Press "Enter" to skip to content

Денес е Велика Среда, помазувањето на Христа со скапоцено миро и Јудиното пpедавство на Христа

На Велика Среда се одбележуваат три значајни настани: Последното претсмртно помазание на Господа, Заговорот на јудејците за да го убијат и Јудиното пpедавство на Христа за триесет сребреници.

Христовото помазание во Витанија била слатка капка, а Јудиното предавство, горка капка во чашата Господова. Овие две личности, засекогаш остануваат претставници на двете групи луѓе, кои различно приоѓаат кон Господа и кон спасението на душата.

Христос е помазан со миро во Витанија (Матеј 26,6-13; Марко 14,3-9; Лука 7,37-50; Јован 12,1-8). Според евангелските сведоштва, Господ Исус Христос и апостолите ноќта ја поминале „во Витанија, во куќата на Симона Прокажениот“ (Матеј 26,6). Во Евангелието, коешто се чита на Предосветената Литургија (Матеј 26,6-16), се вели дека токму на тој ден некоја жена излила миро врз главата на Господа Исуса Христа (Матеј 26,7). Со тоа, таа Него Го подготвила за погребение, како што рекол и Самиот Он (Јован 12,7).

Тогаш Јуда, воден од страста на сребрoљубието, увидувајќи дека нема никаква материјална полза од неговото следење и гневен на својот Учител, оди кај првосвештениците и преговара за предавството. Тројца од Евангелистите зборуваат за советувањето на првосвештениците со старешините јудејски околу погубувањето Христово.

Плашејќи се од народни немири, се договориле да Го фатат со лукавство, во тајност и скришност, по завршувањето на пасхалните прослави. Но бидејќи нашле предавник кој би можел тајно да го предаде, и обземени од бесот, решиле тоа да го сторат дури и порано, за време на Пасхата. Овој собир се одржал во дворот на првосвештеникот Кајафа, чие вистинско име било Јосиф, зет на претходниот првосвештеник Анан. Самата цена која била понудена, и за која Јуда не преговарал, е само исполнување на пророштвото Захариин.

На Велика среда во некои краеви почнуваат да ги фарбаат велигденските јајца. На овој ден се забранува перење, пиење, веселба. Не треба да се работат тешки работи по дома.