Press "Enter" to skip to content

Вековната традиција продолжува, Лазарева сабота се уште се празнува во Буково кај Битола (фото+видео)

Во селото Буково, кај Битола празникот Лазарева сабота, се уште се почитува и празнува. По тој повод девојчињата се облекуваат во селска носија, која своевремено се сметала за свечена, изработена со повеќе детали и везови.Речиси секоја фамилија чува по една или повеќе селски носии, за да ги остави во наследство на помладите. Носијата е составена од фута (престилка), долама (елек), кошула (бел, ткаен фустан), појас и грло и други детали, цветови, бисери како украс, вели Елизабета Каровска, претседател на здружението “Президиум“ од Буково, која и сама како дете била дел од оваа вековна традиција, и додава:

-Косите ги плетеле во плетенка. Девојчињата, одат од куќа во куќа, каде пеат наменски песни, по желба на домаќинот, на пример за мало дете, за млада невеста, млада девојка, ерген и слично.Во суштината на секоја песна се содржи благослов, за возврат домаќините им даваат пари и јајца, во знак на дочекот на празникот Велигден.

Една од најпознатите песни е Димо, црвено јаболко,

Каде си везден шетало (х2)
Везден те мајка барала,(х2)
По твој другари прашвала, (х2)
Дал го видовте Димуша,(х2)
Видовме што го видовме,(х2)
Долу в зелени ливаѓе,(х2)
Секакво цвеќе береше,(х2)
На млади моми даваше,(х2)
На млади моми лазарки….(х2).Интересно е што, наместо на Лазарева сабота, оваа традиција се одржува на празникот Цветници во недела.

Се смета дека оваа традиција постои повеќе од 150 години и се негува се уште.

Жанета Ристевска

More from ВестиMore posts in Вести »