 6 и 7 век.

Во првиот ден кога го пратил Господин Бог ангело од небеси да је кажи оти ќе го роди Риста, беше се отворило небото, кога слегувал ангелот, од радост дека ќе појдел на земјата при Марија да је однеси благ абер. За оти се отворило небото тогај, било верно, чунки и ден денеска чекаат луѓе ноќта спроти Благоец да му се отвори и да сакат богатство од Бога. Меѓутоа, не само од небото туку и од земјата луѓето очекувале богатство на овој ден. Така на пр. некои луѓе на овој ден шетале низ полето и во планините и гледале да видат некаде од земјата да излегува оган и тамо имало пари.

Поради тоа што Благовец е благ ден тогаш, се верува дека и раната не боли па на малите деца им ги дупат ушите за обетки. 

Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници, штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот, славејот и др. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег. За кукавицата се вели дека и таа радувајќи се на овој благословен ден отворала уста и кукала, но никогаш не кукала пред Благовец како што пупал пупунецот. Се верува дека ако наутро гладен, како што се вели на гладно срце слушнеш некоја од овие птици, ќе те разбие и не ќе имаш напредок во текот на годината. Затоа луѓето веднаш по станувањето каснувале барем еден залак леб.

Според верувањето Благовец е благ ден не само за луѓето, туку и за птиците, имањето, (домашните животни), за ѕверовите, па дури и за арамиите. Многу животни што ја преспале зимата на Благовец ќе се разбудат и ќе се размрдаат, ќе излезат надвор од пештерите, дупките и другите живеалишта за да го видат благиот ден и да му се порадуваат. На Благовештение сите змии се собираат на големи купишта, тогаш и царицата им излегува од дупката и таа има на главата камче, и оттогаш змиите не касаат. 

Иако паѓа во тешките велигденски пости на Благовец се јаде риба. Дури  тоа се смета и за потребно. Стефан Тановиќ забележал дека во Гевгелиско тоа се правело за здравје. Затоа и сиромасите се труделе да купат риба. 

На Благовец излегувале арамиите зашто верувале дека ако излезат на тој благ ден ќе спечалат многу благота, многу пари и нема да им се стори некоја штета.

Тропар: Свето Благовештение, Денес е почетокот на нашето спасение и откривање на вечната тајна. Синот Божји станува син на Дева и Гаврил објавува блага вест. Затоа и ние да извикнеме кон Богородица: Радувај се Благодатна, Господ е со тебе!