Македонскиот мотоциклист Синиша Кочоски со одличен настап ја започна новата авантура во најсилната класа во БМУ Европскиот шампионат, каде го брани трофејот освоен минатата сезона. Членот на „ Silent Hunters“ од Битола имаше забележителен настап во првиот викенд од новата сезона, откако на патеката во Серес, Грција освои прво и второ место.
Во првата трка одржана во саботата, Кочоски успеа да го „грабне“ првото место и да ја запише дебитантската овосезонска победа, додека во втората трка заврши на второто место.Треба да се напомене дека Кочоски новата сезона ја започна со нов мотицикл, откако шампионскиот „Кавасаки“ замина во историја и ќе ја красни неговата гаража. Шампионот во новата сезона ќе води мотоцикл од брендот „БМВ“.
-Задоволен сум од пласманот во првите две трки. Како и секој почеток, така и овој е многу тежок. Полека се прилагодувам на новиот мотоцикл затоа што се работи за две различни конфигурации и треба време да се прилагодам целосно за да бележам подобри резултати. Сепак, среќен сум што сезоната ја започнав со победа и второ место. Ветувам дека и во текот на целиот шампионат, јас и мојот тим, ќе го даваме максимумот за да оствариме нов голем успех. Сакам да им се заблагодарам на спонзорите и семејството кои и оваа сезона се мојата најголема поддршка, рече Кочоски.