Попладнево во кино “Манаки“ во Битола се одржа историски час посветен на годишнината од одржувањето на Смилевскиот конгрес во 1903 година, настан кој што е еден од важните одредници во македонското национално ослободување.На присутните во име на организаторот, здружението на граѓани за почитување на прописите, им се обрати и Васко Костевски, кој го нагласи значењето на Смилевскиот конгрес во 1903 година, затоа што одлуките кои се однесуваат на националното достоинство за нас македонците се важни и во 21 век.Историскиот час беше насловен “Време на одлука“, а кој присутните имаа прилика да чујат неколку аспекти за Смилевскиот конгрес, кои ги изложи професорот д-р Ванчо Георгиев, кој уште еднаш потврди дека само науката, аргументите, принципиелното претставување на фактите се најсилната одбрана на македонското национално достоинство.-Согласно одлуките од Солунскиот конгрес, на 2 мај 1903 година, во с. Смилево – Демирхисарско, започнал окружниот конгрес за Битолскиот револуционерен округ – Смилевскиот конгрес. Ништо не е случајно. Битолскиот и Серскиот револуционерен округ биле најподготвени за отпор против теророт и тиранијата. Битолскиот, требало да го анимира Дамјан Груев, а Серскиот, Гоце Делчев. Време на одлука – Смилевскиот конгрес, патоказ за нас македонците и во 21 век. “Горе над Бигла снегот се стопил, Црна ги корне бреговите, Смилево са ноќ стражари будно, на конгрес се војводите. “Одлуките се пресудни, но тие произлегуваат од идеите и нивната бесмртност“, беше речено на историскиот час.
Модератор на историскиот час беше Јулијана Мирчевска, а рецитал имаше Васко Мавровски.